Тодоровски е водач на тим од истражувачи во одделот за експериментални и здравствени науки на Институтот ПРББ (Barcelona Biomedical Research Park), кој е дел од Универзитетот „Помпео Фабра“ во Барселона. Се работи за заеднички проект на Шпанија, Португалија и Германија
Шпанија беше една од најпогодените земји во првиот бран на пандемијата на Ковид-19 и поради тоа, речиси сите здравствени и научни ресурси во последните осум месеци беа насочени кон пронаоѓање одговори и евентуални лекови или вакцина против опасниот вирус Sars-CoV-2.
На изнаоѓање решение работи и велешкиот научник и доктор по хемија и биохемија Тони Тодоровски (39), кој е водач на тим од истражувачи во одделот за експериментални и здравствени науки на Институтот ПРББ (Barcelona Biomedical Research Park), кој е дел од Универзитетот „Помпео Фабра“ во Барселона. Се работи за заеднички проект на Шпанија, Португалија и Германија, наречен Noviruses2brain. Со самото тоа што е финансиран од ЕУ, Европската комисија ги обврзала сите што работат на антивирусни лекови автоматски да го вклучат и Sars-CoV-2.
– Во нашата истражувачка група работиме на две истражувачки линии. Дел од колегите работат на потенцијална вакцина, а јас сум водач на групата што работи на пронаоѓање соединенија за лекови против вируси кои навлегуваат во мозокот. Фокусот беше ставен на вирусите зика, жолта треска и денга, но од април наваму е вклучен и Ковид-19. Главна цел е секој вирус што ќе навлезе во мозокот да можеме да го уништиме. Проблем е мозочната бариера која (blood brain barrier) служи како филтер и ги пропушта само хранливите состојки да влезат. Тоа некогаш може да биде проблем затоа што некои вируси можат да навлезат во мозокот, а лекот за тој вирус нема пристап затоа што бариерата не го препознава како лек и може да го одбие како туѓо тело. Ние работиме на синтетизирање нови молекули, конјугати, односно комбинација од две молекули, едната која го уништува вирусот, а другата која ќе ја помине бариерата – објаснува д-р Тони Тодоровски.
Во моментов научниците имаат 16 кандидати-соединенија кои потоа ќе се испитуваат во клетки во Португалија. Соединенијата со најголем потенцијал ќе се испитуваат ин виво во Германија. Во моментов има три-четири соединенија кои имаат ветувачки резултати, но прерано е да се каже дека тоа може да се користи како лек.
– Доколку функционира проектот, евентуален иден лек за Ковид-19, ние со нашиот пристап би можеле ефикасно да го транспортираме до мозокот. Соединението што го имаме и кое е антивирално, го тестиравме дали е корисно против Ковид-19. Резултатите треба да бидат готови до крајот на оваа година. Ако покажеме дека тоа соединение е корисно против Ковид-19, тогаш голем број истражувачки групи ќе можат да ги користат тие соединенија за испитување за ефикасноста против Ковид-19. Би го осветлиле патот или би дале нови насоки за истражување, би поставиле основа – вели Тодоровски.
Тој лично верува дека во следните 15 години бактериските и вирусните инфекции ќе предизвикаат нови пандемии, а ставот на неговиот истражувачки тим е дека поради климатските промени, за неколку години ќе има многу повеќе пандемии, најмногу предизвикани од вирусите што ги пренесуваат комарци кои со глобалното затоплување полека се пробиваат во Северна Америка и во Европа.
– Да се најде нешто антивирусно, е многу тешко. Светот верува дека има поголема шанса со вакцина отколку со лек. Втората група од мојата лабораторија работи на пептиди (протеинот е изграден од полипептиди кои кога ќе се поврзат прават протеин), односно на синтеза на пептиди кои се типични за Sars-CoV-2. Сакаме да најдеме одредена секвенца на пептид кој кога ќе биде внесен во организмот, организмот би го гледал како антиген, со што би почнал да произведува антитела против тој антиген. А тој антиген ќе биде поврзан со протеинот на Sars-CoV-2. Што значи на крајот кога вирусот ќе навлезе, со самото тоа што тој веќе го содржи тој протеин, телото ќе го препознае и ќе има развиено антитела и нема да му дозволи да се сврзе – вели Тодоровски за обидите на неговата лабораторија да помогне во борбата со вирусот.
Македонскиот научник на своја рака ја почувствувал силата на Ковид-19 во првиот бран на пандемијата. Тој морал да се лекува на инфективно одделение во една од болниците во Барселона затоа што имал потешка клиничка слика.
А, искуствата и грешките од првиот бран ги научиле шпанските власти, но и граѓаните, да бидат многу повнимателни во овој далеку поголем есенски бран.
Тодоровски вели дека на почетокот главен критериум било прашањето „Можеш ли да дишеш?“, а температурата и другите симптоми биле нормални.
– На почеток властите следеа протоколи и информации од Кина. Се игнорираа другите симптоми поради тоа што немаше место во болниците. Не беа свесни дека вирусот може да нападне неколку органи и да предизвика штета. Сега сме поподготвени, овој пик беше очекуван, а бројките се должат на зголемениот број тестирања, непочитувањето на мерките во дел од рестораните и семејните собири. Ако се гледа бројот на пациенти што одат на интензивна нега, сега тој е многу помал – додава тој.
Во Шпанија владата е таа која препорачува мерки, но властите во секоја од автономните покраини одлучуваат која од тие мерки ќе ја прифатат. Во Каталонија, каде што живее и работи македонскиот научник, мерките се поригорозни.
– Лично сум позадоволен од мерките, верувам дека носат вистински одлуки. Задолжително е носење маска, држење дистанца, во училиштата има протоколи, има апликација преку која во секој момент можеш да следиш колку ученици се заразени и колку во моментов се во изолација. Апликацијата помага за да можеш да видиш дали тоа училиште ги следи протоколите. Единствено што не сум задоволен е што недостигаат таканаречени следачи или епидемиолози кои можат да ја детектираат листата со контакти на заразените и да ги следат контактитe. Луѓето најмногу се жалат на ова – вели Тодоровски.
Инаку, Тони Тодоровски е роден во Велес. Високо образование завршил на Природно-математичкиот факултет во Скопје, отсек хемија. Љубовта кон науката се родила благодарение на неговиот професор и ментор Методија Најдовски од Институтот по хемија, каде што почнал постдипломски студии. Се отворила можност да замине на мастер-студии на факултетот во Лајпциг. По завршувањето на овие студии Тодоровски со помош на стипендијата од ДAАД (German Academic echange office) продолжил на докторски студии на истиот универзитет. По завршувањето на докторатот ја прифатил понудата за истражување на ИРБ Институтот во Барселона, во кој работи шест години. Од 2019 година работи во одделот за експериментални и здравствени науки на Институтот ПРББ (Barcelona Biomedical Research Park), кој е дел од Универзитетот „Помпео Фабра“.
(fakulteti.mk)