Владата мора веднаш да излезе пред јавноста и да одговори на сите овие прашања. Граѓаните заслужуваат транспарентност, а не договори зад затворени врати. Пратеникот Оливер Спасовски отвори дилеми околу правната форма на која ќе се засновува идното партнерство со Британија

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, од собраниската говорница упати сериозни прашања до Владата и побара итна транспарентност за одредбите од договорот со Обединетото Кралство, со кој, како што рече, се отвораат можности за нетранспарентни зделки и заобиколување на Законот за јавни набавки.
Посебна загриженост, според него, предизвикува и ставот 2 од членот 2 од Договорот, кој вели: „ќе се олесни запознавање со британски деловни субјекти за поддршка на реализацијата на проектите“.
„Македонската јавност има право да знае – што значи оваа одредба? Дали се работи за веќе договорени изведувачи? Ако е така, тоа е во директна спротивност со Законот за јавни набавки и принципот на конкурентност. Каква е тогаш логиката министерката за финансии да тврди дека ќе се почитува домашното законодавство?“, истакна пратеникот на СДСМ.
Во продолжение, тој посочува на многу нејасностии и на членот 3 од договорот, каде се вели дека ќе се работи на „мобилизирање на финансирање на приоритетните проекти наведени во анексот А“.
„Ова отвора ново прашање – дали за секој проект ќе се бара дополнително финансирање, со непознати каматни стапки и услови? Тоа значи висок степен на непредвидливост и сериозен финансиски ризик за државата“.
Граѓаните мора да знаат како планираното задолжување преку договорот со Велика Британија ќе се рефлектира на нивниот живот во иднина, Владата мора да даде јасни и прецизни одговори за планираниот заем, истакнува пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на собраниската седница на која на дневен ред беше Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Тој посочи има низа недоречености и нејаснотии кои создаваат сериозна загриженост кај граѓаните.
„Знаеме дека одобрената рамка за задолжување е 6 милијарди евра или еднакво на еден наш годишен буџет. Знаеме дека ќе биде проектно финансирање, но не знаеме кои се другите услови, колкава ќе биде каматната стапка, како ова задолжување ќе влијае на зголемувањето на јавниот долг. Граѓаните заслужуваат јасни и прецизни одговори на овие прашања, затоа што политичарите доаѓаат и си одат, но долгот ќе остане да го плаќаат нашите деца, идните генерации. Граѓаните мора да знаат како ова задолжување ќе се рефлектира на нивниот живот во иднина“, рече Трајчулески.
При тоа, Трајчулески посочи дека она што загрижува е капацитетот за реализација на големи инфраструктурни проекти, ако се има предвиден досегашната реализација на капитални проекти која е празителна.

„Недостатокот на капацитет на оваа Влада јасно се виде преку реализацијата на средствата од унгарскиот заем. Иако во 2024 година беа лоцирани над 70 милиони евра за капитални проекти во општините, реализацијата на крајот на годината беше нула. Реализацијата на капиталните расходи во текот на 2025 година е очајна. Бадијала ни се стратешки партнерства и милијарди евра рамки за финансирање, ако немате капацитет сето ова да го реализирате“, рече Трајчулески, додавајќи дека е потребна сериозна посветеност за градење на институционални капацитети за спроведување на големи инфраструктурни проекти.
„Ако ова не се направи, заемот за кој денес зборуваме ќе почне да наликува на огромните ветувања на Никола Груевски за 8 милијарди евра инвестиции – од кое ветување нашиот народ не виде многу аир“, рече Трајчулески.
Договорите како планираниот со Велика Британија во никој случај не треба да значат замена за европските фондови кои се единствениот начин нашата држава да добие неповратни средства за реализација крупни инфраструктурни проекти, порача пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на денешната собраниска седница на која на дневен ред беше Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Затоа, како што кажа Трајчулевски, полноправното членство во ЕУ мора да остане најважен надворешно политички проект за нашата држава.
„Не постои ниту една држава поединечно, која може да обезбеди помош како Европската Унија. Единствениот начин нашата држава да добие неповратни средства за изградба на нашата инфраструктура е преку процесот на европска интеграција. Ќе се согласиме – не е исто, суштински е различно. Да добиете грант, неповратни средства без да ги задолжувате идните генерации или да се задолжувате со огромни кредити како овој денес“, рече Трајчулевски.
Во своето излагање Трајчулевски потсети дека посочи предложените приоритетни проекти за финансирање со договорот со Велика Британија – железничкиот Коридор 10 и Коридорот 8, се паневропски коридори за кои многу лесно ќе можеше да се обезбедат грантови преку ЕУ. Македонија го нема луксузот да не користи неповратни средства кои ѝ стојат на располагање“, рече Трајчулевски.
„Сакам да се осврнам на предложените приоритетни проекти за финансирање, особено железничкиот Коридор 10 и Коридорот 8, кои се наведени во анексот кон договорот. И двата коридори, и десетката и осмицата се паневропски коридори и се наоѓаат на главната мрежа на европски коридори. Ова значи дека многу лесно може да се обезбедат грант-средства за изградба на овие коридори од фондовите на Европската Унија“, потенцираше Трајчулевски и порача Владата да не се откажува од европските фондови, особено во делот на транспортната инфраструктура, која е најскапа и изискува огромни средства.
Не може да се зборува за ратификација на меѓународен договор кога во македонската верзија стои дека станува збор за договор меѓу двете влади, додека во англиската е користен терминот „arrangement“, односно спогодба, нагласи координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието на Република Северна Македонија, истакна Оливер Спасовски, на последната собраниска седница.
„Сметам дека треба да имаме јасна претстава за тоа што сакаме да гласаме денеска, и како и на кој начин да постапиме. Зошто? Имаме повикување на членовите од Уставот и од Деловникот, кои што се однесуваат на меѓународен договор. Во самиот договор стои дека преводот на двата текста е со исто значење.Но, во македонскиот текст стои дека е договор ‘Предлог-закон за ратификација на договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во врска со партнерството за реализација’, а во англиската верзија стои ‘arrangement’, односно ‘спогодба’, и не може да се толкува како меѓународен договор. Тоа е првата работа“, рече Спасовски.
Втората работа на која што укажа Спасовски е различно потпишаната функција, што според него го прави договорот ништовен.
„Ако ги погледнеме двете верзии, посебно ако ја видиме англиската верзија, каде што е потпишан договорот, ова е ништовен документ. Зошто е ништовен документ? Затоа што пишува дека го потпишал „Vice President of the Republic of North Macedonia“. Значи, ние како држава немаме потпретседател на Република Северна Македонија. Таква функција последен беше Љупчо Георгиевски. А во македонската верзија стои дека го потпишал „Заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија“. Ако е вака, тогаш нема апсолутно важност ваков еден договор – или спогодба, како сакате наречете го – и тоа ќе мора да се исправи“, рече Спасовски.