Дневниот распоред за нашите Обединети опозициски телевизии покажува дека максимално треба да се елиминираат ликовите на Пендаровски и Османи а право на присутност е дадено за Ванковска, во оваа фаза од борбата за вилата Водно. Колку за Силјановска евидентно има план нејзината слика и тон допрва да се засилува, како и онаа на Таравари
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
„Па се разбира жена“ – не заплиснува со својата енергичност, па и лутина од екранот една пазарџика, која додава дека сите други (!), значи мажите, се покажале „фотелјаши“. Анкетата е просто уфрлена во стартот на утринската програма на Македонската телевизија, кога очекувате вести кои треба да ви бидат ориентир за тој ден со вести да проодноста на патиштата, ќе има ли некој кварт струја и вода… Но како што сум кажал и друг пат, утринскиот политички сегмент во најраните часови на националната телевизија умее перфидно да ја искористи вашата недоволна расонетост да ви влезе под кожа место кафе или чај во желудникот и да постигне „задоволителни поени“ кај шефовите. Оние надвор од зградата наречена Стојанка. Во оваа анкета, емитувана околу седум часот наутро на 28 февруари, како и поголем број од она што како таков жанр едноставно не е најавена соодветно, не се слуша прашањето од новинарот, што е елементарно правило, а од одговорите на прашаните треба да заклучиме дека не била само дилемата – каков претседател треба да имаме, туку имало и сугестија – од кој пол треба да биде!
Перфидноста на анктеите
Па и лично сум искусил една таква утринска анкета на МТВ за цените, на артикллите некаде во септември, каде бевме влезени само тројца а само јас бев со кесите во рака, додека другите (две анкетирани жени) според местото каде беа сопрени а поминуваа на пристојно растојание од маркетот и барем едната од нив е политички силно ангажирана, можете да претпоставите во која партија. А мојот одговор беше селектиран, исечена суштината а задржано парче од реченица што на анкетарката и одговарало.
Но, анкетите се познати, тие се перфидни форми на силување на сликата за стварноста на нашите тв екрани. Во случајот тоа е прогласување на отворена и пристрасна битка за претседателската вила на Водно, онака без фанфари, „за Власите да не се досетат“.
Впрочем, ние имаме една нескротена, постојана жестока кампања која е емитувана од Палатата Татарчев постојано и без усул. Шефот на ВМРО ДПМНЕ Мицковски треба во сите вести, од утрото да биде прв со комплетно аудиовизуелно претставување. Како за добро утро. Може и вчерашна вест. По било кој повод. Потоа можат да следат другите од јавните личности, по можност само со фотографија, но никако да не се претставуваат оние кои се рамни на него по функцијата или, не дај боже, да се потенцијален конкурент на нивната кандидатка за претседател на државата Гордана Силјановска.
Минхен, Минхен и беше Минхен ама не кај нашуте телевизии
На пример, безбедносниот собир во Минхен од неодамна ќе добие минимален одек во телевизиските вести, особено ако треба да се спомене Пендаровски. За другите двајца присутни таму – техничкиот премиер или министерот за надворешни работи да не говориме (исклучок може да бидат телевизиите на албански јазик, каде немам увид). А не дај боже некој уредник да помисли дека треба да ги покани да поразговараат за она што се случуваше таму. Дури и пост фестум. За потсетување за тоа колку значаен собир се работи, да се потсетиме дека токму на еден таков собир во Минхен е одлучено да се поттуркаат преговорите на земјава со Грција што вродија со Преспанскиот договор. Односно на друга страна довеоа до паролата – Никогаш северна, зад која стоеше секако „најпатриотската партија“ која сега треба да не внесе во зоната на длабока историска ревизија. Одбојноста кон тој собир е двојна, секако и идеолошка и персонална. За да немаме дилема таа паноптика е секако дел од она што во војска се нарекува „дневна заповед“ овој пат наменета за телевизиите.
Капацитет колку за куси гостувања
Таа разлика секако на овие избори за шеф на државата посебно ќе дојде до израз со присуството на професорката Ванковска, која е претставник на почистата, нескриена антинато опција во земјава, како претставничка на трабант партијата на ВМРО ДПМНЕ – Левица, чија основна задача е да биде евентуална правосмукалка на дел од гласовите за левиот центар. Додуша, за партијата и нејзината антинато солуција би гласале оние кои не знаат дали се опиени од тоа што Апасиев положил цвеќе на гробот на Енвер Хоџа (белки истиот внимавал во Тирана да не го види некој мештанин, бидејќи, не би поминал добро) или како потенцијален гласачи го респектираат фактот дека во меѓувреме положува цвеќе на гробот на Тито во Куќата на цвеќето… Луѓето можат да изберат. Ванковска и нејзината себеопиеност пред огледалото е одличен претставник на жртвено јагне што сепак знае дека нема никакви шанси да биде играч во трката за претседател на државата и дека има споредна улога. Знаат и оние кои деновиве собираат гласови за таа да го мине цензусот и тие и‘ наменале улога засега да биде постојан гостин, секој ден, ако треба и во две студија дневно, како во вистинска кампања. Но, оние кои ги влечат конците се свесни дека истата нема капацитет долго да биде пред камерите, па таа гостува главно во вестите, како гостин кој ќе добие едно или две прашања и ќе ги рецитира однапред научените одговори. Како она дека „ако не успееме да излеземе од НАТО треба да се фрлиме во Вардар“!, врв на мудроста на нашата десница. Или Десница?! Или на професорка на УКИМ?
