Пречекот на Заев во Берлин од денешен аспект може да значи дека термин за старт на преговорите со ЕУ официјално ќе има наесен. Премиерот ги откажа вонредните избори, ќе има реконструкција со поголем број нови министри. Вредеше ли уцената со отставката на Заев во релациите со Брисел? Само францукиот амбасадор Тимоние си остана истиот „теренец“, најголемиот скептик на Балканот во однос на проширувањето на Унијата продолжи да го шири својот песимизам како да се работи за разгорување на малите сипаници
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Понекогаш е многу проблематично да се издава весник, особено неделник, кога брзите промени на настаните го обесмислуваат она што ќе излезе, во нашиот случај на – екранот. Што ќе значеше насловот и текстот за клучното прашање, нашиот почеток на преговорите со ЕУ ако во вторникот, 11 јуни, објавивме било што а постои веројатност дека на средбата Меркел-Заев на 13 јуни да се случат драматични поводи за промени во нашата внатрешна политичка ситуација? Добро, резултатот од таа средба е познат ама потоа не се знаеше што може да се случи на партиската средба на врвот во СДСМ во Инекс Горица во Охрид, закажан за недела, 16 јуни?
Добро, овој текст е пишуван во две временски отсечки, во исчекувањето на социјалдемократскиот самит, пред чие одржување сваќате дека на денот кога ќе излезе одложениот број одново имате друг настан кој битно ќе определува многу важни нешта за нашата земја – се работи секако за средбата во Луксембург на министрите за внатрешни и надворешни работи на членките на Унијата. Состанок на кој се’ е можно. Како што многу малку беше можно да се дознае од појавата во темно синото палто на канцеларката Меркел што го извлече од планарот (во кој наводно „владее хаос“, според германските медиуми) за средбата со Заев, Османи и Димитров.
Значи да појдеме од таа средба.
Темносиното палто на канцеларката Меркел, како избор за таа средба, означи сериозност и стаменост, никако не одразуваше радост во ситуацијата во која се наоѓа. Таа мораше да води сметка за европските релации, конкуренцијата со Франција и самиот Макрон, ситуацијата во регионот… Впрочем, темно синото палто е машка стандардна работна верзија за политичарите, па тоа можеше да значи дека таа сака да делува цврсто за собеседниците. Затоа основниот впечаток на таа средба од аспект на модната „кремљолопгија“ (обид да се купат информации од штурите извори, кои се базираат на споредни нешта) покажа од стартот дека канцеларката сакаше да остане завиткана во таинствената тишина со која таа ја следеше оваа ситуација со Северна Македонија последните месеци! Такви беа и соопштенијата што ги издаде нејзиниот кабинет – посебно првото, додека второто беше поопширно, ама не и многу детаљно во однос на прашањето: ќе ни го даде ли Меркел датумот?
Веројатно, најголема „збунка“ имаше во македонската делегација, бидејќи концентрацијата на нашата јавност кон датумот што ќе стигне од Берлин дури беше посилен од изборот на плажа во соседна Грција за време на продолжениот викенд за Духовден.
Интересот тука е јасен – секвелот на дилемата тука ја отвора темата: вредеше ли да се притиска со отставка од страна на премиерот Заев, упатена кон лидерите на ЕУ, ако нема се уште сигурен датум за старт на преговорите со ЕУ или таа стратегија сепак вроди со плод, што би го потврдила како исправен коцкарскиот манир на премиерот? Се чини дека веројатниот октомври како датум е сепак резултат на фактот што некој се труди на Албанија, одвнатре, до толку да и го влошува ликот во европското огледало, што вториот вагон кој требаше да влезе во бриселската станица сепак ќе биде раздвоен. Така, одговорот на прашањето за инсистирањето на датум во јуни или јули едноставно се реши надвор од нас, со редоследот на потезите кои се случуваат во непосредната околина.
Впрочем, на ова вреди да се надоврзе и изјавата на германскиот амбасадор Геферих, првиот од редот на претставниците на ЕУ кој „зеде збор“ по долг период на молчење, кога само се слушаа предавањата на францускиот амбасадор Тимоние, најчесто со непријатни проповеди. Геферих без палто, со слободно пуштена кошила над коланот, едноставно појасни, што би рекле, од трет обид кога се неговите власти во прашање, да признае дека ние годинава секако имаме старт на преговорите со ЕУ! Тој во изјавата, дадена на брегот на Преспанското езеро, носеше светло сина кошула, ако може да забележиме!
Од македонската влада веќе рекоа дека се задоволни од она што го слушнале од Меркел на средбата. Во официјалното владино соопштение се наведува дека септември останува месецот кога Бундестагот ќе расправа и, со голема веројатност, ќе го одобри стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Потврда за таквата најава претходно стигна и од пратеникот на ЦДУ во Бундестагот, Јохан Вадефул, кој во изјава за Франкфуртер алгемајне цајтунг рече дека во септември ќе биде одобрен почетокот на преговорите.
Соопштение издаде и Кабинетот на германската канцеларка, но во него нема ниту збор за ЕУ перспективите на земјата, што беше доволно главната опозициска партија кај нас да влезе во шемата на бесконечно потценување на се’ што кај нас се прави во последните две години.
За средбата од Берлин се информираше под наслов „Зацврстување на стабилноста на Балканот“ и се наведува дека на разговорите, освен за билатералните односи, станало збор и за надворешно политички и европски прашања.
Она потоа остана како отворена енигма беше информација дали е променет ставот на Заев дека доколку не се добие датум за преговори во јуни тој ќе го врати мандатот за состав на владата? Од владиното соопштение по средбата со Меркел може да се насети дека Заев веројатно сепак го прифатил одложувањето на дебатата во Бундестагот како реалност која сега не може да се менува.
