Министерката не се чувствува виновна, како и нејзините две службенички. Судењето продолжува а во меѓувреме Бетон Штип нкако папсува
Од Специјалното јавно обвинителство е уште сметаат дека прислушуваните разговори и сведочењето на Илија Бреслиски, кој бил до неодамна генерален директор на ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, ќе докаже дека бил наместен тендерот за дополнителни работи за објњктот кој е познат во народот како Музејот на ВМРО. Од СЈО го објавија воведниот говор што специјалниот јавен обвинител го даде на денешното рочиште во Кривичниот суд.
Во овој предметот како обвинети се појавуваат екс министерката, Елизабета Канческа-Милевска, и две службенички од Министерството за култура.
Воведниот говор го пренесуваме од она што го објавија малкумината медиуми со „аусвајс“ за свои новинари:
„Јавен интерес е граѓаните да знаат како се користат парите од буџетот на РМ и, токму поради тоа, постапката за јавни набавки е предвидено да има транспарентност и да нема незаконски повластувања на економските оператори. Извршната власт треба да ги извршува, односно спроведува законите во вистинската смисла на зборот. Но, дел од вработените во Министерството за култура, кое е дел од извршната власт, не работеле во согласност со законите.
Така, овде присутните обвинети, во временскиот период од јуни 2011 до 5 август 2011 година во Скопје, со искористување на своите службени положби и овластувања, при вршење на јавни набавки, како соизвршители за економскиот оператор ГТД „Бетон Штип“ АД Штип прибавиле корист што се состои од незаконско повластување – фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно – занаетчиски работи на објектот Музеј на македонската борба за државност и самостојност – “Музеј на внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим” во Скопје.
Во доказната постапка ќе докажеме дека уште пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на принципите и одредбите што обезбедуваат законитост за јавни набавки и пред да се донесе одлуката за потребата од јавна набавка обвинетата Елизабета Канческа Милевска, која била министер за култура, му кажала на сведокот Илија Бреслиски, кој бил генерален директор на ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, да ги изведат и сите работи што произлегувале дополнително и кои што не биле опфатени во договорот за јавна набавка и анексите на истиот и да не се чека дваесетина дена за спроведување на новата јавна набавка, како и дека таа преку обвинетата Лидија Лазарова – Цветковска веќе договорила Комисијата за јавни набавки, откако ќе се објави огласот, договорот да биде доделен на ГТД „Бетон Штип“ АД Штип. Ова ќе го докажеме од аудио снимките и од изјавата на сведокот Илија Бреслиски.
Од градежното и економско-финансиско вештачење произлегува дека градежната фирма ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, уште пред да се склучи договорот за јавна набавка и пред да бидат службено воведени во работа, во меѓувреме ги изведувала завршните градежни и градежно-занаетчиски работи на објектот, како што побарала обвинетата Елизабета Канческа Милевска.
Од писмените докази, кои што се навистина во голем обем во овој предмет, ќе се докаже дека, поради условите што биле дадени во огласот и тендерската документација, само економскиот оператор ГТД „Бетон Штип“ АД Штип учествувал во постапката како единствен понудувач.
Ќе докажеме дека обвинетите знаеле дека ГТД „Бетон Штип“ АД Штип веќе ги изведува работите на објектот што се наведени во огласот за доделување на јавна набавка бр.10/2011, но тие се однесувале како тоа да не е така и формално ја спровеле постапката, односно од писмените докази произлегува дека обвинетите Лидија Лазарова – Цветковска и Јулијана Угриноска, како членови на Комисијата за јавни набавки, составиле и потпишале извештај од спроведената постапка од 19.07.2011 година дека најповолен понудувач е ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, па на 26.07.2011 година од обвинетата Елизабета Канческа Милевска е донесено решение за избор на најповолна понуда, и на 05.08.2011 година е склучен договорот за јавна набавка со вредност на договорот од 62.480.543 денари, каде потписник за Министерството за култура е обвинетата Елизабета Канческа Милевска, а потписник за ГТД „Бетон Штип“ АД Штип е сведокот Илија Бреслиски.
На главната расправа во доказната постапка ќе докажеме дека обвинетите како соизвршители сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.22 од КЗ“.
Но да излеземе за миг од судницата и да појасниме – колклу е моќна оваа компанија од Штип Кој е во неа и кој е зад неа?
