Практично пред нас стоеше само определба да чекаме на притисокот на одредени членки на Унијата (Италија, Германија, земјите од Источна Европа) Париз да подлегнале со ветото заради единството на заедницата на европски држави и заради забрзаната ерозија на Макроновиот лик и дело и на Стариот континент. Но тоа за нас беше само игра „ва банк“
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Неделава тема на политичките разговори и дел од конверзациите по кафулињата, каде навратуваат гости оптоварени со поликата секако ќе биде францускиот „нон-пејпер“ до земјите-членки на ЕУ, барајќи „обновен пристап“ во процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан. Во однос на времето до кое Унијата треба да се изјасни по однос на документот, засега нема усогласени мислења ама од повеќето коментари како да постои патоказ кон почетокот на 2020 година – Европската комисија би требало до јануари 2020 година да објави нова методологија во процесот на пристапување, што ќе се применува при започнување на пристапните преговори со земјите кандидати.
Владата во премногу гласна смисла (изјава на Османи и пишано соопштение) потврди дека го добила документот на Франција – „нон пејперот“ во кој се предлага нов пристап во преговарачката методологија и поблиска политичка соработка на државите членки и државите кандидатки и најавува дека таа внимателно ќе биде разгледана од институциите и ќе се даде придонес во развивањето на идеите за можна промена на методологијата, стои во реакциите од Владата. „Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата – стои во ракциите. – Сметаме дека е особено важно земјите кои ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ, велат од Владата при што се истакнува дека многу е важно што рамката која ја предлага Франција го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува. Владата ја поздравуваат секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.
Ова фактички значи дека како земја сме „легнале на француското брашно“, иако немаме особено кој знае колкав избор. Практично пред нас стоеше определба да чекаме на притисокот на одредени членки на Унијата (Италија, Германија, земјите од Источна Европа) Париз да подлегнале заради единството на заедницата на европски држави и заради забрзаната ерозија на Макроновиот лик и дело и на Стариот континент и во неговата земја, опасно пред мартовските локални избори. Од друга страна, постои убедување кај претседателот на Галите дека мора да си држи до зборот, односно да остане доследен во опструкцијата на Западен Балкан и нивното оставање на неодредено во чекалната на Унијата, па сега бара неговите европски сојузници да да усвојат нов правилник за „полагање на испит“за новајлиите, што може слободно да се свати и како поставување на ново скалило и што велат некои во Унијата – менување на правила на играта среде натпреварот!
Како што пиѓува коментаторот Челиковиќ во својата колумна (ја пренесуваме и ние во овој број) Макрон се однесува како слон во стакларска работилница и го троши оптимизмот. Иако не го нагласува тоа Челиковиќ во текстот оваа констатација се однесува на трошење на оптимизмот како чувство врз кое треба да се базира само балканската иднина, туку и се одзема неопходната енергија на Европа во однос на своето единство и искористлив потенцијал! Ние би додале дека се работи за еден вид на уцена на единка врз другите партнери во Унијата и таа атмосфера неминовно дека ќе се одрази неделава кога нон-пејперот ќе биде на масата на европските политичари.
Одлуката на Македонија е дека се помирува со пореалистичкиот факт – дека Макрон нема да се корегира себе си, ообено ако Македонија нема да биде издвоена од пакетот со Албанија. На свој особен начин тоа го кажува и францускиот амбасадор кај нас, традиционалниот подгазувач на нашето достоинство со својата реторика – „всушност тоа се француските размислувања доставени до сите земји-членки на ЕУ и по насоките од мојата Влада јас ги оставив до властите на РСМ и ги очекуваме најпрво реакциите на земјите-членки, но исто така ќе бидеме мошне внимателни и ќе ги сослушаме забелешките од македонска страна“. Вториот дел од реченицата секако содржи во себе и доза на иронија.
Што накусо содржи тој документ?
Почетокот е во духот на приемчивоста на ЕУ кон Балканот – се реафирмираме поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија „кои припаѓаат на Европа, врз основа на нивната историја, култура и географија“. Ставено е на знаење дека единствениот начин „овие земји да се консолидираат како држави“ засновани на владеењето на правото и отворените и плуралистички општества, да го обезбедат нивниот економски и социјален развој, да им овозможат на младите перспектива и да промовираат помирување меѓу народите“ Во документот има и прифаќање на фактот дека поблиските врски меѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан и нивното ефективно пристапување кон ЕУ во белким непосредна иднина ја прават истата пореформира и поефикасна и поодговорна за своите земји -членки и земјите кандидати, со што Европа би станала посуверена и пообединета.
