Секоја генерација мои студенти мораше да ги изгледа филмовите на Ангелопулос, што не е мала работа, бидејќи траат долго
СВЕТЛАНА СЛАПШАК
Еден од најголемите светски режисери, Теодорос Ангелопулос (1935 – 2012) загина во бесмислена сообраќајна несреќа во предградието на Пиреја, Драпекона-Кератсини. Во него удрил полицаец во цивилка на мотор. Ангелопулос го преминувал патот на дожд, веќе паднал мракот. Она што е познато е тоа дека во 77-та година се изгасна животот на еден од најоригиналните и најдлабоките филмски режисери од минатиот и овој век. Го снимаше „Друго море“, застрашувачка приказна за положбата на странските, посебно азиските работници во Грција, за безобѕирноста на капитализмот, за отпорот и за театарот. Стилска и тематска посебност на филмовите на Ангелопулос е токму односот на филмот кон театарот, на камерата кон сцената, на историското „репрезентативно“ време кон секојдневието. Во секој негов филм имаше сцени, посебно празни сцени, неодиграни драми кои ги заменува историјата: во „Патувачки глумци“, трупа изгладнети актери, некаде за време на Втората светска војна или за време на Граѓанската војна, зиме влегува во селце изгубено во планина, пеејќи и најавувајќи ја претставата. Ги пречекува селскиот плоштад со чинари и обесени тела – драмата веќе се одиграла.
Секоја генерација мои студенти мораше да ги изгледа филмовите на Ангелопулос, што не е мала работа, бидејќи траат долго. Неговиот најдобар филм, „Патувачки глумци“, трае околу четири часа. Неговиот прв филм „Реконструкција“ го гледав летото по падот на грчката воена диктатура, во Атина, во кино на терасата на една повеќекатница. Снимен во 1970 г., филмот низ истражување на злосторствата во некое епирско село ги отвора клучните прашања од поновата грчка историја – политичкото прогонство, компромисите, забранетото сеќавање, теророт. Неговиот повеќеслоен филмски јазик полковниците на власт не го читаа сосем добро, па филмот преживеа. Но веќе во следниот (Денови 36’ – од 1972 г.), политичката нарација е јасна: неспособноста на владата да го среди затворскиот инцидент со заложникот (кој има долга и валкана политичка позадина) поинаку освен со убиство е совршено јасна слика на грчката тогашна сегашност.
Низ трагичната историја во која членовите на истата бедна патувачка театарска трупа меѓусебно се бележат и истребуваат поради личните страсти, кои понекогаш наликуваат и на политички страсти, Ангелопулос ја претставува трагичната историја на земјатаА потоа, кога веќе доволно добро научив за Грција, стигна неговиот филм „Патувачки глумци“ (1975). Врз основа на семејниот заплет на Асхиловата трилогија за семејството Атрида, во која злосторствата се пренесуваат од постарите поколенија на помладите, Ангелопулос гради заплеткана, анахронична нарација со прескоци кои можат да ги следат познавачите на современата грчка историја: а тоа, во самоуверениот колонијален свет, не е едноставно. Низ трагичната историја во која членовите на истата бедна патувачка театарска трупа меѓусебно се бележат и истребуваат поради личните страсти, кои понекогаш наликуваат и на политички страсти, Ангелопулос ја претставува трагичната историја на земјата, од прогонот од Мала Азија во 1922 г. до изборите во 1952 г., кои повеќе наликуваа на воен пуч и означија повлекување на едни сурови колонизатори, Британците, и настапот на другите, не помалку сурови – Американците.
Во меѓувреме, во Грција имаше парафашистичка диктатура, војна од 1940 до 1944, граѓанска војна од 1946 до 1949. Конечниот удар за грчките борци за социјализам беше Титовото одвојување од Сталин и престанокот на помошта од Југославија. Во филмот, трупата никогаш не успева да ја изведе претставата докрај – историјата секогаш се вмешува, од бомбардирањето до егзекуциите на нацистичките соработници. Таткото е бегалец од Мала Азија, го убиваат Германците, по дојавата од страна на љубовничката-соработник. Синот Орест, партизански командант, ја убива мајка си, додека сестрата Електра ја силуваат полициските агенти. Орест го убиваат во затвор, неговите пријатели успеваат да излезат по долги измачувања, бидејќи, на крајот потпишале понижувачки документ. Во филмот има малку дијалози, а само 80 кадри се снимени во 4-часовниот филм. Често дијалогот е заменет од песна, или борба преку песни. Во кадарот се влегува отстрана, како на сцена, а така и се заминува. Чести се „празните“ кадри од кои некој заминал. Во една од најдобрите сцени во филмот, таткото-бегалец го прашува германскиот стрелачки вод: „Јас сум од Јонија. А вие?“
Во филмот „Ловци“ од 1977, група припадници на високото општество во лов наоѓа смрзнат труп на партизан од граѓанската војна, и се развиваат приказни за предавства, соработки со неријателот, компромиси и коолективни кошмари кои учесниците во ловот ги доживуваат како казнување. Кога ќе се сепнат, го закопуваат незнајниот борец, и со тоа и своите сеќавања на клучните настани. Во исто така 4-часовниот „Александар Велики“ (1980), Ангелопулос го уништува митот за водачот – за секој водач – земајќи го за основа настанот од 1870 г., кога локалната банда во Дилес, едно селце близу брегот на Егејското море, грабнала и потоа ги убила неколкуте британски туристи со благородничко потекло. Лани престојував во Дилес, и една ноќ, некоја банда ограби над четириесет куќи, а нам ни препорачаа да внимаваме на сомнителни чамци, иако нè чуваше војската која беше сместена во блиската на воена воздухопловна база.
