Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ТЕШКИ ОДЛУКИ

June 4, 2018 Filed Under: Колумни

НИКИЦА КОРУБИН

Промена на идентитет, продажба на име, заробена држава, двојазична држава … тоа се ширење на стравови и фобии.

Стравови, фобии шират оние кои сакаат да имаат неуки граѓани. Граѓани кои не се свесни за ситуацијата, за сопствените права и обврски. Но, она што нам ни е потребно се слободумни граѓани, кои ќе знаат да ја проценат ситуација, да ја проценат сопствената одговорност, да ги проценат сопствените права, и да знаат која е иднината на државата, и како да се дојде до неа.

Историја на нација, историја на територија … а што е со историјата на симболично ниво, односно она што доаѓа од историјата како еднаш поминато разбирање и практикување на односот кон заедничкото.

Изворно терминот „идиот” потекнува од старогрчкиот јазик и означува состојба на незнаење, незаинтересираност за јавниот и општествениот живот, оној кој нема способност за рационално расудување во политиката и животот. Според тогашното сваќање луѓето се раѓаат како „идиоти” а преку формалното образование стануваат „граѓани”, оние кои ги интересира и нешто друго освен ,,приватното”. А, тоа друго е се разбира, „јавното”, со изградено чувство за одговорност и интерес за политичките и општествените случувања.

Токму тоа е она што нам ни недостасува, денес во Македонија, интерес и одговорност за општественото и јавното; и ако интересот и одговорноста кај граѓаните треба да го пробудиме, да го креираме, да го потикнеме, што станува со отсуството на одговрност и интерес за политичките и општествените случувања кај јавните функции и политичките партии?

Што е денес политичката партија? Форма на изразување на став. Доброволно и свесно занимавање со општествени работи. Форма на управување со државата и институциите на одредено време. Но, тоа не е суштината. Политичката партија не може да биде суштина. Суштина се луѓето. Суштината се граѓаните. Суштина е функционирањето на институцциите. Тоа е синтагмата „заробена држава“, употребувана често и банално, избегнувајќи го сопственото соучесништво во изградбата на истата. Кога државата ќе биде комплетно суспендирана и поклопена од желбата на еден, на двајца, на тројца или на една политичка партија.

Помина времето за поглед од дистанца, за неутралност, за лажна интелектуалност, за научен пристап и лежерни дефиниции. За ширење на говор на омраза. За површно морализирање со логика на циничност и злоба, за свесна недоветност поради привидната сигурност и желба за бегство од проблемите. Денес, луѓето, сите имаат потреба за решавање тешките теми и тешките прашања. И тоа ќе ја одреди нашата иднина. А, нема да ја одреди ширењето на говорот на омраза, на свесната манипулација и безмилосната банализација на реалноста. Вклучително и решавањето на спорот со името, како и решавањето на сите отворени прашања на оваа држава. За иднината и опстанокот на државата.

Секое нерешено прашање од минатото се рефлектира на сегашноста, во мерка еднаква на неговата митологизација. Но, не онаа романтичната, туку оваа шизофрена, злокобна и разорна, која се темели на личната и колективната фрустрација на жртва која ја бара потврдата на статусот, но не и решението на проблемот. Тоа одбивање да се прифати реалноста, понекогаш несвесно, а најчесто тенденциозно свесно и во дадениот контекст злонамерно, не остава во ситуација на замрзната стварност, со поглед и свесност за иднината, но парализирани во место, не верувајќи дека моментот за дефинитивен исчекор е пореален од било кога. Без разлика на колективниот капацитет, на измешаните чувства и недоволното познавање, ниту на историјата ниту на политиката, меѓу емоциите и рациото, треба да го погледнеме стравот директно во очи и да истапиме: го вреднуваме ли доволно сопствениот живот, за да се избориме за негова легитимација. А, стравот е ирационален, сведен на индивидуалноста на секоја поединечна судбина, кога ќе разбереме дека историјата е она што правилно сме го разбрале, а не она што дилетатнски и површно сме го протолкувале, во стилот на сеопштиот бизарен софизам и сезнаење, на секој поединечно, за се и сешто. И токму затоа тешките одлуки се носат промислено и рационално, но знаејќи ја важноста на времето и моментот. А, тој, иако се чини бесконечен е всушност крајно променлив. И како ретко кога ни е во целост наклонет токму сега. Поради нас, поради другите, поради околностите, но пред се поради потребата. Потребата за нормален и цивилизиран живот. Во нормално и цивилизирано општество. Кое ќе го цениме и добиеме, само кога ќе разбереме потребата за менливост, минливост и прилагодување. Време е затворениот ум да го замениме со отвореност. Заради нас самите, а не заради некој друг.

Filed Under: Колумни

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet