На последната седница на ЦО на СДСМ бил зацементиран ставот дека позициите во власта може да се зачуваат само со мерливи резултати. Не се зборувало за конкретни имиња, но извесно е дека дел од функционерите ќе мора да заминат. Но, како што минува времето се добива впечаток дека песната за разделба за некои кадри ќе биде нарачка на новите партнери во мнозинството, кои имаат апетит кон одредени ресори или позиции
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога во февруари премиерот најави дека ќе ги отвори прозорците во јавната администрација, за таму да задува некаква промаја која ќе влијае на кадровската слика, се чинеше дека Заев ќе прекине со необичната толеранција: да има голема администрација која е полнета со години од неговиот политички противник. И таа секој први во месецот мирно и без треперење да си ја земе платичката. И во меѓувреме може да служи како линк до Шампитата и тамошната пропагандно-информативна машинерија!
Ова секако може да се гледа со очила со различен диоптер. Така, ќе се заштеди некој денар од преоптоварениот буџет, кој секако и натаму е голем ако се гледа од аспект на Џи-Ди-Пи-то. Но, истовремено ќе се отвори можност за создавање на некаква компетиција во јавната администрација, од долу се до министерските простории, или ќе се добие функционална атмосфера се до крајот на тој процес на замислена рационализација на гломазната администрација.
Немаше дилеми во тонот на премиерот. Тој едноставно најави – ќе има промени. Оваа констатација беше повторена на крајот на март од самиот врв на власта, по што некои споменувани имиња како министерот за правда си даде одставка. За да не биде сменет. А веројатно и заради некои други ситуации, можеби за некакви негови потписи за пуштање на лекување на наводно болни – што излегува на виделина и сега – а кои требаше да се појават како сведоци во некои важни судења, како неопходни за течење на процеси. На негова душа може да се стави доцнењето на извештајот со Акмисот а генерално и доцнењето со реформите во секторот правда и судство. Капак на се беше пожарот во зградата на Министерството на правда, каде според првичните анализи главна ролја имал човечкиот фактор а веројатно изгореле важни документи… Ова секако е пожар настанат по заминување на министерот а истрагата треба да покаже кој бил евентуалниот„пироман“?!
Но, токму од крајот на март се до средината на април беше видливо дека најавените кастрења нема да одат со тој тек и брзина која се очекуваше. Делумно заради големото внимание што го привлекуваше процесот на преговарање за името со Грција. Но, највеќе заради она што секогаш оди тешко – преговорите за конкретни имиња меѓу коалиционите партнери, особено во атмосфера на обид на Заев да го прошири мнозинството во Собранието, што како мамка го имаше и ветувањето за одредени функции за „доброволците“.
Отпорот секако е главно лоциран во ДУИ, бидејќи, така се намалува значењето на оваа партија како претставник на албанските население и надвор од ареалот на своите традиционални гласачи, згора и заради фактот што треба да смета на намалување и на бројот на свои функционери, како што впрочем и СДСМ ќе се редуцира во власта, за што и Заев гарантира дека ќе се случи.
„Оваа недела започнувам разговори за зголемување на парламентарното мнозинство“, најави Заев на последната седница на партискиот Централен одбор. „Целта е преку разговор со други политички субјекти да обезбедиме поширока поддршка на реформскиот процес и на реализација на Планот 3-6-9. Во оваа насока оставаме простор, преку политички дијалог и со опозицијата, клучните закони, за коишто е потребно пошироко мнозинство, да бидат донесени и со учество на опозицијата“, порачал Заев. (Напоменуваме, нели, дека Планот 3-6-9 со добивањето на безусловната препорака од ЕУ стана План 18, што и не е толку битно во овој контекст).
Тогаш Заев потврди дека се започнати разговори со некои партии, некои кои беа опција за влез во владата и пред десет месеци ама до тоа не дојде а и некои кои сакаат да ја напуштат опозициската коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и сега дејствуваат во Собранието како независни или сакаат така да дејствуваат односно изгледаат. Подеднакво се контактибилни и двете крилја на „Беса“, која е поделена на две крила, а во парламентот има пет пратеници. Иако не се слушаат, веројатно е дека мнознстото би било зголемено и со двата пратеника на ДПА, со што владеајачкото мнозинство би имало плус седум пратеници.
