Одговор на прашањето има ли „бугарска окупација” на Македонија во 1941-1944?
ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Еден коментатор ми го постави следното прашање за постот на тема „Бугарија во Втората Светска Војна“: „Зошто според тебе не е во ред да го определуваме тој период како „управување“, туку како „окупирање“? („Защо според теб не е редно да определяме този период като “управление”, а като “окупиране”?“)
Накусо, мојот одговор се крепи на повеќе аргументи.
Нема ништо спорно во тоа да се користат изразите “Бугарска окупација”, „окупатори“ и „окупирање“ (на Македонија или на делови од Југославија и Грција), затоа што овие изрази се користат во многу меѓународни енциклопедии, историски книги и статии.
Терминот „окупација“ се спомнува во Парискиот мировен договор од 1947, така што Бугарија е и формално препознаена како окупациска сила во Втората Светска Војна должна да им плаќа репарации на Југославија и Грција.
Терминот „окупација“ се спомнува и во Меморијалниот музеј на Холокаустот во Вашингтон, како и во музејот во Скопје, а негирањето на „окупацијата“ е вознемирувачко за потомците на жртвите на депортираните Евреи од Македонија.
Терминот „бугарска окупација“ се користи од страна на претставници на Третиот Рајх.
Се чини најважно е тоа што изразите „окупирање“ и „окупација“ се користат и од страна на бугарскиот премиер, министрите и воените команданти кои издаваат заповеди за окупирање на Македонија.
Следствено, Бугарија нема никакви рационални аргументи да бара од Македонија ограничување или забрана за изразите „Бугарска окупација“ или „окупатори“ во македонските учебници, особено затоа што и самата Бугарија ги употребувала.
Зошто во бугарскиот учебник по историја се избегнува терминот „окупација“?
Во претходниот напис укажав дека во учебник по Историја и цивилизации за 7-ми клас пишува „дека бугарските војски, не ја „окупирале“, ниту „администрирале“, туку „управувале“ со Македонија и Беломорието по 19 април 1941, дека биле пресретнати како ослободители, а Борис III бил прогласен за „цар обединител“. Во истата лекција се тврди дека Германија и Италија ја „окупираат“ Турција, а дека бугарските војски го преземаат управувањето/владеењето („поемат управлението“) на Македонија и Беломорието.
Во однос на тоа кој кого окупирал, може да се прочитаат и поинакви толкувања дека германските војски веќе ја окупирале Бугарија пред да го ратификува договорот за приклучување кон Тројниот пакт на 2 март 1941. Меѓутоа, во учебникот Бугарија не се опишува како окупирана земја од Германија, туку како суверена земја која го направила својот политички избор да пристапи кон Тројниот пакт, меѓу другото, заради отфрлање на Нејскиот договор и „водена од стремежот за национално обединување“.
Во коментарите на претходниот пост веќе укажав на неколку извори, а сега ќе ги дополнам и со други, за да стане појасно дали по април 1941 имало од страна на Бугарија „управување“, „отстапување“, „администрирање“, „ослободување“, „завладување“, „окупација“, „анексација“, или може да се зборува за повеќе нешта напоредно.
Во овој текст ги имам предвид и одбранбените аргументи на некои учени од Бугарија дека „од гледна точка на меѓународното право од значење е принципот на првата окупација“, дека прв окупатор била Германија, дека бугарските војски немале самостојно командување, и дека присоединувањето на Вардарска Македонија и Беломорието не било санкционирано со никаков официјален документ, туку со спогодбата Клодиус-Попов, според која Македонија (заедно со други области) била окупирана од Германија и отстапена на Бугарија (види Спас Ташев, Депортацијата…, стр. 18-19).
Термините „Бугарска окупација“ „окупирање“ и „окупатори“ се меѓународно прифатени
Термините „Бугарска окупација“ „окупирање“ и „окупатори“ се употребуваат во многу меѓународни енциклопедии, историски книги и статии. Како поткрепа на ова, може да се дадат бројни примери (види коментар 1 и 2 со цитати на англиски јазик).
Во „Британика“ се тврди дека на бугарските сили им било допуштено „да ја окупираат Грчка Тракија, Југословенска Македонија, и дел од Србија“. Во „Енциклопедија на холокаустот“ пишува дека „Бугарија доби авторизација да окупира“ одредени територии и дека во првата половина на март 1943 „Бугарските воени и полициски власти спровеле депортација на 11.343 Евреи кои живееле на териториите окупирани од Бугарија“. Детрез во „Историски речник на Бугарија“ констатира дека на 19-20 април 1941, „на Бугарија и е дозволено од страна на Германците да ја окупира Југословенска Македонија и Источна Тракија“. Маршал ли Милер, во книгата „Бугарија за време на Втората Светска Војна“, во одделот „Бугарската окупација на Македонија“, укажува дека многу од жителите не се сметале за Бугари, па „окупаторите правеле енергични напори да ги „бугаризираат“…“.
И во мноштво други научни статии и книги (дел цитирани во коментар 1) се зборува за бугарска окупација на Македонија или за територии окупирани од Бугарија. Оттаму, има ли смисла да се осудуваат македонските учебници затоа што пишуваат за „бугарска окупација“, кога тоа е вообичаена практика во светски енциклопедии, историски речници, и кај реномирани научници? Зошто Бугарија бара промена само на македонските учебници, а не и на оваа востановена практика во светски рамки?
