Атмосферата е затоа многу напната, но на Трамп не му пречи. „Целата работа повеќе се чинеше како изборен говор отколку класично обраќање за состојбата на нацијата“, вели Сторми-Аника Милднер, директорка на Институтот Аспен со седиште во Берлин. Таа истакнува дека говорот бил полн со остри напади на претходната администрација на Бајден

Во своето обраќање до нацијата пред американскиот Конгрес, Доналд Трамп зборуваше за внатрешната политика, царините и војната во Украина. Тој е убеден дека е на вистинскиот пат, иако зад себе остава длабока поделба во општеството.
Колку е длабока поларизацијата во политичка Америка и колку се непомирливи републиканците и демократите, стана јасно уште во првите моменти од говорот. Доналд Трамп, 47-от претседател на Соединетите Американски Држави, стои на говорницата, преувеличувајќи ги сопствените пофалби. „За 43 дена, постигнавме повеќе отколку што направија повеќето администрации за четири или осум години“, рече Трамп на громогласен аплауз од неговите поддржувачи. „И ние само што почнавме!“
Додека републиканската половина од салата станува и скандира „САД! САД!“, демонстративно седнаа демократските пратеници, казнувајќи го претседателот со леден молк. Многумина меѓу нив креваат транспаренти на кои пишува „Лажи!“ или „Маск краде!” Демократскиот конгресмен Ал Грин дури мораше да биде отстранет од салата затоа што постојано го прекинуваше говорот на Трамп со возбудени интерекции. Многу демократски конгресменки носеа розова боја за да протестираат против новиот претседател.
Во меѓувреме, синот на претседателот, Доналд Трамп Џуниор, седи на подиумот и го коментира говорот на неговиот татко на платформата Х. Демократите, според неговите зборови, се „плачковци“, „комунисти“ и „срамота“.
Атмосферата е затоа многу напната, но на Трамп не му пречи. „Целата работа повеќе се чинеше како изборен говор отколку класично обраќање за состојбата на нацијата“, вели Сторми-Аника Милднер, директорка на Институтот Аспен со седиште во Берлин. Таа истакнува дека говорот бил полн со остри напади на претходната администрација на Бајден.
Ова е јасно од првиот слоган на Трамп: „Америка се врати! Тој зборува за она што неговата влада веќе го постигнала: повлекување од неколку мултилатерални организации, преименување на Мексиканскиот Залив во „Заливот на Америка“ и официјално утврдување дека има само два пола. Трамп, исто така, тврди дека „цензурата“ ќе биде „потисната“. Тој го опишува како „револуција на здравиот разум“ што го зафаќа светот.
Меѓутоа, светот едвај беше спомнат во тој говор. Сто минути – подолго од кој било американски претседател пред него – Трамп се фокусира речиси исклучиво на Америка и на себе. Зборува за инфлацијата за која ја обвинува претходната администрација, но не дава конкретен одговор на прашањето како планира да ја контролира. Наместо тоа, тој ги пофали мерките на неговиот советник за намалување на бирократијата.

Во него се наведува дека Илон Маск, преку агенцијата DOGE, заштедил 105 милијарди долари за само шест недели – сума која, сепак, не може да се потврди независно, бидејќи, доаѓа исклучиво од агенцијата на Маск.
Доналд Трамп повторно ја бранеше својата царинска политика – иако многу економисти веќе предупредуваат дека тоа може значително да ги зголеми цените за американските потрошувачи. Претседателот, исто така, навести дека наскоро би можеле да следат дополнителни царински мерки против европската и индиската автомобилска индустрија.
Според Сторми-Аника Милднер, Трамп има „царинска глад што значително се разликува од мејнстрим економијата и, во голема мера, од претходната политичка практика“. Трамп смета дека тарифите ги плаќаат странските компании, а не домашните жители, што, се разбира, вели тој, не е точно.
Посебно е интересно што Трамп „некако ја обезбеди“ поддршката на американските земјоделци – дури и кога ја објави својата намера да воведе царини за земјоделските производи. Претседателот изјави дека првично „ќе има мал немир, но тоа е во ред со нас. Нема да биде премногу“.
Според Милднер, оваа изјава покажува дека Трамп е свесен дека неговите политики предизвикуваат проблеми, но исто така е вешт да креира одреден наратив и да ги убедува оние кои економски ќе страдаат од неговите одлуки. Останува неизвесно дали тој ќе продолжи да успее доколку инфлацијата продолжи да расте. „Во првиот мандат“, се сеќава Милднер, „тој сепак успеа да го стори тоа“.
Во својот говор Трамп едвај ја спомна надворешната политика. Дури по повеќе од еден час ги допре глобалните конфликти. Според анализата на CNN, тој и посветил само пет минути на Украина, додека Газа ја спомнал за само 49 секунди.
Трамп објави дека добил писмо од украинскиот претседател Зеленски, во кое изразува подготвеност „да седне на преговарачка маса што е можно поскоро за да се постигне траен мир“. Тој исто така рече дека Зеленски сега е подготвен да потпише планиран договор за суровини со САД, по невиден дипломатски инцидент во Белата куќа во петокот.

Во однос на другите прашања од надворешната политика, Трамп беше помалку помирлив. Тој повторно се закани дека ќе го врати Панамскиот канал под контрола на САД и уште еднаш ја објави својата намера да го преземе Гренланд, кој и припаѓа на Данска: „Ќе го добиеме – на овој или оној начин“, рече тој.
И покрај овие закани, Сторми-Аника Милднер не верува дека САД ќе го анектира Гренланд. „Попрво очекувам дека, како и во случајот со Панамскиот канал, американските компании ќе купат одредени делови од инфраструктурата, со поддршка на американската влада. „Тоа би била пореална опција, смета тој.
„Сепак, неизвесноста и непријателството што ваквите изјави ги предизвикуваат на меѓународно ниво се огромни“ – особено меѓу поранешните сојузници на САД. „На крајот на краиштата, Западот моментално пропаѓа поради акциите на Соединетите Држави, без другите сили да мораат да направат апсолутно ништо.
За време на говорот на Трамп, демократите постојано одржуваа протестни акции. Многумина носеа марами, вратоврски и беџови во жолтата и сината боја на Украина. Некои во знак на протест ја напуштија салата. Конгресменката Јасмин Крокет подигна маица на која пишуваше „Спротивстави се“ (Resist).
Доналд Трамп остана целосно рамнодушен на сето ова и продолжи да зборува за неговите мерки како „неизбежно обновување на американскиот сон“. На крајот, обраќајќи им се на демократите, рече: „Ние само што почнавме!“