Зголемувањето на парламентарното мнозинство ќе влијае во најавената реконструкција на Владата, и додека не завршат разговорите со партиите нема да се знае поделбата на ресорите и функциите во клучните ешалони, ниту кои министри заминуваат, а кои остануваат. Засега нема потврда дали по неодамнешната оставка на министерот за правда Билен Саљији ќе се побрза со ново кадровско решение со цел да продолжат активностите околу законските проекти за правосудни реформи, или ресорот ќе чека да се заокружи целиот пакет на кадровска реконструкција. Таа, според најавите, би требало да заврши најдоцна во првата половина на април. И од извештајот на Стејт департментот се гледа дека реформите во правосудството се најлоши, па тоа во македонскиот опозиционен блок изроди теза дека министерот Саљии намерно „кочел“ за да бидеме стигнати од албанските претензии за влез во ЕУ. Оваа сторија се јави откако Тирана исто така доби виза за отпочнување на преговори, иако зад сцената во Брисел, според искажувањето на дописничката од овој град на новата Телевизија 1 – Јовановска, имало некои тегавења по ова прашање.
Но да не излеземе повторно од коритото и да се навратиме на пролетното проветрување на Владата, со цел да се зголеми ефикасноста и да се оцени кои министри, заменици, државни секретари ја оправдале дадената шанса, а кои не.
„Тоа што значи неуспешност во менаџирањето на една институција, не може да заврши како рефлексија во самата институција. Ќе следуваат кадровски промени. Не сакам никој да ја изгуби шансата. Ако не е за првото место, можеби ќе биде за второто, третото, четвртото… Има огромен дел кои многу сакаат да се докажат, но не знаат. Има дел кои знаат и се трудат. Има дел кои ниту знаат, ниту се трудат. Рекапитуларот ќе се случи по десетте месеци од стартот на Владата, кога на дел од нив ќе им се заблагодариме. Немаме многу време, а граѓаните чекаат резултати“, посочи Заев и во интервју за БИРН. Постигнатите резултати, посветеноста врз решавање на проблемите на граѓаните и моралниот кредибилитет на функционерите ќе бидат пресудни за оценката кој останува, а кој заминува од владиниот кабинет. Според партиски извори, тоа било јасно предочено на последната седница на ЦО на СДСМ – дека позиците може да се зачуваат само со работа и видливи и мерливи резултати. Не се зборувало за конкретни имиња, но извесно е дека дел од функционерите ќе мора да заминат поради незадволителни резултати. Но, како што минува времето се добива впечаток дека песната за разделба за некои кадри ќе биде нарачка на новите партнери во мнозинството, кои имаат апетит кон одредени ресори или позиции.
Овие процеси за промени се случуваат и во период кога власта е мета на жестока критика од опозицијата за неисполнети ветувања.
Спак крајот на април е тука некаде, оние со доби приходи, што би се рекло „над илјада евра“ размислуваат дали да отидат во Грција или Бугарија, а коалиционит рзговори како да не се финиширани?!
„Не сме дошле до таму. Јас реков дека до крајот на месецов ќе разговараме за зголемување на парламентарното мнозинство. Ред е прво да видиме за колку ќе порасне и ако порасне тоа парламентарно мозинство. Согласно со тоа, како следна фаза би биле комбинитариките околу кадровските и персоналните решенија. Навистина сѐ уште е рано за тоа“, изјави премиерот Заев.
Функционери на ДУИ за Дојче веле пак тврдат дека „е рано за реконструкција“. „Сега не е најсоодветно време за тоа. По препораката од ЕК земјава ја чекаат сериозни обврски од кои зависи клучниот епилог – да се добие датум за преговори. Тоа значи дека во претстојниот период ќе има интензивни разговори за решавање на спорот за името, со цел до крајот на мај да се дојде до решение. Од тој аспект, не е добро да се прави реконструкција во таков политички сензитивен период, кога сите напори и ресурси треба да бидат фокусирани во оваа насока. Реконструкцијата може да почека кон крајот на мај или во јуни. Сега ќе се разговара за проширување на парламентарното мнозинство“, велат од ДУИ за овој извор.
Двата краци во Власта очевидно имаат спротивставени тези за брзината на кадровската реформа.Каде ќе биде поставена хипотенузата?