Имиња под посебна рестрикција
Програмираната селективност, видовме и низ фактот (што ниту малку не ме изненади) дека никој во утринските програми не даде достоен простор, макар и како информација за самитот „Југоисточна Европа и Украина“ кој започна на 28 февруари во Тирана а каде учествуваат претседатели на држави од регионот. Во вестите на МТВ во 9 часот веста за тиранскиот собир беше претпоследна, содржеше две реченици и само фотка на Пендаровски, сето тоа покусо од едно трепкање со очите. На Телма во кусите вести во 11 часот веста беше извртена – слика од неколку секунди како албанскиот премиер Рама го прима украинскиот лидер Зеленски, без било каква назнака дека се работи за меѓународен собир (излегува дека е тоа билатерална посета!) ама со добар изговор да не се каже кој се присуствува таму тој ден.
Ама неволјата е што од кај нас таму, на собирот на највисоко ниво оди токму Пендаровски а тој е очевидно во систем на посебна обработка кај уредниците на вестите. Сите белградски телевизии, истото утро, на пример, оваа вест ја имаа како централна уште од пет часот наутро, кога таму некаде и започнуваат со програмата, при што, за прорежимските уредници беше интересно присуството на Вучиќ таму заради темата а за оние проопозициските (само две телевизии) беше интересно дали нивниот претседател ќе направи некакво, макар мало ослободување од прегратката на Путин.
За кого е непријатна темата – Украина
Кога сме кај оваа тема – Украина, во понеделникот, на 26 февруари се одржа Мултимедијална конференција „Украина: Две години хероизам“ во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со македонската граѓанска организација Цивил – Центар за слобода. Таму учествуваше и претседателот Пендаровски и тоа како прв говорник ама имаше и прилог каде тој дојде како последен во извештајот, просто како зорле додаден. И генерално овој собир, на кој беа сите амбасадори од западната сфера беше турнат на маргините а предмет на рестрикција беше и говорот на министерот Османи, кој барем кај телевизиите од македонското говорно подрачје го немаше! Како што вешто се одбегнуваше паното на кое стоеше името на соорганизаторот Цивил!
Слична гимнастика кај камерманите имаше и при отворање на работите кај Универзљалната сала, каде тие мораа да измислуваат агли под кои ќе јас фатат говорничката – министерката за култура ама да не се видта другите присутни, наредени во заднината а меѓу нив беше и лидерот на партијата СДСМ!?
Затоа достоен приказ имаме на лутината на Мицковски кој вели дека се јавуваат и такви индивидуи за функцијата претседател на државата кои нема да соберат толку гласови на изборите колку што евентуално ќе имаат поддршка на претквалификациите. Веројатно мислеше токму на оние кои му се нему како партија конкуренција. Тука е на пример извесна Зорица Цветковска која е кандидат на партијата Десница, која на стартот „заработи“ нула гласови, како резултат на сеќавањето на народот на нејзиниот шеф Палчо (!), кој е се уште во турски затвор . Тука е вевчанецот Господин Поповски (името ме потсетува на Бугаринот Георги Господинов) кој, како што чув на стартот добил девет гласови. Овие лица се пред се’ натрапници за Палатата Татарчев бидејќи ако влеат во трката ќе чепнат од нивниот бурек а тој, како што вели Мицковски станал толку скап како да е драгоценост!
Денес на телевизијата на Каналот Клан гледав еден многу пријатен и без агресија кон никого интервју со една од оние кандидатки кои настојуваат да влезат во трката за претседател – Мерсиха Смаиловиќ. И таа на денот на разговорот немаше потребни потписи. Но немаше ниту проф. Ванковска?! Зошто вторава имаше дузина интервјуа на ударни вести а Смаиловиќ ја нема таа шанса? Има ли во тоа пропорција? Нема, секако. Но тоа може и некој сака така да влиае на текот на собирањето на 10 илјади потписи.
Ќе има ли реакции на оваа нерамноправност? Па да ви кажам – нема. Кандидатклата Смаиловиќ не е во дневниот распоред на телевизиите со национална фрекфенција а и за повеќето – останати. Да го споменам АВМУ? Не, директиорот се јавува само ако е во прашање Ковачевски без да ја знае својата основна функција – да ја брани јавноста од новинарите а не новинарите од јавноста, како во случајот.