Во односа документот става акцент на тоа дека e неопходно да се обновни пристапниот процес што ќе ги подржи земјите од Западен Балкан со конкретни мерки во однос на реформите потребни за целосно усогласување со принципите на владеењето на правото и генерално за примена на европското законодавство. Овој пристап треба да биде придружуван од силна посветеност на Европската унија со цел да им помогне да се спротивстават на бројните и сложени предизвици поврзани со нивниот економски и социјален развој, да имаат контрола на надлежностите во однос на нивната територија и можат да се соочат со нивните миграциски и безбедносни предизвици.
Обновениот пристап на нон-пејперот кажува дека треба да се заснова на 4 принципи: постепено пристапување, строги услови, материјални придобивки, реверзибилност на процесо;
– преговорите треба да се организирани околу поглавја на политики, во кои постепено ќе се вклучуваат земјите-кандидати;
Се објаснува дека строгите услови се со цел да има ефективно приближување кон европските норми и стандарди на долг рок, во областа на владеењето на правото, но и економската и социјалната компатибилност; потоа се вели дека конкретните придобивки во текот на овој процес (кои во моментот недостасуваат и не ги превенираат миграциските движења, што претставуваат проблеми за обете страни), особено преку зголемена финансиска поддршка а реверзибилниот процес постои за да се обезбеди неговиот кредибилитет и да ја потврди стимулативната природа..
Овие критериуми ќе бидат проследени со индикатори кои ќе бидат лесно и објективноверификувани. Тие би можеле да бидат налик на индикаторите утврдени од Европската унија (табела за оценки за правда, Европски семестар за време на последните фази на процесот) и други меѓународни организации (Совет на Европа, вклучително и Венецијанската комисија, ГРЕКО и комитетот за Манивал; ОЕЦД; Светска банка ), но сепак нив ќе ги поставуваат и ќе ги оценуваат само институциите на ЕУ.
Покрај придобивките од постепеното учество во политиките на ЕУ, би можела да биде обезбедена и зголемена финансиска поддршка. Таа може да произлезе со зголемување на средствата од претпристапниот инструмент, но исто така може да се разгледа и можноста земјите кандидати да се квалификуваат за користење на структурните фондови. Земјите-кандидатки би можеле да добијат дел од структурните фондови за кои би биле квалификувани кога ќе станат членки во Европската унија, врз основа на постепено зголемување според фазите што ги завршиле и реформите што ги спровеле. Барањата за подобност за овие фондови треба да се однесуваат само на овие земји и на земјите-членки на Европската унија, за да избегнат негативни надворешни влијанија.
Треба да се воспостави принцип на реверзибилност со цел да се решат ситуациите кога земјата-кандидатка, во целост или делумно, веќе не исполнува одредени критериуми или ќе престане да ги исполнува преземените обврски.
Во контекст на ваквиот став за подобра комуникација помеѓу самитите на Берлинскиот процес и самитите ЕУ-Балкан, може да се одржи годишна средба на Европскиот совет со шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан, со цел да се одговори на прашањата од заеднички интерес (заедничка реакција на главните предизвици, односи со не-европски партнери, соработка во областа на правдата и внатрешните работи, економската и регионалната соработка).
Предлагаме она што Советот го бара од Комисијата да го формулира врз основа на горенаведените точки, предлози за дефинирање на новиот метод (организација, процедури за донесување одлуки, механизми за набудување, улогата на различните европски институции и земји-членки) да биде објавено пред следниот пакет за проширување, до јануари 2020 година.
Овој ревидиран пристап кон процесот на пристапување ќе се одрази и ќе се спроведе во рамки на преговорите, за што Советот ќе биде повикан да го усвои при започнување на пристапните преговори со земјите кандидати.
Како на ова ќе реагираат земјите кои треба да го гласаат по документот засега не е толку јасно. Фактот што преимерот со вицепремиерката – министерката за одбрана беа во Шведска покажува дека тие засега ја погодија барем првата адреса. Шведска јасно стави до знаење дека просторот кој нема да го освои ЕУ ќе го земе некој друг, мислејќи тука на Русија (изјава на домаќинот – премиерот Ловен).
Оние кои ќе го гледаат овој документ, пред се во атмосфера на прослава на падот на Берлинскиот ѕид, настан од кој не делат три децении, јасно ќе се соочат со тоа колку се трансформирала и Унијата, во зависност од тоа дали земјите кандидатки биле блиску или далеку од фактот да се соседи на Русија. До неодамна олеснителен беше и фактот земјата-кандидатка да излегува на море, ама од случајот со одбивањето на Албанија, се чини, тој факт останува сега вон игра.