Управувачкиот пакет акции во штипската градежна компанија „Бетон“ не многу одамна беше продаден за 45,8 милиони денари во три блок трансакции на Македонската берза. Акциите ги купија три компании, а најмногу, односно 20,4 отсто купи друштвото за градежништво „ТИМ“ кое се поврзува со сопственикот на „Лозар Пелистерка“. Заедно со „ТИМ“ во преземањето на акционерскиот пакет учествуваат „Езимит“ – штипската винарска визба и „Орка Холдинг“. Штипската компанија купи 15,8 отсто од акциите, а „Орка холдинг“ 15 отсто од капиталот. најмалку 25 отсто од акциите со што се активира механизмот за задолжително давање јавна понуда.
Според последната евиденција на Централниот депозитар за хартии од вредност во „Бетон Штип“ најголеми акционери беа Илија Бреслиски, актуелен генерален директор на таа компанија со 20 отсто од акциите и приватниот инвестициски фонд од Хрватска НФД Капитал Ауреус со 18,3 отсто од акциите. И двајцата акционери ги продадоа своите акции во „Бетон Штип“.
По неколку годишната градежна офанзива штипски „Бетон“ почнал сепак да клапнува. Во периодот јули-септември 2017, веројатно заради променетите околности во земјата, оваа компанија има приход од продажба од само еден милион евра и тоа во „висока сезона“. Тоа е само половина од просекот по квартал за првите две тромесечја годинава. Компанијата што стана општо позната по ангажманот во „Скопје 2014“ во првите 9 месеци на минатата година имала пад на приходите од 47 отсто
Во последно време апетит за преземање на оваа изнемоштена комшпанија покажа БИМ.
И да се вратиме на судењето. Одбраната на обвинетата не сакаше телефонските разговори кои што биле нелегално снимени да се презентираат пред новинарите, но во судницата, сепак, имаше јавно преслушување на пет разговори.
Станува збор за четири разговори од 2011 и еден разговор од 2013 година, а како „протагонисти“ се јавуваат сега обвинетата Канческа-Милевска, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Илија Бреслиски, тогашен директор на АДГ „Бетон Штип“.
Уште по преслушување на првиот разгвор, а во кој се јавуваат Канческа-Милевска, Миле Јанакиески и Илија Бреслиски може да се заклучи дека тендерот бил наместен, бидејќи, тогашната министерка за култура му најавува на директорот на штипски „Бетон“ дека наредниот ден ќе биде објавен тендерот и дека тие ќе ја добијат работата.
„Здраво директоре! Утре ќе го објавиме тендерот и тоа на вас ќе ви се падне. На вас ќе ви го дадеме. Анексот го решив денеска, а покрај анексот има и други работи, кои излегоа дополнително, но немам пари, па на тендер ќе направиме се вие да добиете. Ја тераме да нема застој, 48 милиони денари ви се пуштени денеска“, се слуша во разговорот меѓу Канческа-Милевска и Бреслиски и следат совети дека „Бетон Штип“ треба да се однесува како се да е во најдобар ред.
За тендерот што треба да го добие „Бетон Штип“, Канческа- Милеска разговара и со Миле Јанакиески, но таа нему ќе му каже дека не може да го поднесе директорот на фирмата која ги изведува работите.
„Колку ме нервира овој Илија! Органски не можам да го поднесам. Ми доаѓа да му го ргнам ножот, а морам да го трпам“, ќе каже Канческа- Милевска за Илија Бресилски и веќе во следниот разговор ќе продолжи со навреди кон споменатиот. „Таков сељак не постои. Таков човек мајка не раѓа. Он си мисли дека ова е плукни-залепи. Зарем мисли во Идризово за него да одам?“, ќе каже министерката во разговор со нејзиниот колега Јанакиески.
Инаку, на минатото судско рочиште, што се одржа кон крајот на минатиот месец Канческа- Милеска рече дека го прочитала обвинителниот акт, поднесен од СЈО, но само како текст и дека никаде не можела да најде злоупотреби и затоа не чувствувала никаква вина. Со изјави дека не се чувствуваат виновни беа и Лидија Лазарова-Цветковска и Јулијана Угриновска, бидејќи, според нив, се било согласно законот за јавни набавки. (Р.Г.)