Не е важно со каков софтвер ги пресметувате резултатите, важно е на кој начин го полните софтверот со податоци
ПАВЛЕ ГАЦОВ
Јавните финансии во Македонија може да се менаџираат и чесно и модерно – транспарентно. Токму транспарентноста треба да биде главната брана за злоупотреба на јавните финансии – заради оневозможување на нивното неоправдано, односно прекумерно трошење. Да констатираме дека во изминатиов период нетранспарентноста беше одлика на трошење на парите на граѓаните и главен услов кој ги овозможи сите незаконитости што се случуваа(т) со јавните пари. Затоа…
ИЗВЕШТИТЕ НА ДЗР Отчетноста на трошењето на парите на граѓаните ќе го зголеми нивото на одговорноста на јавните функционери за трошењата што ги прават. Извештаите на Државниот завод за ревизија овозможуваат увид во трошењето на парите на граѓаните, но тие доаѓаат премногу доцна, односно по неколку години од моментот на направените прекумерни трошења и се однесуваат само на избрани субјекти кои се предмет на ревизија. Токму временскиот фактор ги прави ревизорските извештаи да бидат само делумно корисни (поради можноста за некаква форма на легално санкционирање на констатираните незаконитости).
Пишувани процедури за правилата на трошење на парите на граѓаните и контрола на нивното (не)почитување
Да се разбереме, авторот не припаѓа на оние кои сметаат дека штедењето е секогаш најдобра опција и дека треба да се штеди по секоја цена, секаде и во секоја прилика. Напротив, некогаш да се потроши е подобра опција. Но, кога и зошто (за што)?
Со оглед на субјективноста во оценувањето на трошењето, очекуваме во следната фаза ваквата отчетност на фискалните авторитети да биде ефектуирана со уредни процедури кои ќе дадат насоки и решение за секоја дилема поврзана со потребата од трошење, големината на трошокот, правилото на избор, одобрувањето од повисок или колективен орган итн.
АЛАТКА НА ОТЧЕТНОСТ Политичката волја за очетноста во врска со трошењето фискалните авторитети ја покажаа јасно и гласно со Алатката за отчетност за трошоците на носителите за јавни функции поставена на www.vlada.mk. Повторуваме дека транспарентноста во јавните финансии е исклучително важна алатка за контрола на јавноста врз трошењето на јавните пари собрани од граѓаните и од економските субјекти. За првпат јавно достапени се информации генерирани од софтвер кој прецизно (аналитички) обелоденува ставки за износот на потрошените парични средства на министрите и други високи функционери за: авионски карти, ВИП-салони на аеродороми, дневници за службени патувања, закупувања на моторни возила, подароци подарени на службени лица, мобилни телефони, угостителски објекти во земјава и во странство, хотелско сместување во земјава и во странство и сл. Засега опфатот на софтверот е позициониран на стотици политички актери, носители на јавни функции: претседателот на Владата, замениците на претседателот, министрите, министрите без ресор, заменици – министрите, генералниот секретар на Владата и државните секретари на министерствата. „Хероите“ на трошењата од минатото, директорите на установите, на државните и локалните органи и тела, на компаниите во сопственост во државата… засега не се опфатени со „алатката-свиркач за трошењето на јавните пари. Во наредниов период потребен е опфат и на овие лица.
Затоа да ја одбележиме и дилемата а тој кој го полни софтверот со информации за направените трошоци. Тоа е работа на сметководителите во јавниот сектор. Поради можноста да се влијае врз нив од аспект на за трошоците потребно е да се уреди системска заштита на „јавните сметководители. Да им се уреди можност за стекнување сертификат за работење (кој би се одземал поради злоупотреба), да даваат државна заклетва за своето работење, да им се обезбеди можност за постојана едукација , вклучувајќи и едукација за етиката, меки вештини и т.н. На тој начин ќе се заштитат од секаква можност за притисок за да известуваат по мерка на функционерот.
АНЕГДОТА Ќе ве потсетам на една анегдота што во минатото кружеше за резултатите од изборите што се одржуваа во времето на Милошевиќ во Србија. Анегдотата завршуваше со тоа „…дека не е важно кој и за кого гласа, туку кој ги брои гласовите“. А секогаш броеја луѓе на Милошевиќ.
Во модерно време оваа анегдота ќе ја обрнема на глава за да биде објективна и точна. „Не е важно со каков софтвер ги пресметувате резултатите, важно е на кој начин го полните софтверот со податоци.“ Затоа да ја обележиме и дилемата за тоа кој го полни софтверот со информации за направените трошоци. Тоа е работа на сметководителите во јавниот сектор. Поради можноста да се влијае врз нив од аспект на известувањето за трошоците потребно е да се уреди системска заштита на „јавните“ сметководители. Да им се уреди можност за стекнување сертификат за работење (кој би се одземал поради злоупотреба), да даваат државна заклетва за своето работење, да им се обезбеди можност за постојана едукција, вклучувајќи и едукција за етиката, меки вештини итн. На тој начин ќе се заштитат од секаква форма на притисок за да известуваат по мерка на функционерот.
Со оглед на политичката волја и на амбициите на фискалните авторитети, транспарентното известување треба да продолжи и да ги опфати сите обврски на јавниот сектор (на централно и на локално ниво) со редовно (месечно) известување за новите обврски – доспеани и недоспеани, со генерирање на податоци за кумулирани и стари обврски, обврски по кои е тужено и се плаќаат камати, односно трошоци на постапката, за отстапувањата од првично планираните обврски и за причините на отстапувањата (или евентуалните заштеди) итн.
Исто така треба да се надградува и јавната достапност на информациите од системот за јавни набавки. Засега транспарентноста во овој дел се движи во добра насока.
Треба да следува подобрување на отчетноста за извршувањето на Буџетот со податоци за приходите и за расходите на месечно ниво, кои ќе бидат објавувани до 10-ти во месецот за следниот месец итн.
Зголемувањето на транспарентноста на трошењето на јавните пари ќе ја подигне свеста на граѓаните дека треба да се интересираат за начинот на кој се управува со парите на државава. Имено, рекордерите од списокот на трошење на народните пари веќе се прозвани од гневот на јавноста.
(Економија и бизнис – опремата е редакциска)