Во САД трансплантацијата е регулирана на тој начин што на секој граѓанин на возачките дозволи им пишува дали е донор или не. Пред околу две години Црвениот крст ја спроведе кампањата „Дарувајте орган, подарете живот“ со цел да се информира јавноста за потребата од ова
МИКИ ТРАЈКОВСКИ
Листите за чекање за најзастапената трансплантација на бубрези е долга, а се чека и по четириесет години. Во меѓувреме од Фондот за здравство велат една успешна трансплантација е еднаква на околу две и пол години трошоци за дијализа. Но се` уште резултатите се многу слаби:
„Јас сум прва жена, а втор човек со трансплантиран црн дроб од кадавер во Македонија.18 години успешно живеам“ вели Соња Столеска, трансплантирана пациентка.
Трансплантацијата на црниот дроб и го спасува, но и и’ го менува животот на Соња Столеска од Струга, откако во 1998-та година заболува од тешка болест на овој орган. Но ,поради неможноста тоа да го направи овде, единствена опција во тој момент за неа бил Белград. Нејзин донор била десет години помлада девојка.
За жал вели и по две децении од тогаш нема значајни промени во делот на трансплантацијата на органи во земјава, иако светот во ова сфера оди напред.
Столеска вели дека „Треба да има центар за трансплантации, како за самата трансплантација како за детектирање на донори, така и понатаму за контролите на самите пациенти. Кај бубрезите имаме лек, тоа е дијализа, но кај срцево болните и кај црниот дроб немаме лек“.
Дополнителен проблем во земјава е немањето и на донорски картици. На пример тоа во САД е регулирано на тој начин што на секој граѓанин на возачките дозволи му пишува дали е донор или не.
Пред околу две години Црвениот крст ја спроведе кампањата „Дарувајте орган, подарете живот“ со цел да се информира јавноста за потребата од ова. Лекарот Миљот Ризвани смета дека е потребна законска регулатива:
„Би било убаво да се регулира со закон дарувањето на органи од донатор на примател. И да постои можност секој човек кој сака да дарува орган, да се изнесе неговото семејство пред матичниот лекар и да му се дава картица посебно за дарител на орган“.
Во Северна Македонија најзастапена е трансплантацијата на бубрези, но и таму има проблеми. Според здружението Нефрон во земјава има пациенти кои што за тоа чекаат и по 40 години. Сепак во последните три месеци биле направени шест трансплантации иако скоро три години не била изведена ниту една. На листата за чекање се наоѓале околу сто пациенти, вели Душко Ѓеорѓиев – претседател на здружението Нефрон:
„Нашата заложба не е само да се трансплантираат бубрези. Ако тие трансплантации не се прават во Македонија, а ние интензивно разговараме и со Министерството за здравство и со Фондот за здравство да се направат напори Македонија барем условно да влезе во Еуротрансплант за да одредени наши пациенти трансплантираат срце, јетра, црн дроб во странство“.
Она што треба да се направи е да се следат успешните примери во регионот, како што е Хрватска која заедно со Шпанија се водечки во светот по број на извршени трансплантации, а бројот на донори во моментот е 38%. Во Македонија веќе неколку години се најавува отворање на центар за трансплантации, но од тоа за сега нема ништо. Исто така последни се најавите на државата дека трансплантации на одредени ткива и органи ќе се вршат и во приватните клиники во земјава. Со тоа ќе се заштедиле 10 милиони евра кои сега се трошеле за праќање на пациентите во странство за трансплантација.