Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ТРЕНДАФИЛОВ: ВЛАДАТА ГИ ИГНОРИРА БАРАЊАТА ЗА МИНИМАЛЕЦОТ, НА ПОВИДОК ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК ВО СИТЕ СЕКТОРИ!

January 13, 2026 Filed Under: Македонија

Во гостување на Радио Слободна Европа, Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, зборувајќи за актуелните теми во државата, меѓудругото изјави дека е срамно Владата да се фали со покачување на минимална плата од 1.500 денари

ПОРАКА Македонскиот работник е распнат меѓу собирање на остатоци по ѓубриштето и заминувањето во странство – годинава 12.500 лица од земјава добиле работни дозволи во Хрватска!

„Владата има ставено јаткасти производи и егзотични овошја во нејзиниот предлог за кошничката кои работникот не може ни да си го дозволи, вели претседателот на ССМ, Трендафилов во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој при тоа најавува протести и штрајкови ако не се покачи минималецот. Воедно и предупреди дека 12.500 македонски работници добиле работни дозволи во Хрватска, нешто што треба да ги загрижи домашните компании и Владата.“

Неговото незадоволство особено беше изразено после последната седница на на Економско-социјалниот совет каде практично не се решија основните работи за кои тоа тело и постои.

Се виде дека сите имаат голема желба за зголемување на минималната плата, но зголемување пред редовното усогласување нема да има, е заклучокот од денешната средба на економско-социјалниот совет.

На седницата на економско-социјалниот совет, одржана во втората половина на последниот месец на 2025 година, присуствуваше Претседателот на Владата, Мицкоски, министерот за економија, Дурмиши, претставници на синдикатите и претставници на бизнис-конфедерација на Македонија.

Веднаш по завршувањето на средбата изјави за медиумите имаа министерот Дурмиши и претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов

Дурмиши истакна дека нема основ за интервентно зголемување на минималната плата

– Денеска на петтата седница на економско-социјалниот совет разговаравме за клучни прашања поврзани со пазарот на труд, животниот стандард и социјалниот дијалог. Усогласувањето на ставовите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите останува основен принцип во креирањето на економските и социјалните политики. Го презентиравме напредокот во подготовка на оперативниот план, за вработување за 2026 година со буџет од 2,3 милијарди денари. Фокусот е ставен на младите, на обуките за вештини, за вклучувањето на ранливите категории, особено за лицата со ниско или без формално образование.

Во делот на минималната плата, рече мнистерот, ставот на Министерството е јасен и заснован на податоци. Според анализите и актуелните податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата за месец ноември 2025 година изнесува 0.5%, а на годишно ниво е околу 4%, што укажува на стабилизација на ценовните движења. Проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под 3%. Ние како Влада никогаш не сме биле против зголемувањето на минималната плата, туку преку дијалог оставаме тоа да биде договор помеѓу работодавачите и работниците.

Сепак, според нашите индикатори, рече Дурмиши, во вакви економски услови, нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март, кое е јасно утврдено со закон и кое би било помеѓу 1.500 до 2.000 денари. Висината на минималната плата се пресметува по транспарентна формула, 50% од растот на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот. Со гаранција дека таа е може да биде пониска од 57% од просечната нето плата, тоа е механизам усогласен токму на економско-социјалниот совет согласно европските практики. Тоа покажува дека и работодавачите и синдикатите и Владата се согласија со оваа формула.

Нагло и непланирано зголемување, без поврзаност и усогласеност со економските капацитети би создало дополнителен притисок врз малите и средните претпријатија и ризик за работните места, кои се двигател на нашата економија. Нашата цел е минималната плата да расте, одржливо и предвидливо, со што ќе се обезбеди сигурност и за работниците и за економијата. Социјалниот дијалог продолжува и економско-социјалниот совет останува клучна платформа за дијалог, изјави министерот Дурмиши.

Какви услови сака Владата за да се зголеми минималната плата?

На прашање на новинарите дали Владата го прифаќа предлогот на дел од коморџиите платата да се зголеми, но придонесите да останат исти, министерот вели дека Владата никогаш не била против зголемување на минималната плата, но дека доколку минималната плата се зголеми, малите и средните претпријатија ќе се соочат со проблеми.

На прашање на Инфомакс, кои услови треба да се создадат за да се зголеми минималната плата, имајќи предвид дека македонската просечна плата е двапати помала од најниската просечна плата во ЕУ, а 73% од работниците земаат плата под просечната, министерот не одговори конкретно.

– Има формула која е на сила, има методологија која е усогласена со синдикатите и работодавачите, ние ставот го имаме според тој закон што е на сила. Секое интервентно зголемување на минималната плата, без економска оправданост, јас зборувам на релевантните институции, тоа ќе предизвика проблем кадешто ќе имаме зголемување на инфлацијата. Нашите проекции се идната година инфлацијата да биде под 3%, што е стабилизација. Ќе се соочат малите и средните претпријатија со финансиски проблеми, ќе треба да отпуштаат. Доколку има заеднички договор меѓу работодавачите и синдикатите, ние како Влада сме спремни да помогнеме, вели министерот.

Состојбата не е ни малку добра за работниците и граѓаните, овој месец е најдолг, а честитките кои беа упатени од работодавачите кон работниците се навистина разочарувачки, истакна во гостување во „Тешки муабети“ претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

– Граѓаните во последните шест месеци беа оставени сами на себе, кој како знае и умее да преживее. За жал годината завршува на штета на работниците. Миниамлната плата е околу 24.000 денари, за жал и синдикалната минимална кошница која ја пресметуваме, а тие ја оспоруваат, покажува дека на едно четиричлено семејно докаќинство месечно му недостасуваат околу 5.000 денари за овозможување на основните трошоци за живот. Минатата година предизвика низа на протести, а веројатно на почетокот на оваа година ќе има и генерален штрајк во сите сектори, објасни Трендафилов.

