Членката на раководството на СДСМ во интервју за емисијата „360 степени“ истакна дека во Буџетот не се гледа никаков развоен момент

Буџетот за 2026 година е јасен показател дека власта се подготвува за предвремени парламентарни избори, а не за развој на економијата, нагласи потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Јована Тренчевска во интервјуто во емисијата „360 степени“.
Тренчевска посочи дека структурата на буџетот покажува дека станува збор за предизборен и потрошувачки буџет, без сериозни капитални инвестиции.
„Носењето на буџетот е еден силен индикатор дека овој буџетот за 2026 година е буџет којшто е скроен за предизборна година, буџет којшто е празен во кој што имаме само сервисирање. Нема пари“, рече Тренчевска.
Притоа, Тренчевска додаде дека во буџетот доминираат тековни трошоци, додека капиталните инвестиции се на минимално ниво.
„Само 9% од целиот буџет е за капитални инвестиции,што укажува дека е буџет којшто ќе трае најмногу девет месеци“, рече Тренчевска.
Таа додаде дека вака скроениот буџет не може да обезбеди фискална стабилност ниту економски раст.
„Не може да биде буџет за фискална консолидација. Буџет којшто нема капитални инвестиции, кога тоа е потрошувачки буџет, не е развоен буџет. Ако немате капитални инвестиции, ако 9% од вкупниот буџет се капитални инвестиции, вие не сте насочени кон развој на економијата“, посочи Тренчевска.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не учествуваше на лидерската средба бидејќи таа беше поставена со манипулативна агенда и немаше за цел вистински дијалог за реформите и европската иднина на државата, порача потпретседателката на СДСМ и пратеничка Јована Тренчевска, на интервјуто во емисијата „360 степени“.
„Од сето она што го излезе од медиумите и од учесниците на таа лидерска средба, единствено прашање за кое што се разговарало била техничката влада и Законот за прекршоци, а додека сето она што е важно прашање во моментот тоа се реформската агенда, како и кога ќе се донесат законите од она што е наша обврска кон Европската унија, не станало ни збор, само беше во најава“, рече Тренчевска.
Таа додаде дека одлуката на СДСМ да не присуствува беше јасна уште од најавата за лидерската и се покажа дека е исправна. Тренчевска посочи дека СДСМ нема да биде дел од никаков лажен дијалог.
„Не треба да сме од тој лажен дијалог помеѓу опозицијата и позицијата и не смееме да дозволиме да бидеме алиби на едни намери на власта за предвремени избори по однапред подготвено сценарио, не смееме да бидеме алиби на а власта намерата на власта да ја укинува техничката влада. Зошто да бидеме алиби на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори“, рече Тренчевска.
Во интервјуто, Тренчевска посочи дека институциите не се демократски зрели за да се посегне кон укинување на техничката влада, што впрочем се потврди и на последните избори со притисоците што владата на ВМРО-ДПМНЕ ги вршеше преку институциите.
„Во моментот институциите го немаат тој демократски капацитет, ниту пак власта е зрела, демократски зрела за да може да се укине во овој момент техничката власт. Видете го влијанието на Министерството за внатрешни работи и на центрите за социјална работа, односно на Министерството за социјална политика, демографија и млади во општините, на Министерство за земјоделство и како се вршеше притисок врз граѓаните преку овие институции. А овие институции се дел од техничката влада“, рече Тренчевска, додавајќи дека единствено техничката влада може да гарантира минимум услови за фер избори.