Имаше ли претерана нервоза во нашите редови?
Во текст насловен „Дали Северна Македонија ја губи желбата за Европа?“, авторот Михаел Мартенс направи пресек на ставовите во Берлин и Скопје околу добивањето датум за почеток на преговорите, и значењето на тој потег за македонската влада.
Централно место во анализата има улогата на Бундестагот, односно одлуката на мнозинството во него, да се одложи расправата за Северна Македонија за крајот на септември годинава. Од една страна, ФАЦ пренесува дека во Скопје нема разбирање за одложувањето на расправата во ситуација кога земјата уште во февруари годинава го затвори спорот за името со Грција, и веќе 15 години чека на почеток на преговори. Во Скопје не го прифаќаат ниту аргументот дека одложувањето се случува поради одлуката на Европската комисија да го објави извештајот за напредокот дури по завршувањето на изборите за Европскиот парламент.
„Уште во февруари им беше јасно на сите заинтересирани дека Европската комисија, како и шест пати претходно од 2009 година, ќе препорача почеток на преговорите“, пишува ФАЦ.
Но, пратеникот на ЦДУ, партијата на канцеларката Меркел, Јохан Вадефуп ги отфрла ваквите критики на сметка на Бундестагот.
„Ние имаме одговорност пред нашиот народ, особено кога станува збор за една позитивна одлука за почеток на преговори. Мораме на нашиот народ точно да му објасниме, зошто сме рекле Да“.
Од ЦДУ за ФАЦ велат дека „не разбираат зошто е толку голем проблем одложувањето за три месеци, особено што е веќе решено дека отворањето на првите поглавја од преговорите ќе се случи во декември“.
„Што се однесува до Северна Македонија, според моите сознанија и проценки, можам да кажам дека земјата на крајот на септември ќе добие согласност од мојата пратеничка група и од Бундестагот“, тврди Вадефул. Притоа тој предупредува дека „не е од помош, ширењето страв од трети сили или земји“- став кој може да се смета за директно отфрлање на изјавите на премиерот Зоран Заев оти Русија или Кина ќе го засилат своето влијание во земјата.
ФАЦ понатаму се прашува „дали состојбата е навистина толку драматична како што ја претставува Заев“ од аспект на неговите најави дека Владата може да падне и дека ќе треба да се распишат предвремени избори.
Во разговор за весникот, поранешен неименуван пратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека партијата нема никаков интерес за нови избори во моментов.
„Подобро е владата да се мачи уште некое време на власт за сите гласачи да ја видат лагата на нивните ветувања дека во замена за промена на името ќе добиеме почеток на преговори како награда. Настаните ги потврдуваат нашите тврдења. ВМРО уште во 2018 предупреди дека Македонците на крај ќе останат без своето државно име, и освен топли зборови нема да добијат ништо друго“, ја пренесува ФАЦ изјавата на функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Коментар на тема датум за преговори со ЕУ неодамна објави и влијателниот економски дневен весник Ханделсблат.
„Франција, Холандија и Данска се скептични во однос на проширувањето на ЕУ. Во Германија потврда мора да даде Бундестагот, но нема да го постигне тоа пред летната пауза. Европската Комисија предолго го држеше предлогот под притисок на скептиците за проширувањето. ЕУ го блокира партнерот. И тоа е фатално. Затоа што кога-тогаш трпението ќе има крај, и тој ќе се сврти на друга страна во лутина и разочараност. Токму тоа го посакуваат Русија, Кина и државите од Заливот кои се борат за влијание во регионот.
Аргументите на противниците на проширување не треба да се отфрлат: Недостатокот на владеење на правото и лошите економски перспективи се проблем. А ЕУ веќе има доволно проблеми. „Но: отворањето на преговорите со кандидат за членство во ЕУ, не значи дека таа земја следната година ќе стане членка. Преговорите за членство со ЕУ траат со години. Притоа, тие се подобра мотивација за реформи во државата отколку празните ветувања од кои полека исчезнува надежта дека некогаш ќе бидат остварени“, коментира Ханделсблат.
Во меѓувреме – овој пат во корист на амбициите на земјава – се откри и холандскиот став. Тамошниот парламент индиректно даде дозвола Европската унија да ги започне преговорите со Македонија, откако не беше прифатена од страна на мнозинството резолуцијата на неколку холандски пратеници кои бараа да се блокира „датумот“ за нашата земја. Како мала снежна топка, овој став ги омекна срцата на француските и германски политичари па тие и дадоа повисок квалитет на македонската аргументација, пуштајќи ја топшката да се тркала надолу и да се зголемува. Нема охрабрување меѓутоа за албанската надеж, која очевидно во овие околности ја стопи било чија трпеливост во Унијата! Впрочем, јавноста на Западот ги гледа огромните проблеми во стабилизација на состојбите во Тирана. Тие едноставно се продлабочуваат а посетата на Брисел на албанскиот премиер не вроди со плод, бидејќи тој самиот реши, по враќањето од седиштето на Унијата, да не даде пример кој охрабрува, туку ги заостри внатрешните нетрпеливости – сега ќе има импичмент за претседателот на државата. Во таа ситуација, кога згора во оставка се и повеќе од половина на членовите на Уставниот и Врховниот суд (!) нема збор дека немат елементарни услови да се направи било каков пазл на тема – стабилност кај западниот сосед.
И така стигнавме до она што Зев решил. Кај него очевидно има се уште претпазливост – предвремени избори нема да има ама ќе има сериозна рконструкција. Но си даде една недела за таква одлука! Дали и тој сепак чека за да нема изненадување кое би дошло од Луксембург?