БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
За кретенизирачкиот профил на Телма, бркањето на Ивор не е никаков губиток, туку добиток. Мислам на добивка, не на стока. За Ивор е, односно може да биде или, дури, треба да биде, голем плус.
Штета што не собра сили, како татко му и јас на времето, да излезе од јаметината што го држеше затворен како црвче
Инерцијата на старите светогледи ги турка луѓето на јавната сцена и тие нарикачат за бркањето на Ивор Мицковски од Телма како за секоја добредојдена смрт:позата е тука главна, сочувствствителноста срцепарајуќа, а шансата да го регистрираат своето присуство со картичката од своите солзи, неодолива.
Демек, тие и нивната солидарност со постраданиот колега!
Ме изненади Ивор кој, гледам, веднаш се вработил во таа фабрика за солзи и неправди.
И драматизира, се жали, морализира: ме избркаа без да ми каже директорот…!!??
Туф, туф, туф!
А јас, на пример, се прашувам, кој курац бараше Ивор во тој центар за кретенизација на македонската нација. Не можев да и одолеам на римата, инаку, се разбира, дека требаше да кажам- на луѓето во Северна Македонија.
За кретенизирачкиот профил на Телма, бркањето на Ивор не е никаков губиток, туку добиток. Мислам на добивка, не на стока. За Ивор е, односно може да биде или, дури, треба да биде, голем плус.
Штета што не собра сили, како татко му и јас на времето, да излезе од јаметината што го држеше затворен како црвче.
Како ништо.
Тој велелепен аналитичар со поткованост во науката и со страст да ја објаснува и совладува македонската и светската стварност на нивото на татко му Васила, а понекогаш и над него.
Се разбира, имам комплетно разбирање за социјалниот аспект на случувањата кои можат да имаат дури и драматични аспекти ако во меѓувреме не се случиле некои позитивни промени во неговата фамилија. Но, тоа е предизвик, прво за него, да си ја чукне тиквата и да се бори и бара решенија и за вистинска солидарност на раскурцаните и испразнети од изворната суштина, нивинарски асоцијации, фирми и издавачи, но, јас би рекол и пошироко, на општеството, можеби на власта, на некои министерства, на некои високообразовни институции кои би требало да обрнат внимание на фактот дека е слободен еден талентиран играч кој имаше несреќа, освен на самиот почеток, да игра во лоши екипи.
Ивор е пример како Македонија, системот и политичкиот и медиумскиот и културниот, не само што не му овозможува на еден навистина редок интелект, образован човек, стилски и идејно профилиран на трагата на модерната левица, да се развива, туку и ги ограничува, да не речам, ги уништува и потенцијални ги исклучува како страно тело.
Ивор има и свои одговорности, се разбира, се беше, да речеме, овердозирал со понекогаш ситничарски критики кои на велелепниот цинизам му даваа боја на злобност, партискиот ангажман опасно му ги стесни хоризонтите, но тие рабити се ништо во споредба со одговорноста на општеството кое кон него и кон таквите како него, се однесува како кон нешто што не припаѓа тука.
Тоа е штета, а не бркањето од Телма.