Дали споредната, помалку видлива, онаа која „во поверение“ ни шепоти на увце дека политичката филозофија, стил и практика на Тито и Заев се фасади зад кои се крие онаа на Милошевиќ, не е – главна? Ако е главна (а главна е!), тогаш зошто Силјановска има толку силна потреба од фасада за таа порака?
АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Дали главната порака на претседателскиот кандидат Г. Силјановска која нè убедува дека „титовизмот, милошевизмот и заевизмот“ не се ништо другo ами „од еден дол дренки“ (Г. Тодоровски) е – навистина главна? Дали споредната, помалку видлива, онаа која „во поверение“ ни шепоти на увце дека политичката филозофија, стил и практика на Тито и Заев се фасади зад кои се крие онаа на Милошевиќ, не е – главна? Ако е главна (а главна е!), тогаш зошто тој кандидат има толку силна потреба од фасада за таа порака?
Toa се привлечни прашања. Водат кон не помалку привлечни одговори. Од своја страна, тие одговори отвораат и куп други, уште попривлечни прашања. И така во – недоглед. За жал, барем сега засега, морам да ги тргнам настрана тие привлечности. За да можам да ги изложам, во груби црти, главните одлики на политичката филозофија, стил и практика на Слободан Милошевиќ кои се, ако се прими здраво за готово ирационалната, озлобена мисла на Силјанoска, политичка филзофија, стил и практика и на Ј.Б. Тито и З.Заев.
За таа цел ја користам авторитетната книга „Горка суза после“ (2010) на Срѓа Поповиќ (1937-2013), еден од водечките слободумни мислители од кругот на оние луѓе кои ја поттикнаа, артикулираа и, конечно, ја урнаа (5-ти октомври 2000 г.) долгогодишната крвава тиранија на Слободан Милошевиќ. Се повикувам на таа книга затоа што нејзиниот автор е, токму како и Г. Силјановска, правник по професија и вокација од една, и затоа што некои делови од таа книга се прво објавени на англиски јазик, од друга страна. Згора на тоа, С. Поповиќ ужива не помал меѓународен углед од Силјановска, за што беше љубезна да нè извести уште на својата промоција како претседателски кандидат на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ. Накусо, се работи за две екстра интелектуални фигури од сродна научна област (и формат?) кои би требало да имаат ако не идентични, тогаш барем блиски погледи кон една политичка филозофија, стил и практика како онаа на Слободан Милошевиќ. Погледите на Г. Силјановска веќе ни се познати. Кои и се погледите на нејзиниот јуристички аналогон С.Поповиќ?
Во уводното поглавје „Они се као отцепљују, ми као не дамо“ од книгата “Горка суза после“, С. Поповиќ предлага теза која се потпира врз прегледна, систематска и богата аргументација. Според таа аргументација главен виновник за распадот на СФРЈ и крвавите војни кои го следат тој распад е конспиративна, заговорничка тројка во која влегуваат: Слободан Милошевиќ, претседател на СР Србија, Борислав Јовиќ, претседател на Претседателството на СР Југославија и генерал Вељко Кадиевиќ, сојузен секретар на војската во владата на Анте Марковиќ, последната влада на ex-Југославија. Како и кога, според оптиката на С. Поповиќ, доаѓа до фактичкиот распад на Титова Југославија?
По иницијатива, режија и команда на Сл. Милкошевиќ, Собраниете на СР Србија донесува нов Устав на ден 28 септември 1990. Според тој Устав, таа федерална единка се прогласува за независна држава со сите свои атрибути, салтанати и нишани. Иако не ја напушта федерацијата, барем формално. Иако и натаму останува во нејзините рамки. Ама, останува на еден крајно необичен и парадоксален начин. Таа ги задржува сите свои права како и другите единки во таа федерација. Но затоа пак нема никакви обврски кон неа.
СР Србија, според тој Устав, има право да ги штити своите интереси ако оцени дека законите на Федерацијата се против тие интериси. Таа има своја надворешна, монетарна и фискална политика, како и своја царинска служба. Сето тоа се случува една година пред да прогласат независност (на 8 октомври 1991) федералните единки Словенија и Хрватска. Сето тоа се кажува во јасна и категорична форма на член 72 на Уставот кој „одредува дека Србија е суверена и НЕЗВИСНА“ (итакнато од С. Поповиќ); „уредува сувереност, незвисност и територијална целокупност на Република Србија и на нејзината меѓународна положба и односи со другите држави и меѓународни организации“ (стр. 31).
Најнеобично и најзанимливо во таа дрска самоволја на Милошевиќ е тоа што легалното и легитимно Претседателство на СФРЈ (врховен командант на ЈНА) не само што не презема ништо, ами дури ни не негодува против човекот кој им фрла јавно нараквица в лице, кој ги понижува до срж, кој се постава над нив и над законите на СФРЈ! Тоа е парализирано од страв. С. Поповиќ има свое објаснение за тоа.
