БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Во оваа земја стана сè премногу лесно. Секој може да се претставува што сака да биде, секој може и да биде што сака, ако посака. Се разбира, секогаш се подразбира дека сè тоа оди мазно, со неверојатна леснотија, тоа е некаква неподнослива елеганција на бидување, дури застрашувачкисурова .
Сите наоколу ви велат- знаеш ли кој сум јас? Затоа што, тоа одразбира дека тој- јас- во меѓувреме станал некој. Таквите, оние што стануваат- некој, тие ви се посебна, чувствителна сорта. Не смееш да ги погледнеш никако, без да си свесен дека се- некој, нешто, сешто. Да ги погледнеш попреку станува опасно. Тие- оние- некој, се претставници на моќта во оваа држава. Станале што посакале, и сега во шака нè имаат сите нас. Ја имаат и државава, да му се невиди.
Така оди и таа приказна- тој никој, посакал да стане некој. Протокол во Министерството за надворешни работи. Да биде можеби во сенка, да, но погледнете подобро и концентрирано- тој некој ја претставува земјата, тој некој е самата држава, тоа значи дека е државата сама по себе.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи знае како одат тие работи, доаѓа од партија која доделува функции, титули и круни на сè што ќе и падне на памет, како и сите партии што фунцкионираат во оваа земја, еднакво.
Оној што до вчера бил никој, денеска веќе се претворил во некој. Османи мора да оди по стапките на нашиов некој, иако не може да сонува каде сè може да го одведат сите тие стапки. Кој ќе се тормози да биде внимателен кога го следи оној нашион довчерашен никој, денеска некој си важен. Сите му стануваме заложници, не само Османи. Честа да се имаат средби со сериозни, паметни луѓе е додадена вредност во целата таа приказна.
Османи е принуден да го следи оној некој и така доаѓаме до средбата со неговата словенечка колешка Тања Фајон, инаку поранешна новинарка, ја познавам кога бевме и двете дописнички од Брисел. Секако на сите ни е јасно како одат сите тие приказни со никој-некој.
Ова е Балкан, весела долина на многу никои кои станале некои, сите отприлика се познаваме, се мразиме и се сакаме, си помагаме со радост и уште позадоволно си одмагаме, за честа да биде поголема. Тука владее мрзеливост, корумпираност и широкрадост во доделување титули, работни места, продупчување на фотелји за да се заменат старите кадри, а во меѓувреме и да купат нови фотелји, со наместениот тендер за нашиот кум, кој ви се заканува затоа што му гори под нозе ако пропадне слаткиот, пеколен план.
Ова ви е Балкан, пријатели мои, имајте елементарна почит кон оваа весела братија, несреќна бирократија. Завалени во столчињата со нозете нагоре, напикани низ канцеларии кои оддалеку мирисаат на непроветрени биртии, додека Тома Здравковиќ се пее и игра со ситни преплети низ ходници, кој сега ќе се малтретира со сериозни, државнички работи како што е протокол. Така и Тања Фајон доби словачко знаме, наместо словенечко, во срцето на кабинетот на Бујар Османи.
Зборуваме за оној нашион никој, што во меѓувреме стана некој, сетете се на него, и од него очекувате да ви поставува знамиња, да ви одбира бои, да ви проучува нијанси со страст и самоувереност- вие се шегувате со мене.
Нашиов некој не може името да си го каже со стабилна концентрација, му се плетка јазикот на зборот протокол, додека се прашува дали е некој трик тој збор, и дали портокалот е решението на стапицата.
Само едно не е јасно – како уште постоиме, покрај сите портокали и протоколи, додека сите се нишаме и се нудиме да не откинат, недозреани, не ни знаеме дека не вреди ни да се прави напор. Знаеме ние и уште подолу, нека има време, само нека ни дадат време да докажеме што сè можат нашите никои, кога ќе се претворат во некои.