ДЕНКО МАЛЕСКИ
Прокламирана во 1789, со Француската револуција, демократијата во Франција се стабилизира дури по цели 129 години. Македонската демократија е стара само 31 година и нѐ чека долг пат до целта. Потребно е многу време и напор зашто демократијата, во својата најдлабока суштина, е состојба на умот на луѓето, која толку тешко се менува
Почнува ли македонскиот политички систем да наликува на оној од третата француска република? Имено, раздробениот француски парламент на ситни партии, од чии коалиции се формирале влади, резултирал во неефикасност на владите и нивно кратко траење.
Во просек, животот на владите во третата и во четвртата француска република, нејзината копија, изнесувал 8 месеци. Во услови на изразен антагонизам, ниту една партија немала парламентарно мнозинство, како поддршка за водење држава пред која стојат тешки задачи.
Француските влади во ова време, од 1870 до 1958, опстојуваат со поддршка на комплицирани коалиции на повеќе партии, од кои некои немаат значајна поддршка од избирачите.
Меѓутоа, токму тие „безначајни“ партии одлучувале за опстанокот на владите, а нивното повлекување од коалицијата значело губење на тесното мнозинство и нивно паѓање.
КРИЗИ ВО ВЛАДЕЕЊЕТО Во такви влади, и улогата на премиерот е поинаква отколку во оние што зад себе имаат силна и дисциплинирана партија, како што бил случајот со Велика Британија.
Затоа, наместо да владее и да управува со државните работи, францускиот премиер бил ставен во улога на помирител на интересите на партиите, чии претставници биле министри во неговата влада.
Во такви услови, ниту една влада не се осмелувала на порадикални политички потези, толку неопходни за иднината на Франција. Тоа предизвикувало кризи во владеењето.
Кога епицентарот на кризите се пренесува од домашен на меѓународен терен, и кога требало да се преземат одлуки од далекусежно значење, францускиот политички систем веќе бил парализиран. Ниту една влада не се осмелувала да го реши проблемот на колониите, чии народи со пушка в рака се бореле за својата независност.
Соочени со крупни проблеми, француските политички институции биле немоќни. Ниту поразот на нејзините војски во Виетнам и востанието во Алжир не биле доволна причина да се промени политиката на француската држава. Француската политика, едноставно, била немоќна пред предизвиците на своето време.
Конечно, Де Гол, кој во 1946 не се согласил со старо-новото уставно уредување и се повлекол од политиката, бил повикан од страна на парламентот да застане на чело на нова влада и да предложи нов Устав.
Генералот се зафаќа за работа и со Уставот од 1958 ги зајакнуваат ингеренциите на претседателот на републиката на сметка на моќта на партиите. Франција почнува да излегува од последната криза, која, со бунтот на француските војници во Алжир, ја довела земјата до работ на граѓанска војна.
ДОЛГ ПАТ ДО ЦЕЛТА Поуката не е дека треба да ги копираме француските решенија, зашто тие не соодветствуваат на нашата политичка реалност, туку да разбереме колку тешко се гради стабилна и ефикасна демократија.
Прокламирана во 1789, со Француската револуција, демократијата во Франција се стабилизира дури по цели 129 години. Македонската демократија е стара само 31 година и нѐ чека долг пат до целта. Потребно е многу време и напор зашто демократијата, во својата најдлабока суштина, е состојба на умот на луѓето, која толку тешко се менува.
Во меѓувреме, треба да се учи од искуството на постарите демократии. И ние се соочуваме со тешки одлуки на домашен и на меѓународен терен, кои се од витално значење за државата, но кои тешко се изгласуваат во услови на партиски анимозитети.
И нашиот парламент наликува на оној од третата француска република. И ние треба да се соочиме со колосални задачи: борбата со корупцијата дома и продолжувањето на преговорите со ЕУ, подеднакво важни за нашата држава, како и оние со кои се соочила Франција некогаш.
Отсуство на „Де Гол“, во средина во која народната вели дека „никој не станал оџа во своето село“, ја комплицира ситуацијата. На веќе постоечката раздробеност, малите партии во Македонија бараат минимален изборен праг за влез во парламентот.
Внимавајте што посакувате, порачува еден странски дипломат, чија држава мака мачи со бројни мали партии во парламентот, во чии раце е опстанокот на владата.
Она што за Французите било колонијално прашање, за нас „да се биде или да не се биде“, се односите со соседите, членки на ЕУ. И како во францускиот случај на деколонизација, денес кај нас нема многу кандидати за „предавници“ спремни за промена на Уставот. А, сепак, некој мора да носи тешки и непопуларни одлуки доколку сакаме државата да оди напред.
Запрепастениот соработник на генералот, кој не можел да замисли Франција да му даде независност на Алжир, извикува: „Толку многу крв е пролеана“. На тоа Де Гол одговара : „Ништо не се суши побргу од крвта“.
Де Гол, се разбира, зборува за способноста на народите да заборават и да продолжат со своите животи зашто тоа го бара стварноста. Токму како во поемата на Шимборска:
Стварноста бара
Да го кажеме и следното
Животот продолжува натаму.
Продолжува толку блиску до Канае и Бородино,
На Косово поле и Герника.