Тоа што го правеше и направи Сл.Милошевиќ со СФРЈ во деведесеттите год. на минатиот век има корен не само во неговата идеологија која, од своја страна, има жив корен во неговата психологија, туку и во глобалниот политички контекст кој му одеше на рака. Која е главната одлика на тој контекст?
Политиката на Евроунијата кон тогашната криза во СФРЈ е, во најмала рака, контрадикторна. За таа силна контрадикција која боде очи исцрпно и во детали, на повеќе од 100 странци голем формат, зборува Ц. Тодоров во својата книга „Сеќавање за злото, искушение за доброто (2001) Од една страна ЕУ се залага за опстанок на федарацијата. Макар и во некоја лабава, конфедерална форма. Од друга, таа ги помага, понекогаш отворено а почесто премолчано, силните етноцентристичи тенденции на нејзините единки. Од каде тоа двојство во политиката на ЕУ кон кризата во тогашна Југославија?
Белградскиот правник. С Поповиќ мисли дека тоа двојство во политиката на ЕУ се потпира врз извесни промени на тогашната надворешна политика на САД која го измести акцентот од принципот „непроменливост на границите“ кон оној легитимно право на народите на „самоопределување“. До тоа изместување дошло во резултат на обедувањето на двете Германи (СРГ и ДДР) по сломот на комунистичката идеологија во источниот свет. Очигледно е: како и во многу други случаи, стварноста е таа која менува принципи. Не принципите – стварноста. Зошто? Не е можно да се држи до принципот „непроменливост на границитеа“ и да се признае обединувањето на двете Германии.
Таа важна промена во надворешната политика на САД му доаѓа како кец на десетка на тогашниот претседател на СР Србија. Ако САД е на страната на принципот право на народите на „самоопределување“, тогаш таа суперсила е и на негова страна. Имено, сега ниту САД ниту ЕУ можат било со правни, било со логички аргументи да го оспоруваат неговиот Устав од 28 септември 1990 кој прогласи фактичка независност на СР Србија. Ако не можат да го оспоруваат, ако, од друга страна, се залагаат за спас на федарецијата макар и во лабава, конфедерална форма, тогаш станува јасно и двојството во тогашната политика на Сл. Милошевиќ. Од една страна тој е кооперативен со западниот свет кога привидно ја брани федерацијата. Од друга, не прави друго освен што ја следи таа политика на Запад кога прогласува независност на СР Србија. Двојството во политиките на САД и ЕУ одат рака под рака со двојството на Сл. Милошевиќ.
Претседателот на СР Србија има, во тоа време, контрола на ЈНА и тоа добро го знае тогашното Претседателство. Не може да не знае, исто така, дека промените во политиката на САД на свој начин го бранат дрскиот сепаратизам на Сл. Милошевиќ кој е, во најмала рака, исто толку демонстрација на сила колку и политика со оглед на „новите околности.“ Затоа што го знае, треба да се рече: тоа Претседателство не само што е парализирано од страв (претседателот на СР Србија веќе има конрола над ЈНА), туку и добро проценува (најверојатно) дека тогашните политики на западниот свет му одат барем исто толку на рака на човекот кој отворено работи против спасот на федерацијата, колку што му одат на рака на легално и легитимно Пртседателство кое, според тогашните, важечки закони на СФР, требало да го обвини за „велепредавство“ (С. Пповиќ).
Има посебна глава („Милошевиќ, немотивисано зло“) во книгата „Горка суза после“ на С. Поповиќ која зборува за психолошкот лик на Сл. Милошевиќ. Таа глава дава добра основа да се мисли дека психологијата на некоја политичка фигура е не помалку важна од нејзината идеологија. Или, уште подобро, таа идеологија има жив и жилав корен во психологијата. Не е тајна дека не само идеологиите, туку, понекогаш, и цели филозофски системи се некој вид фасади зад кои се крие волјата (сака) на некоја политичка фигура. Сл. Милошевиќ не бил ниту некој убеден, ортодоксен комунист. Не бил ни радикален етноцентрист (националист). Најмалку бил некој човек кој ужива во погодностите и славта кои добро одат со високата власт. А што бил? Кога С. Поповиќ посега по формулата „немотирано зло“ на англискиот писател Колриџ, главна одлика на политичката филозофија на Сл. Милошевиќ, тој не вели ништо друго освен дека се работи за лик кој ужива во „злото заради зло“: како Јаго во „Отело“ на Шекспир.
Конечно, зошто ги предочувам сиве овие, за некои добро познати, за други здодевни детали? За да стане појасно колку и зошто е чудовишна споредбата на Г. Силјановска на Ј.Б. Тито и З. Заев со Сл. Милошевиќ