Терминот „окупација“ се спомнува во Парискиот мировен договор од 1947
Бугарија е и формално препознаена како окупациска сила во Втората Светска Војна должна да им плаќа репарации на Југославија и Грција, заради загубите причинети на Југославија и Грција со воени операции „и со окупација од Бугарија на територија на Југославија и Грција…“ (согласно член 21 од Парискиот мировен договор со Бугарија од 1947). Во истиот член и се признава на Бугарија дека водела војна и против Германија, па затоа е договорена делумна компензација од $45,000,000 за Грција и $25,000,000 за Југославија. (види коментар 3).
Зошто, Бугарија не се спротиставува на користењето на зборот „окупација“ во грчката или српската, туку само во македонската историографија, е прашање кое заслужува одговор, а кој официјална Бугарија воопшто не го дава.
Евреите се депортирани во концентрациони кампови од „територии окупирани од Бугарија“
Терминот „окупација“ се спомнува и во Меморијалниот музеј на Холокаустот во Вашингтон, а особено се користи изразот „територии окупирани од Бугарија“ („Bulgarian-occupied territories“) во описите на објавените фотографии за депортираните Евреи во концентрационите кампови.
На пример, во описите на фотографиите „Евреи принудени да се качат на брод за депортација во пристаништето Лом на реката Дунав, за време на депортациите од териториите окупирани од Бугарија“ (коментар 4), или „Евреи од Македонија окупирана од Бугарија, собрани и однесени во транзитниот камп во Тутунскиот монопол во Скопје, се подготвуваат за да се качат на возовите за депортација“ (коментар 5), или „Бугарските власти ги собираат Евреите во окупирана Македонија за депортација“ (коментар 6), итн.
Во Меморијалниот центар на холокаустот во Македонија се објаснува дека „Уништувањето на македонските Евреи се случува во контекст на бугарската окупација и подемот на нацизмот“, а „Посетителите се сретнуваат со животот на Евреите во времето на бугарската окупација“.
(http://holocaustfund.org.mk/posts/details/1). Во Меморијалниот центар пишуваше дека „На 11 март 1943 година бугарската армија и полиција ги блокирала еврејските квартови и ги лишила од слобода Евреите од окупираните територии на Македонија, Србија и Грција (Тракија)“, дека „Сите 7 148 Евреи од Македонија биле убиени во Треблинка“, а „според списоците за депортација, 50% од нив биле деца!“.
Приговорите на Бугарија во однос на употребата на изразот „бугарска окупација“ се вознемирувачки за потомците на жртвите на депортираните Евреи од Македонија. На пример, пратеничката Рашела Мизрахи, постави пратеничко прашање до премиерот: „На оваа фотографија е целото мое потесно семејство, кое беше товарено во воз за Треблинка од бугарскиот фашистички окупатор. Преживеа само мојот дедо, јас сум негов наследник. Господине Заев, Дали стоите на ставот дека Бугарија била администратор на Македонија, а не фашистички окупатор, оти мојата фамилија не е отепана со пенкало?…“
За „Бугарска Окупација“ зборуваат воени и политички претставници на Германија и Бугарија
Читајќи го дневникот на премиерот Филов дознаваме дека на 8 април 1941 г. била примена телеграма според која Фирерот побарал три бугарски дивизии да ја „окупираат српска Македонија“ и да го преземат администрирањето за да се ослободат германските трупи. На 9 април Филов бил примен кај кралот кој не се согласил на зборот „окупација“, туку зборувал за зачувување на редот и мирот на територијата освоена од Германците. Но, од подоцнежните дневнички записи на Филов, осознаваме дека и тој и министрите зборувале за „окупација на Македонија“, а веќе следниот ден на 10 април стигнала телеграма од Берлин со благодарност за согласноста да се окупира Македонија. Филов на тема „окупација на Македонија“ разговарал и со резервните офицери неколку дена подоцна, а на 23 април забележал дека Германците дозволиле само „воена окупација“. На 24 април, кога го примил германскиот претставник Клодиус, побарал од него окупационата зона да се протега од источната страна на Шара барем до Лесковац и Бела Паланка. Клодиус му кажал дека Солун ќе остане окупиран од Германците, а од Бугарија ќе биде окупирана српска и грчка Македонија и Беломорието. (Chary, F. B. (1975). The Diary of Bogdan Filov (Part II). Southeastern Europe, 2(1), 70–93)
Договорот кој го склучил Клодиус со Попов се однесувал на „областите окупирани од Бугарија“.
Термините „окупирање“ и „окупација“ се употребува од началникот на штабот на бугарската војска, кој заповеда „окупиране на Македония“ и зборува за фази од окупацијата.
Според Валев Л.Б., во книгата „Болгарский народ в борьбе против фашизма (накануне и в начальный период второй мировой войны)“ – види извадок од книгата – за окупација се зборувало и во печатот и на радио на 19 април 1941, а и во воените соопштенија од 21 април 1941.
Окупацијата на Македонија од страна на Бугарија била оправдувана со цел да се запази редот и спокојството и не била сметана за агресија, имајќи предвид дека „во тие земји има бугарско население“.
Фактот што и самат Бугарија го употребувала терминот „окупација“ за Македонија во 1941, воопшто не и дава за право сега да приговара за употребата на термините „бугарска окупација“ и „бугарски окупатори“ во македонските учебници – особено кога ќе се земе предвид дека станува збор за широко прифатен термин во историските дела, енциклопедии и учебници, во меѓународни договори, како и во музеи за жртвите од холокаустот.
(Текстот може да се најде и на ФБ статусот на авторот)