Дали градските проекти ќе зависат од антиестаблишмент советниците? Каква е ситуацијата во Советот на општина Центар?
Со 21 советник од редовите на СДСМ на советничката листа на Градот Скопје, на досегашниот градоначалник Петре Шилегов му беше многу поедноставно да менаџира со метрополата, отколку што тоа ќе му биде на новиот прв човек на градот – Данела Арсовска. Ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, не успеаја да освојат мнозинство на советничката листа, за кое се потребни 23 гласа.
Граѓаните како за миг да покажаа дека не сите веќе веруваат во двата големи политички „мастодонти“ и дека сакаат промени од овој двоец кој се менува на своите владејачки позиции во изминатиот долг период. Советничките листи на Град Скопје се чинат како добар почеток на влегувањето на независниот и „третиот“ граѓански глас во ликот на помалите политички опции во каналите на локалната власт, токму каде што се носат непосредните одлуки за секојдневието на граѓаните! Или, наводниот анестаблишмент глас кој се појави на овие локални избори изгледа како старт на една традиција која ќе потрае, сметаат дел од експертите.
А, сегашниот распоред на силите на новата советничка листа на Скопје изгледа вака, ВМРО-ДПМНЕ успеа да освои 18 советници, што е за еден советник повеќе од досегашниот состав, додека, пак, СДСМ сега ќе може да смета само на 12 советници.
ДУИ освои пет советнички места, што е за две повеќе од пред четири години, додека, пак, Левица сега има четворица советници, наспроти еден во претходниот совет.
Исто така, по две советнички места во Град Скопје имаат и Алијанса за Албанците/Алтернатива, потоа Група избирачи – Драгана Велковска, зад кои стои иницијативата Зелен хуман град, како и ЛДП/ДОМ, кои на локалните избори настапија одвоено од својот владин коалиционен партнер.
За мнозинство во Советот на Град Скопје се потребни 23 советнички места, нешто што го нема никој на своето изборно конто.
Со оглед што ниту една од овие две партии нема обезбедено мнозинство во Советот на Град Скопје, како новиот градоначалник, кој и да победи, ќе може да ги носи одлуките и всушност да работи на решавање на градските проблеми, го прашуваме долгогодишниот политички аналитичар, Петар Арсовски.
Тој вели дека пред идниот глордмер ќе претстои еден тежок четиригодишен мандат.
„Се еден збор, многу тешко. Тесното мнозинство во советот, ако го има воопшто, ќе направи идниот градоначалник да биде заглавен во партиска борба во текот на својот мандат. Доколку партиите не најдат заеднички јазик и некаква општа визија за градот, ќе гледаме постојано препукувања, напади и неконзистентни политики“, објаснува Арсовски.
Какви се неговите очекувања за тоа кој ќе го формира мнозинството, Арсовски смета дека советниците секогаш имаат тенденција да се приклонат кон победникот.
Дали оваа шареноликост ќе значи можност за демократизација на Советот или, пак, можеби врзување на рацете на новиот градоначалник кој и да биде. И дали, со оглед на фактот што во Советот ќе има и членови на Левица, „зелените“, ќе значи и промена во начинот на менаџирање на градот.
Според Арсовски, ова всушност ќе значи дека градоначачката нема да има фиксно и слепо мнозинство за сите одлуки, што е добро.
„Тоа можеби значи дека дел од помалите граѓански коалиции можат да бидат ‘совест’ на советот. Но, истовремено, ќе значи и помалку ефикасност. Долгорочната статична ситуација помеѓу двете поголеми партии направи притисок за трети и независни опции. Антиестаблишмент гласот се појавува на овие локални избори, и таа тенденција нема да ја снема. Треба да очекуваме дека гласот кој го добија овие опции во советите, ќе го направи мандатот тежок за било кој градоначалник“, вели аналитичарот Арсовски во разговор за Фактор.