Резултати од мониторинг на скриената економија во Северна Македонија во 2018 година со акцент на корупцијата. Ова е извадок од трудот на авторите Кристијан Алексовски и Кристијан Трајкоски, од Центар за истражување и креирање политики
Корупцијата претставува општествена појава која негативно се одразува врз благосостојбата на сите граѓани во една држава, воедно, се смета за најтежок облик на загрозување на демократијата и владеење на правото. Заради својот широк спектар на штетни ефекти, може да предизвика и појава на организиран криминал и закани за безбедноста на општествената заедница и државата. За разлика од општите криминални дејствија и нелегални активности, сузбивањето на корупцијата преку нејзино откривање, инкриминирање и гонење, претставува сложен процес, пред сè бидејќи е тешко да се изградат силни и одржливи механизми кога оние кои треба да ја сузбиваат корупцијата, всушност самите се корумпирани. Заради нејзината комплексност, секој граѓанин има законска и морална обврска да се бори против корупцијата, тоа значи дека не само што не треба да практикува коруптивни дејствија, туку треба и да пријави случаи на корупција доколку ги препознае .
Во современите општества, корупцијата е присутна во различен обем и во различни облици, независно од тоа дали зборуваме за демократски или авторитарен режим, развиена демократска земја или земја во развој. Таа како негативна општествена појава претставува значаен предизвик и горчелив проблем за сите држави. Широката примена на коруптивни активности негативно се одразува врз општествениот и економскиот развој на една земја и претставува пречка за воспоставување ефикасни институции и одржување високо ниво на доверба во нивната работа. Дополнително, во услови на високо ниво на корупција, на одредени лица им е отежнато остварувањето на загарантираните права и пристапот до јавните услуги. Со тоа, се нарушува принципот на еднаквост и еднакви можности за сите граѓани, бидејќи оние кои практикуваат да поткупуваат и да бидат поткупени, стекнуваат предност во однос на останатите. Може да се забележи дека доколку корупцијата не се контролира, таа прераснува во системски проблем (институционална или системска корупција), кој претставува закана за одржливиот економски раст и развој и зачувување на демократските вредности .
Во систем во кој се „толерира“ високо ниво на корупција, штетни последици трпи и пазарната економија. Пазарот не е компатибилен со практикување на коруптивни активности, бидејќи на тој начин е нарушен концептот на слободна конкуренција како основен принцип на пазарната економија. Врз приватниот сектор корупцијата има негативни ефекти преку насочување на јавните ресурси за непродуктивни активности со кои се одвраќаат иновациите кај деловните субјекти, како и претприемачките активности. Корупцијата има штетни влијанија и врз работењето на јавниот сектор, и тоа се манифестира преку донесување одлуки за распределба на јавните ресурси на штета на граѓаните, а со цел прибавување лична корист. Ова води и кон намалување на квалитетот на јавните услуги, вештините, стручноста и кредибилитетот на јавната служба.
Резултатите покажуваат дека најзначајниот и најотежнувачки индикатор кој се однесува на скриената економија во Северна Македонија е променливата и висока стапка на невработеност. Во 2018 година, согласно податоците на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност изнесува 20.7%, иако таа бележи благо намалување, споредено со 2017 и 2016 година, кога стапката на невработеност изнесувала 22.4%, односно 22.5% (Аврамоска 2019). Високиот процент на долгорочна невработеност од 77.9%, укажува дека голем дел од невработените мора да се занимаваат со некоја скриена активност за да се стекнат средства кои ќе им овозможат основни услови за егзистенција. Непријавените работници веројатно се занимаваат со индустрии и услуги каде редовно се врши плаќање во готовина, вклучително и занаетчиските услуги, зелените пазари итн. Во Северна Македонија, правата и обврските од работниот однос произлегуваат преку потпишување писмен договор за вработување меѓу работникот и работодавачот. Договорот за вработување претставува важен инструмент за правна заштита особено на работникот, кој покрај правната заштита преку договорот добива соодветно утврдена плата и покриени придонеси за социјално и здравствено осигурување. Немањето писмен договор за работа претставува извор на несигурност за работникот и поттик за негово дополнително вклучување во различни скриени економски активности како што е непријавената работа. Од друга страна, практикувањето на непријавено вработување од страна на работодавачите, создава нелојална конкуренција на пазарот.
Податоците прикажани во графиконот погоре, ни даваат јасна слика дека македонскиот работник кога се вработува најчесто склучува определен договор за работа за својата основна дејност, односно примарна работа. Сепак, 7.6% од македонските работници работат без договор за работа. Овој процент согласно истражувањето во 2016 година изнесувал 9%, додека во 2014 година 7%. На овие работници не им се исплаќаат социјалните и здравствените придонеси, ниту нивните права како работници се заштитени. Најчест облик на договор за работа склучен со работодавач за вршење основна работна дејнос е стандардниот договор за вработување на неопределено време, односно со овој договор се вработени повеќе од 77% од македонските работници.
