СТEФАН ТРАЈКОВСКИ
Ајде прво здравјето да го деполитизираме. Што највеќе помага за да имаме добро здравје? Тоа е спортот. Тогаш со закон да забраниме политика во спортот и спортисти во политиката. Спортот како превентивна здравствена заштита, а не спортот како превентивна политичка активност
Секогаш слушаме за помирување, за обединување, за консензус за оваа или онаа работа. Сетоа тоа се само зборови, кои имаат празно ехо во далечина. Потребна е конкретност во таа насока. Таа конкретност стои во капацитетот за толеранција, кој го имаме или немаме, во секој од нас. Толеранција кон различното мислење, став, припадност. Особено кон различното политичко убедување. Се додека, предавник е оној кој има различни политички ставови од нашиот, се дотогаш само празно ќе говориме за помирување или обединување. Зошто толку силни реакции кај граѓаните, во врска политичките убедувања на останатите?
Тоа е така, зашто политичката припадност е егзистенцијално прашање во земјава. Сите политички партии ги присилуваат своите членови да бидат крвни непријатели на своите соседи и пријатели, па и роднини, со различно политичко убедување. Доколку не се доволно жестоки и доволно омразени, тоа значи дека не се доволно заслужни да добијат соодветна егзистенцијална реализација. Со тоа толаранцијата останува забранета, а не само заборавена.
Првиот услов за практикување на толерантен однос кон различноста е отстранување на влијанието на политичките партии во нашите животи. Тоа значи начин за забрана политичките партии да решаваат егзистенцијални прашања. Тоа значи политичките партии да престанат да бидат сеприсутни во нашите животи. Затоа стоиме на ставот политиката да биде на втор план во животот на граѓаните. Затоа Македонски концепт, како политичка програма е различна од останатите. Затоа што од позиција на граѓански актвизам, се промовираат политики, кои ја нормализираат политиката. Ја маргинализираат во животите на граѓаните. Тоа ни доаѓа како право на самоодбрана. Сами преземаме мерки да се заштитиме од ова непримерно дејствување на политичките партии. Имаме право на тоа. Но, имаме и нужда од тоа. Тоа е прв услов да започнеме нормално да живееме. Нешто што денес не го правиме.
Секогаш кога честитаме некој празник, си посакуваме прво здравје, па се друго. Кога помислуваме на тоа другото, обично мислиме на пари, семејство, образование и сл. Денес во Македонија, сето ова, и здравје и пари и семејство и образование, се зависи од политиката на партиите. Ајде прво здравјето да го деполитизираме. Што највеќе помага за да имаме добро здравје? Тоа е спортот. Тогаш со закон да забраниме политика во спортот и спортисти во политиката. Спортот како превентивна здравствена заштита, а не спортот како превентивна политичка активност. Само преку спортот ќе дојдеме до состојба на среќни, насмеани, полни со оптимизам граѓани, кои не планираат да ја напуштат државата, туку да останат дома и да се изборат за просперитет на сите нас. Токму затоа политичките партии инсистираат да имаат контрола врз спортот. Сакаат да ја контролираат среќата, да ја контролираат насмевката, да го контролираат оптимизмот. Они да кажат кој и кога смее да биде среќен. Кој има право на здрав живот, а кој нема право на тоа. До степен, политичките партии преку целосната партизација на здравството, сакаат да одлучуваат кој има право на здравје, а кој не. Ова е далеку од нормалност.
Иако по професија сум политиколог, а политиката ја носам во себе си како наследство, сепак поблиски ми се политиките кои носат нормалност во животот, отколку политиките кои го политизираат животот. Блиска ми е максимата „Политика на втор план!“, блиски ми се ставовите на македонски концепт во овој смисол. Секако дека и политиката си има свое место во животот на сите нас. Но не во центарот на сите случувања, не во центарот на нашите животи.