Неговиот филм „Патување на Китер“ од 1983 г. ги означи новите политички промениНеговиот филм „Патување на Китер“ од 1983 г. ги означи новите политички промени: протерани комунисти, но и други од 1949, неколку стотици илјади, повторно ги добија своите граѓански права. Заплетот, необично за Ангелопулос, е праволиниски: еден старец, кој поминал триесет години во некоја советска азиска република, и таму создал ново семејство, доаѓа во своето село, кај жената која го чекала сето тоа време. Нивните деца се градски интелектуалци во потрага по себе си, но се обидуваат да му помогнат. Властите не му дозволуваат на старецот да стапне на грчка змеја и го држат на сплав, заврзан за пристаништето во Пиреја. Во магливата ноќ неговата сопруга доаѓа на сплавот, и старецот го пресекува јажето кое ги врзува за овој свет. Филмот го гледав во Париз, после уште една обиколка на сликата на Вато „Пристигнување на Китер“, која можеби го прикажува заминувањето на островот на божицата на љубовта, Афродита, но и можеби и заминувањето на заљубените на конечното одредиште – во смртта. Публика во киното беа главно грчки доселеници, и масовно се плачеше. Манос Катракис, големиот грчки актер, умре веднаш по снимањето на филмот, и тоа беше неговата најголема и најдобра улога.
Подоцна Ангелопулос ги најде двајцата свои идеални глумци, чии лица претставуваа цели пејзажи: Марчело Мастројани и Харви Кајтел. И го сними својот највозбудлив филм, „Погледот на Одисеј“ во 1995. Американскиот режисер со грчко потекло доаѓа на Балканот во потрага по копијата на најстариот балкански филм, снимката на жени кои предат, ткаат и перат волна во Македонија на почетокот на 20-от век, дело на филмските пионери со грчко потекло, браќата Манаки, кои во Битола снимаа и прикажуваа филмови. Патувањето низ Балканот е патување низ женското сеќавање: освен старата Гркинка, која ја пушта во замрзнатата Албанија да ја бара сестра си, изгубена пред половина век, и својата мајка која во сеќавање ги повикува деновите во грчката дијаспора во Констанца, јунакот без име ја среќава истата млада жена во Македонија, во Букурешт, во Бугарија за време на Балканските војни, конечно во Сараево за време на последната југословенска војна: таа секојпат е иста, без оглед на историскиот период и областа, во испомешаните сеќавања и во историјата на Балканот. Но секојпат таа говори друг балкански јазик. Митските фигури на жените од првиот филм се испреплетуваат со вечната Балканка, која конечно загинува во Сараево. Филмот на браќата Манаки е изгубен.
„Погледот на Одисеј“ е визуелно чудесен филм – доволно е да се сетиме на патувањето на големата фигура на Ленин, споменикот кој од Констанца патува низ Дунав, со отсечени глава и раце, за да го спакуваат на брод, кон колекционерот во богатиот свет, додека на брегот жителите паѓаат на коленици и се крстат пред оваа симболича погребна поворка. Во овој филм сцената која посебно ми прирасна за срце е следнава: двајца пријатели Грци, режисер и новинар на должност во воениот Белград, ноќе, со чаши вино, шетаат по шините на улицата Караѓорѓе и се сеќаваат на 1968-та во Париз: не на настаните или идеите, туку на лицата и имињата на пријателите и нивните љубови.
Во филмовите на Ангелопулос во Грција речиси секогаш е зима, со магла, дожд или снег: на прсти можат да се избројат сцените со сонцеВо филмовите на Ангелопулос во Грција речиси секогаш е зима, со магла, дожд или снег: на прсти можат да се избројат сцените со сонце. Во „Патувачки глумци“, синот на сестрата која успешно се мажи за американски офицер ја расипува свадбата на плажа со тоа што го повлекува чаршафот од свечената маса: денот е сончев, буги-вуги звукот го заменува оној на морето кое си поигрува со песокот, момчето си заминува, влечејќи го со себе бесконечното бело платно, своето бришење на сегашноста и повикувањето на сеќавањето.
Сите филмови на Ангелопулос ја имаат истата тема: истражување на индивидуалното минато во историјата, барање на одговорност, преклопување на личниот идентитет – посебно на интелектуалците – со колективниот, нерешливите проблеми и разорувањата кои произлегуваат од тоа. За разлика од многу грчки уметници, за него Македонија не претставуваше табу, а грчкиот национализам уште помалку. Во филмот кој го снимаше кога загина, граѓанската совест оди за да падне на уште еден испит, пред бегалците и доселениците кои никој не ги сака, и пред чие минато и сегашност сите во Европа ги затвораат очите: Иранците, Авганистанците, Албанците, Пакистанците, Либијците… оние кои ги гледаме натрупани на камиони како одат на полињата во Бојотија, оние чии населби од картонски, пластични и алуминиумски отпадоци ги среќаваме на местата во кои завлегуваат само кучињата-скитници и археолозите. Тие ја изградија Атина за Олимписките игри, бидејќи знаат да работат во сите климатски услови.
Ангелопулос правеше филмови кои тематски, мотивациски, филозофски и политички се возбудливи, и тераат на мислење и читање, веднаш после плачењето. На површните колонизаторски левичари од Западот отсекогаш повеќе им одговараше Кустурица, со својата понизност на колонизиран и хиперпродукцијата на поп-стереотипите. За сите други, остана делото на еден голем балкански уметник и критичар.