Како што може да забележиме 85% од вработени лица за својата основна работна дејност имаат склучено писмен договор за вработување (види Графикон 1), што не е случај за лицата кои вршат дополнителна работна дејност. Огромно мнозинство од работници кои вршат дополнителна работна дејност, речиси 74%, со својот работодавач немаат склучено писмен договор за работа. Во случаите кога е склучен договор за работа, најчесто тоа се договори за дело, авторски договори, договори на определено време и други видови привремени договори за работа.
Социјалните придонеси за дополнителната работна дејност не се исплаќаат за нешто повеќе од 38% од работниците, за исто толкав процент на работници кои вршат дополнителна работна дејност не се плаќа и здравствено осигурување. Работењето дополнителна дејност во Северна Македонија се карактеризира со пониско ниво на исплата на социјалните и здравствените придонеси. Дополнително, 52.5% од испитаниците се изјасниле дека не го пријавуваат приходот од дополнителната работна дејност, односно не плаќаат никаков персонален данок на доход. Само 37.4% од граѓаните велат дека за својата дополнителна дејност го пријавуваат и плаќаат персоналниот данок
Покрај ангажирањето на непријавени работници без формален договор за вработување, дополнително се забележува практикување на друг значаен облик на неформалност – скриените плати или плати во плик, односно исплаќање на плати кои реално се повисоки од оние износи кои се впишани во договорите. На 27.6% од вработени во Северна Македонија им се исплаќаат придонеси за социјално осигурување на износ на плата кој е помал од реално примената плата (види Графикон 4). Состојбата е уште повеќе загрижувачка кога работникот врши дополнителна дејност. Како што може да забележиме од податоците прикажани погоре на дури 54.5% од работниците кои вршат дополнителна работна дејност, придонесите не им се исплаќаат врз основа на платата која реално ја добиваат. На овој начин преку скриената плата, од овој усен договор „корист“ имаат двете страни: Работодавачот прави одредени заштеди со тоа што не плаќа придонеси за вистинскиот износ кој е повисок од минималната плата или фиктивно утврдената плата која се пријавува, а работникот „на рака“ добива повисока нето плата. Врз основа на проценка на нивото на сложување со различни изјави поврзани со скриената економија, забележавме дека повеќе од 18% од испитаниците сметаат дека би им било подобро доколку не би биле пријавени и би примале повисока плата, отколку да бидат формално пријавени работници и да примаат пониска плата. Може да забележиме дека за добар дел од работниците, моменталното ниво на задоволство со висината на платата е многу поважно, отколку долгорочната сигурност, односно вработување со кое редовно се платени придонеси за здравствено и социјално осигурување. Вреди да се напомни дека 54% од испитаниците не се согласуваат со оваа изјава. Граѓаните имаат негативни перцепции за државното социјално и здравствено осигурување, што може да претставува поттик за тие да бидат склони кон неформални активности. За нешто повеќе од 49% од граѓаните, државното здравствено и социјално осигурување не обебедуваат доволно чувство на сигурност за нив и за нивното домаќинство.
Скриената економија се јавува во различни облици, со што се отежнува нејзината детекција и напорите таа да влезе во рамки на формалната економија, а во нашето истражување забележавме дека се затајува данок. Постојат различни начини за избегнување на плаќање на даноците, еден од нив е неиздавање фискални сметки или фактури. Согласно податоците, неиздавањето фискални сметки во Северна Македонија е далеку поголемо кај услугите, отколку кај продажбата на стоки. Најголемо неиздавање фискални сметки според испитаниците има кај акцизните стоки, односно алкохол и цигари, додека во најмалку случаи не им била издадена фискална сметка при купување храна и намирници. Храната и намирниците имаат најголема веројатност да бидат оданочени во однос на останатите стоки
Во однос на услугите, фискални сметки во Северна Македонија најретко се издаваат за поправки во домот, одржување на домаќинството, како и при ангажирање мајстор за поправка и ремонт на автомобили, апарати во домаќинството и слично. Висок процент на граѓани велат дека не добиле фискална сметка и за занаетчиски услуги (користење услуги на фризери, кројачи, чевлари итн.). Фискални сметки најчесто се издаваат при користење на транспортните услуги (превоз, преселба, достава), но и при користење професионални услуги од страна на сметководители, архитекти, психолози. Истражувањето покажа дека македонските граѓани имаат високо ниво на толеранција на неформалноста, односно 14.4% велат дека неплаќањето даноци треба да се толерира во Северна Македонија, а 52.3% сметаат дека сивата економија претставува неминовен дел од секојдневниот живот.