ДЕНКО МАЛЕСКИ
Новата американска администрација веќе цела година ја спроведува својата изборна агенда и нема време да се занимава со лагите на претходниот претседател Трамп
Од новите носители на власта се очекува решавање на секојдневните проблеми на граѓаните. Но затоа тука се новинарите, интелектуалците и судиите кои се упорни во потрагата по вистината која нема временски рок на траење и е вредност самата по себе. До ден денешен, неуморниот Си-Ен-Ен е упорен во разоткривањето на големата лага дека претседателските избори во Америка биле фалсификувани. Секојдневно, една година по завршените избори, новинарите разговараат со одговорните во изборните едниници, најчесто од партијата на Трамп, републиканци, во обид да соберат податоци кои ќе ја разоткријат големата лага на Трамп.
Зошто е тоа важно? Затоа што во таа голема лага веруваат безмалку половина од американските граѓани. Дебатните панели се составени од политичари, судии и одлично образовани новинари кои ги анализираат фактите пред лицето на јавноста свесни за својата важна улога во разоткривање на вистината. Имено, тие знаат дека ако работите останат недоречени, Трамп би можел да им се повтори на Американците. Затоа, ја продолжуваат битката за вистината со цел лагите одново да не ја загрозат нивната демократија.
Една паралела со Македонија. Кај нас никој не се замислува над констатицата дека партијата на македонските националисти имала цврсто како камен избирачко тело од 300,000 гласачи сите овие години на независност. Зошто, се прашува ли некој? Затоа што никој не се труди да ја донесе вистината до овој дел од гласачкото тело. Тие гласачи кои веруваат во лагата за Охрид, Преспа, Бугарија и албанскиот јазик, се оставени во темница и на милост на нивната партија која ја цеди и последната капка патриотизам за изборна добивка. Во принцип, нашите политичари ги интересира вистината само ако таа им помага да дојдат на власт.После тоа ги чекаат истите одговорности како во Америка: решавање на секојдневните проблеми на граѓаните на Македонија. Лага што се протнала веќе никого не интересира. Никој не се враќа по вистината. Зошто?Затоа што таа, вистината, не е вредност во нашето општество. Луѓето едноставно не се спремни да се изложат на трудот и непријатностите со кои се соочува секој кој ќе се обиде да ја најде. Не постои, како на Западот, една просветена елита која е спремна да се бори за вистината до нејзината полна афирмација. Да ја продолжи дебатата за Охридскиот, Преспанскиот, Договорот со Бугарија или за јазичните права на малциските заедници и да им се спротистават на лагите. Вистината дека без лојалност на сите поголеми етнички заедници,без рамноправност, нема македонска држава. Дека без Преспа нема НАТО, нашата драгоцена безбедносна гаранција. Дека без договор со Бугарија нема ЕУ, наша иднина во просперитет. Генерално земено, македонската интелигенција, новинарите и судиите не се спремни упорно да се нуркаат во длабочините додека не допрат до вистината, па колку и да треба труд и време, независно од агендите на оние на власт или оние во опозиција. Лагата и вистината имаат подеднаков статус во Македонија. Никој не и објавува војна на лагата зашто се што има политичка корист се брани со начелото: заедно со пријателите и кога лажат, против непријателите и кога ја зборуваат вистината. Вистината, имено, не е вредност самата по себе, па малкумина се борат вистината да стаса до оној дел од граѓаните кои упорно и веруваат на лагата.Што се однесува до судбината на оној кој сепак одбива да лаже и ја говорат вистината, сеуште важат зборовите на Марко Цепенков: Тој шчо ја кажвит вистината едвај останвит жив.