Во врска со наводите на Владата дека зголемување на платата значи зголемување на инфлацијата, Трендафилов истакна:

– Истите пратеници од сегашната владејачка гарнитура, тогашна опозиција, ревносно не поддржуваа во борбата за зголемување на минималната плата, велеа дека треба зголемување на сите плати, поднесуваа амандмани и на таков начин во 2022 година е сменета методологијата и за неполни 4 години минималната плата се зголеми за 9.000 денари. Две-две и пол илјади евра функционерски плати нема да подгреат инфлација, ама минималните работнички плати ќе ја зголемат. Таквите изјави се крајно разочарувачки и несериозни, вели Трендафилов.

Според Дурмиши, Владата сака минималната плата да биде и 1000 евра, а Македонија има највисока минимална плата во регионот, повисока од Косово, Бугарија, Албанија. Просто човек да се запраша. Знае ли министерот со когосе се ганичиме ние? Што е тоа регион? Да погледнеме како стои ситуацијата на тој план по одделни држави.

Минималната плата во Србија од 1 јануари ќе изнесува 650 евра. Претседателот на Србија најави вонредно зголемување на минималната плата од овој датум, која ќе изнесува 10,1 процент, со што кумулативното зголемување ќе биде повеќе од 30 проценти. „За прв пат во историјата на Србија, ќе имаме минимална покриеност на потрошувачката кошничка не од 100 проценти, туку од 111 проценти.

Ова покажува колку полесно ќе живеат луѓето“, рече Вучиќ.

Во Бугарија, која е член на Унијата, минималната плата од 1 јануари 2026 година ќе изнесува 620 евра. Ова го објави пратеничката на ГЕРБ-СДС, Деница Сачева, по вонредниот состанок на Заедничкиот управувачки совет (ЗУС), на кој беа разгледани буџетските параметри, објави БГНЕС.

Владата во Албанија донесе одлука со која, од јануари минималната плата се зголемува на 50 илјади леки, околу 510 евра или за 100 евра повеќе од досегашната, која беше најниска во регионот.

– Од оваа одлука полза ќе имаат околу 307.850 вработени, регистрирани во јавниот и приватниот сектор и има за цел да го заштити животниот стандард, да го зајакне човечкиот капитал и да го подобри животниот стандард за илјадници албански семејства, објави Делина Ибрахимај, министерката за економија и иновации.

Најавувајќи го ова зголемување, неодамна премиерот Еди Рама, рече дека ова ќе биде првото, но не и единственото зголемување во овој мандат на владата, кога минималната плата ќе достигне 700 евра.

Привремената влада на Косово го усвои предлогот на Министерството за финансии за зголемување на минималната месечна плата на 500 евра, објави весникот „Газета Експрес“. Според донесеното решение, сегашната минимална плата од 350 евра ќе се зголемува во две фази – од 1 јануари 2026 година ќе изнесува 425 евра, а од 1 јули истата година ќе достигне 500 евра месечно.

– По анализите што ги спроведовме за влијанието на оваа мерка врз приватниот сектор, врз претпријатијата и врз работниците, имајќи предвид дека околу 150.000 вработени се засегнати од оваа промена, и по консултациите со синдикатите и стопанските здруженија, предлагаме минималната плата да изнесува 500 евра, односно околу 3 евра по работен час, изјави вршителот на должност министер за финансии, Хекуран Мурати.

Да повториме дека  висината на минималната плата во бруто-износ во РС Македонија, започнувајќи со исплатата на платата за месец март 2025 година, изнесува 36.037 денари. Нето платата изнесува 24.379 денари, или речиси 400 евра.

По ноемвриското намалување на Синдикалната минимална кошница (СМК), во декември повторно зголемување на износот што е потребен да преживее четиричлено семејство во Македонија е 65.492 денари и е за 319 денари повисока во споредба со минатиот месец.

– Нова година работниците ќе ја дочекаат како најсиромашни на Балканот и најсиромашни во Европа, ако тоа е начинот на кој сакаат да честитаат од економско-социјалниот совет, тогаш и ние ќе честитаме на друг начин – вели Трендафилов.

Filed Under: Македонија

НА ВМРО ДПМНЕ НЕ МУ СЕ ДОПАЃА ПРЖИНСКИОТ МОДЕЛ ЗА ИЗБОРИ СО ТЕХНИЧКА ВЛАДА
ЕВРОПСКИ СТНДАРДИ И МАНЕВРИТЕ НА МИЦКОСКИ
СТИВЕН МИЛЕР И НЕГОВАТА ДОКТРИНА НА АГРЕСИЈА
ЏУЛИЈА РОБЕРТС: НЕ САКАМ ДА ГО МИНУВАМ ВРЕМЕТО ВО СТРАВ И ВОЗНЕМИРЕНИОСТ
СTРАЗБУР ГИ СПОРИ СМЕНИТЕ И „ИНТЕРПЕЛАЦИИТЕ“ ВО СУДСТВОТО (1)

Најново

  • НА ВМРО ДПМНЕ НЕ МУ СЕ ДОПАЃА ПРЖИНСКИОТ МОДЕЛ ЗА ИЗБОРИ СО ТЕХНИЧКА ВЛАДА
  • ЕВРОПСКИ СТНДАРДИ И МАНЕВРИТЕ НА МИЦКОСКИ
  • СТИВЕН МИЛЕР И НЕГОВАТА ДОКТРИНА НА АГРЕСИЈА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet