Што ќе содржи извештајот на Мулер? Советникот на Трамп – Роџер Стоун доби судска опомена поради објавување на навидум заканувачка фотографија на социјалните медиум
Извештајот на специјалниот советник Робер Мулер за истрагата за поврзаноста на кампањата на Трамп со Русија неофицијално се очекува да излезе на почетокот на следната недела. Прашањето е што ќе биде заклучокот – дали Трамп ќе биде кривично одговорен или пак ќе биде ослободен во истрагата, која тој самиот ја нарече „лов на вештерки“.
Постои дебата во медиумите и дали извештајот ќе биде објавен јавно, или пак нема да бидат објавени деталите, кои можат да фрлат сенка врз претседателствувањето на Трамп.
Според неколку непотврдени извештаи, Мулер би можел да го испрати извештајот до главниот правобранител Вилијам Бар во текот на наредните денови, со тоа доведувајќи ја до крај двегодишната истрага за наводна соработка меѓу членови на кампањата на Трамп со руски владини агенти, со цел да и` наштетат на кампањата на демократката Хилари Клинтон.
Објавувањето на извештајот, пак, нема да значи крај на легалните проблеми на Трамп, дури и ако претседателот не е конкретно обвинет.
Изминативе месеци обвинители во Њујорк водат посебна истрага за финасиите на Трамп.
Тој доби судска опомена поради објавување на навидум заканувачка фотографија на социјалните медиум
Во исто време Роџер Стоун, долгогодишен советник на американскиот претседател Доналд Трамп, доби судски налог да не смее да зборува во јавност за истрагата на специјалниот советник против него.
Стоун вчера во Вашингтон доби судска опомена поради објавување на фотографија на социјалните медиуми, што навидум изгледа дека нишани во судијката.
Стоун се извини, но, судијката го отфрли извинувањето. Тој се соочува со судење под обвинение дека во координација со претставници на кампањата на Трамп во 2016-та година, од Викиликс побарал украдени електронски пораки, штетни за тогашната претседателска кандидатка Хилари Клинтон.
Адвокатот на Стоун рече дека неговата постапка кон судијката била „неоправдана“.