Требениште е еден од ретките, ако не и најексклузивниот археолошки комплекс и наод во нашата историја. Уникат без преседан. Неверојатен научен предизвик во светски рамки. Излезен директно од легендите, магичен каков што е цел Охрид и регионот. Суптилен, но и брилијантен, се што не сме, а треба да научиме да бидеме, за да го достигнеме неговото ниво. Во цивилизациска смисла
НИКИЦА КОРУБИН
Требениште е за прв пат заедно. После 100 години. Обединувањето се случи како музејска поставка: сите до сега откриени наоди на едно место, бидејќи, приказната секако останува мистерија. Мистерија еднаква на митот за Кадмо и Хармонија, тука меѓу нас, многу одамна, кај Енхелеите, тие историско-митски непознаници, после толку стотици и илјаднци години. Но страста и енергијата не недостасува. Ниту преку средбата со раскошните и екслузивни наоди, кои за прв пат ги гледаме на едно место, ниту, како историската дилема, кои се тие што ја создадоа оваа брилијаната култура и цивилизација, екслузивна многу пошироко, од нашето прилично ограничено разбирање на тоа што всушност културното наследство претставува и како треба да се грижиме за него. Апсурдно, но потсетувањето и ревитализацијата на темата „Требениште“ доаѓа, кога неговиот духовен и реален дом, Охрид и Охридскиот регион, се соочува со опасноста да го загуби статусот на заштитено светско културно и природно наследство од страна на УНЕСКО, меѓу другото, статус кој е заслужен токму и поради овие ексклузивни наоди. Дали ова е директното соочување, за нашиот капацитет да се носиме со светски вредности на прав начин? Дали ќе не опие митот за Дионис, или ќе не отрезни нашиот дилетантизам? И дали ќе успееме конечно да разбереме дека секоја наша постапка, однос, третман кон ова бесценето културно наследство, сме всушност ние самите, и нашиот достигнат или промашен цивилизациски исчекор?
Приказната за Требениште започнува во 1918 година, кога се откриени првите седум гробови од страна на бугарските војници, од вкупно откриените 56, не сметајќи го последниот, откриен на Горна порта во стариот дел на Охрид, кој стилски е дел од оваа групација, но физички и просторно не е дел од самото Требениште. Требениште е всушност генерички назив, за три локации кој во науката стануваат алфа и омега: Сува Чешма, Три Чељусти и Вртуљка, локациски многу поблиску до селото Горенци, отколку до Требениште. Сепак, науката го меморира името на некрополата ,,Требениште,, во кои се 13-те кнежевски гробници, кои го одредуваат текот на археологијата кај нас, но и во светски рамки. Станува збор за исклучително богати гробови, кои во себе содржат екслузивни наоди, златни маски (вкупно 4, петата е од Горна Порта), златни орнаменти -ракавици, ленти, златен накит со исклучителна орнаментика, бронзени садови, воена опрема-посебно шлемови, монуметални кантари, ритони, ќилибарен накит, сребрен накит, бронзени предмети итн. Со еден збор, луксузни наоди, кои говорат за цивилизациското ниво, богатството, умешноста и организацијата на урбан живот, кој зборува повеќе од било што.
Временскиот распон е посебно интересен, и започнува од 7-от век п.н.е., железното време, преку архајскиот период на 6-от и 5-от век п.н.е. па се до 4-от век п.н.е. или класичниот период, кога е реалниот врв на македонската кралска држава. Но, овдека станува збор за локална или регионална аристократија, чија етничка припадност останува непозната до ден денешен, како што е впрочем случајот со многу временски слични културни кругови. Сепак културната паралела е очигледна, пред се со неверојатната некропола во Синдос, во близината на Солун, наодите од Дервени, исто така во регионот на Солун, но предизвикот останува, каква е врската со златните маски во Феникија, или пред се златните маски од Микена, неколку века постари.
Токму златните погребни маски остануваат лајтмотивот на Требениште, иако она што ќе го воодушеви и изненади гледачот не се тие, толку нежни, префинети златни фолии, туку се останато, сета импресивност на волутните кратери, на симболиката на украсните игли и фибули, на моќното и масивно оружје, на ритуалните ритони, на симболиката и моќта која говори наместо истриските записи, кои се апсолутно непостоечки. Тоа е материјалот што го имаме, тие се традициите, тие се Енхелеите, Пајонците, Македонците, или Пелазгите кој знае? Тракиски влијанија, илирски примеси, а што е тоа? Она што ние го знаеме за тоа време или она што тоа време претставувало? Најголемото неразбирање за тоа што всушност историјата и археологијата како модерни науку претставуваат. Не знаеме кој ни зборува, но знаеме што треба да направиме, да ги негуваме, чуваме, истражуваме и пренесеме. Дали знаеме? Дали сме сигурни и дека досега зачувавме? Дали знаеме каде се сега некрополите од каде е ископан материјалот? Дали знаеме каков беше Плаошник пред деструктивниот налет на нашето време, дали разбираме дека УНЕСКО во 1979 година го заштитил Охрид и охридскиот регион, за да го зачува каков што бил тогаш? Па, ние не успеавме да го зачуваме 30 години, а не повеќе? Дали успеавме да ја зачуваме приказната за Требениште 100 години? Дали нешто научивме, дали нешто ние во меѓувреме создадовме?
Требениште е еден од ретките, ако не и најексклузивниот археолошки комплекс и наод во нашата историја. Уникат без преседан. Неверојатен научен предизвик во светски рамки. Излезен директно од легендите, магичен каков што е цел Охрид и регионот. Суптилен, но и брилијантен, се што не сме, а треба да научиме да бидеме, за да го достигнеме неговото ниво. Во цивилизациска смисла. Да разбереме дека не станува збор за музејски експонат, пронајден и заборавен, туку жив и инспиративен елемент, нишка од она што површно и неуко го нарекуваме колективен идентитет. Следниот пат кога ќе се повикаме на него, да се потсетиме дали воопшто знаеме што бараме. Дали сме свесни, дека за да го живееме, треба најпрво да го сочуваме. Како вистинска вредност која треба да ја одредува нашата сегашност, наместо дилетантскиот, примитивен дискурс на она што го нарекуваме грижа за културното наследство. Требениште го чуваат музеите во Софија и Белград, како потсетување дека светот е глобален, наследството заедничко, а свеста само наша. Колку ќе вложиме толку ќе добиеме. За почеток, секој треба да вложи еден час ексклузивна средба со минатото, со историјата, со цивилизацијата. Сам и во тишина. Со поглед директно во најубавата појавност, со префинетоста и совршенството на една култура, која се инспирирала од истиот магичен поглед на истите овие природни убавини. Кои ние треба да ги сочуваме. Како светско природно и културно наследство. Од Кадмо и Хармонија, до денес. Да видиме дали од толку декларативна грижа за идентиетот, воопшто разбравме што зборуваме. И како делуваме, фактичи и реално. Инаку, секако ќе станеме дел од приказната, нека биде тоа нејзиниот позитивен дел.