ДЕНКО МАЛЕСКИ
И додека демократите на Камала Харис, добронамерни толерантни луѓе со универзитетски дипломи, се однесуваа кон гласачите како мисионери кои проповедаа дека ќе им помогнат да се еманципираат и да заличат на нив, републиканците на Трамп се идентификуваа со обичниот човек
Со слоганот „Јас сум вашата одмазда“, Доналд Трамп победи на изборите во Америка. Незадоволството на масите со домашната и надворешната политика на „естаблишментот“ го лансираа републиканскиот кандитат на најмоќната политичка функција во Америка и во светот. Непристојниот Трамп ја победи пристојната Харис во уште еден револт на масите. Колку е тој оправдан а колку е неоправдан е работа на натамошни анализa.
И додека демократите на Камала Харис, добронамерни толерантни луѓе со универзитетски дипломи, се однесуваа кон гласачите како мисионери кои проповедаа дека ќе им помогнат да се еманципираат и да заличат на нив, вели Дејвид Акселрод, поранешен советник на претседателот Барак Обамаг, републиканците на Трамп се идентификуваа со обичниот човек, а претседателскиот кандидат се изразува и со јазикот на тој обичен човек.Не ретко и со псовки. Така, додека демократите зборуваат за иднина на чиста енергија од соларни панели и ветерници, републиканците се за сегашност на јаглен и нафта. „Буши, бебенце, буши“ се провикна Трамп во една прилика игнорирајќи ја втората по опасност катастрофа надвисната над човештвото денес – климатските промени предизвикани токму од политиката „Буши, бебенце, буши“.
Што ќе значи за Македонија победата на Трамп? На тоа прашање не може да се одговори ако фокусот се стави само на нашата држава. Зошто? Затоа што сме премногу мали и неважни. Во нејзиниот фокус се односите со ЕУ, со Русија, со Кина и со другите големи играчи на меѓународната сцена. Од тоа како ќе се менуваат односите со нив генерално, а особено со ЕУ, ќе зависат и односите со Македонија. А светот е во драматична промена на „крајот од американската ера“, како што велат американските реалисти.Значи, ќе биде полошо за нас. Ќе биде полошо за нас зашто ќе го нема веќе грижливо негуваниот мултилатерализам на демократите и нивната „мисионерска“ улога да не направат да личиме на нив преку демократска трансформација на нашиот политички систем и нашето авторитарно поведение. „Америка на прво место“ значи „секој за себе“, па дистанцирањето од Европа значи и дистанцирање од Македонија и од Балканот. Едно е сигурно: Трамп ќе инсистира на „чисти сметки“ со ЕУ околу европската безбедност што може да доведе дури и до повлекување на САД од НАТО.Кај сме тогаш ние во новите безбедносни аранжмани кои треба да се испреговараат на европскиот континет? Во чекалната.
Непредвидливиот Трамп кажа многу работи во кампањата, така што тешко е да се предвиди што навистина ќе се случи со војната во Украина која е страшна закана за светскиот мир. Рече дека ќе ја заврши војната за еден ден и пред инаогурацијата ама и му се закани на Путини дека ќе го удри директно во таа „проклета Москва“ ако треба.Начелото на демократите „Еден за сите, сите за еден“, ќе биде заменето со она републиканците „Секој за себе“. Нека му ја мислат малите држави во таков свет.