Долго пред официјалниот почеток на изборната кампања, стана јасно дека политичката битка ќе биде валкана, односно проследена со многу дезинформации, црна пропаганда и националистички наративи. Мицкоски од Швајцарија порача дека нема да дозволи „малцинството да го владее мнозинството“
ДЕХРАН МУРАТОВ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски предизборната кампања ја започна од Швајцарија, случајно или не, таа е државата во која владее перцепција дека претежно емигрираат и живеат припадници на албанската етничка заедница. Меѓутоа, Мицкоски реши токму од таа држава, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николовски и пратеникот Драган Ковачки да ги посетат малкумината етнички Македонците кои живеат и работат во Швајцарија за да им ја пренесат пораката дека дијаспората е битна во одбрана на татковината и дека треба да ги поддржи токму нив бидејќи, според лидерот на опозицијата, „Македонија е исправена пред предизвикот на опстојување“, и дека „по 8 мај, нема повеќе да дозволи корумпираното малцинство да го владее мнозинството“.
Реторика дека малцинството е тоа кое е корумпирана и не треба да одлучува за Македонија, ја потври и кандидатката за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, која во интервју за ТВ СИТЕЛ, истакна дека во претходните избори нејзиниот против-кандидат Стево Пендаровски ја победил со над 50.000 гласови разлика, но дека тие гласови беа на Албанците.
„И знам од каде се тие гласови, впрочем чувме ние повик, тоа беа, да, албански гласови…“ – рече Силјановска Давкова во Тема на денот на ТВ Сител“.
Дали според кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, албанските, турските, ромските, српските, влашките, бошњачките и гласовите на другите етнички заедници не се толку битни како гласовите на Македонците? Дали малцинството нема право да одлучува за битни прашања за државата?
Меѓутоа, како се доближува времето до избори така спласнува „патриотската кампања“ за 61 пратеник за ВМРО-ДПМНЕ за да не бидат условувани од албанските партии, па одеднаш Мицкоски вели дека нема ништо против Албанците, туку дека има против ДУИ. Веројатно анкетите за „јавност“ во кои водат двојно-тројно пред СДСМ и ДУИ и анкетите „дома“ не се соовпаѓаат. Или како што вели еден вмровски аналитичар во една дебата, парафразирам: „Јас би ги советувал ВМРО-ДПМНЕ да не ги напаѓаат ДУИ толку жестоко затоа што во политиката ништо не се знае, па да не мора пак да ги молат за формирање Влада“.
Дали насилството и обидот за убиство и линч на пратеници во Собрание е хероизам за ВМРО-ДПМНЕ?!
Каква порака испраќа до граѓаните, особено до младите, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова која изјави дека доколку стане претседателка ќе ги помилува лицата осудени за упадот во собранието на 27 април 2017, во емисијата Вин-Вин на ТВ Телма.
„Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор – да, ќе ги помилувам. Така ќе дојде до помирување“, рече кандидатката за претседател.
Исто така и техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, се сретна со Митко Пешов и Јане Ченто, осудени за „27 април“ кои издржуваат висока затворска казна. Тошковски истакна дека „пред нив е почетокот на едно ново време, време на правда и слобода за сите неправедно осудени“.
Техничкиот премиер Талат Џафери мета на дезинформации
На техничкиот премиер Талат Џафери при посетата во неговото родно село Форино му монтираа манипулативен видео материјал каде се создава впечаток дека бил дочекан со извици ,,Илирида, Чемерија, Косово”. Но, овие извици не се од пречекот на техничкиот премиер, туку се дополнително додадени, односно монтирани.
Техничкиот премиер Џафери беше критикуван откако по ненајавена посета на СВР Тетово каде што во една канцеларија затекна повеќе луѓе кои пијат кафе и не ја извршуваат својата работа и пред камерите ги укори дека треба да бидат поажурни, веднаш се активираа партиските ботови ширејќи дезинформации и етничка нетолеранција дека наводно „Џафери се изживувал со сoпругата на Жарко Кузманоски, трагично загинатиот припадник на безбедносните сили кој животот го загуби во кумновското „Диво Насеље“.
Османи со злоупотреба на децата во изборна кампања
Кандидатот за претседател на државата Бујар Османи од ДУИ, радосната вест дека ги собрал потребните 10.000 потписи за учество на претседателските избори на 24 април и евентуално во втор круг на 8 мај, ја споделил со јавноста од домашен амбиент, меѓутоа злоупотребувајќи ги своите малолетни деца во изборна кампања. Обидот да се претстави како добар татко, домаќин и семеен човек, не поминува кај граѓаните. Тоа што е добар татко не треба да значи дека ќе биде и добар „татко на нацијата“. Децата не треба да бидат во ниту еден случај вмешани во изборната трка, тие треба да бидат надвор од политиката.
Децата во Чашка жртви на политиката
Решен е проблемот со наставата во Чашка. Учениците од Основното училиште „Тодор Јанев“ во Чашка, се вратија на настава по неколкумесечните блокади и бојкот на наставата поради тоа што родителите (подржани од ВМРО-ДПМНЕ и Левица) не дозволуваа да се отвори паралелка на албански јазик. Со решението на техничката Влада за враќање на учениците на настава, и изградба на нов училиштен објект (во кој не е наведено кои деца ќе посетуваат настава), делумно е решен само еден проблем, а тоа е смирување на тензиите кои доведоа до прекин на наставата. Недоверба па дури и омраза меѓу етничките заедници се во полза на десничарските партии кои на тој начин се обидуваат да добијат политички поени во предизборието, на штета на учениците, но и населението низ општина Чашка, меѓутоа и низ целата земја.
Мицкоски и неговите пропагандисти во офанзива против Џабир Дерала
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски предизборната кампања Мицкоски ја започна со „победа“ против претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, но некако „заборава“ во својата онлајн офанзива против Дерала да спомне дека се работи за првостепена судска одлука, и притоа ја впрегнал целата пропагандна машинерија против сите што му пречат. Тој лично се пресметува со новинари, интелектуалци и граѓански активисти. На социјалните мрежи партиските ботови на ВМРО-ДПМНЕ оркестрирано шират говор на омраза и повици за пресметка со ЦИВИЛ-ите по „победата“ на 8 мај.
Кратка опсервација „зад кулисите“
Партиските трол армии се „пуштени на најјако“, коментираат членовите на мониторинг тимот на ЦИВИЛ „зад кулисите“.
ЦИВИЛ спроведува долгорочен мониторинг на политичките и изборните процеси во земјата од 2008 година. Како и во претходните години по Пржинскиот договор, дел од мониторингот на ЦИВИЛ е следење на дезинформациите и пропагандата во изборен контекст
(цивилмедиа.мк – опремата е на Глобус)