САНТА АРГИРОВА
За Илинка Митрева и нејзините постигнувања можам да зборувам со денови, а само реков:
Во нашиот последен телефонски разговор кога сакав, барем на миг, да ја отргнам од моментот ја потсетив на таа екстремно напорна 2005 година кога како вистинска тигрица се бореше за добивањето на кандидатскиот статус на Македонија. Ја вратив на моментот кога и покрај средбата и разговорите со тогашниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, настојуваше уште еднаш да го потсети, уште еднаш да му укаже дека заслужуваме да продолжиме напред.
Да, таа ми рече, му кажав – Господине Премиер, немојте да ја заборавите Македонија, а тој ми одговори -Да, Македонија заслужува да добие Божиќен подарок.
Тие беа последните зборови што ги слушнав од големата Илинка Митрева. Таа што гледаше многу далеку, а живееше во мигот. Таа што со убеденост, после долга елаборација, со стисната тупаница пред европскиот комесар за надворешни работи Кристофер Патен, му рече – Македонија направи сė, и сега ќе аплицираме за членство во Унијата, а вие размислете каков одговор ќе ни дадете, и со тоа го заклучи разговорот.
Особено се гордееше со три моменти. Велеше: „Нема да го заборавам утрото на 4 ноември 2004, кога тогашниот американски амбасадор Лоренс Батлер влезе во кабинетот на претседателот на државата со зборовите „Од денеска сум амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија“.
Вториот момент, во раното утро на 17 декември 2005 г., кога нејзиниот колега, МНР на Луксембург, Жан Аселборн, прв, ѝ се јави од Брисел, и ѝ ја соопшти веста за доделениот статус на кандидат за членство на РМ во ЕУ.
И третиот момент – нормализацијата на односите со Народна Република Кина.
Овие денови особено, постојано ми се врти филмот за тие 4 херојски години, за честа да работам за уникатен човек, за таа жена која бескрајно ја сакаше својата татковина и не се штедеше да се бори за неа. Покрај неа имав чувство дека сме голема и моќна земја.
Кога во едно интервју, по добивањето на кандидатскиот статус, ја прашаа – дали Македонија и ЕУ се одалечени како Земјата и Месечината, таа одговори:
„Пред четири години граѓаните ни дадоа задача да и го вратиме достоинството на Република Македонија. Ние тоа го направивме. Не беше лесно да се отвораат затворени врати.
Никој не може да ги побие фактите: Денес од земја во изолација Македонија е почитуван член на меѓународната заедница, земја кандидат за членство во Европската унија. Членството во НАТО е извесно. Отворен е патот за влез на странски инвестиции. Преговараме со Европската комисија за олеснување на визниот режим. Наместо земја во која се испраќаа мировни мисии, Македонија станува привлечна туристичка дестинација.
„Ддалечините песимистички ги мерат само оние кои немаат смелост да тргнат кон целта“.
Во македонскиот од вградено е делото на Илинка Митрева, достоинствена, а не арогантна. Борбена, но фер играч. Жената за која најголем подарок беше букет од полско цвеќе или жолти рози. Жената што сакаше да разговара со луѓето на улица, на пазар, во такси…велеше, тие се искрени соговорници, ме држат на земја…Министерката што сакаше точност, дисциплина, работливост и поенти. Лидер што покренуваше, даваше смисла на сиот вложен напор. Кога би можела да го вратам времето, како нејзина најблиска соработничка, со сите сили би ѝ бранела да се дава така беспоштедно за работата ама, знам, дека не би успеала, Македонија, за неа, не беше работа…
Се сеќавам, кога им се обрати на новинарите во Охрид, во октомври 2004, на заедничката прес конференција со колегата од Франција, Мишел Барние, каде се одржуваше неформална средба на шефовите на дипломатиите на Албанија, Хрватска, Србија и Црна Гора, БиХ. Иницијатива што токму Митрева ја крепеше. Тогаш рече: „Се согласивме да ги зајакнеме нашите напори кон трансформирањето на Балканот во регион на нови можности, на економски просперитет, во Регион кој не само географски и цивилизациски, туку и политички станува неделив дел на обединета Европа и НАТО“.
Таа е жената што секогаш гледаше подалеку од другите.
Горда што Охрид станува и симбол на регионалната соработка бидејќи 2 од тие средби: со австриска колешка Урсула Пласник и со францускиот министер за надворешни работи, Мишел Барние со шефовите на дипломатиите од балканските земји се одржаа токму таму.
Горда на Повелбата за партнерство меѓу Македонија, Албанија, Хрватска и САД, што ја потпиша во 2003-та година и со која се засили регионалната соработка и се потврдија стратешките односи помеѓу РМ и САД што, без формализација, постепено добија содржина на сојузништво.
Во постојана битка со како што велеше: „Дежурните катастрофичари кои постојано не убедуваат дека не нè бидува, дека немаме шанси, дека секогаш треба да се влечкаме и да чекаме што ќе ни донесе судбината“.
Со нова клима во релациите со македонските иселеници. Уште една нејзина цел и задача на новоформираниот Сектор за иселеништво во Министерството. -Остваривме поактивен однос кон нашите иселеници. Тука пред се мислам на зачувување на врските со родниот крај, идентитетот, јазикот, но и афирмацијата на Република Македонија во средините каде што живеат и дејствуваат иселениците. Моите посети на Австралија, како прв МНР на РМ, на Канада, на Америка, Европските земји, беа и во функција на создавање можности како да си помогнеме едни на други, во сите сфери, вклучително и економската, тогаш изјави Митрева.
Често и се обраќаа со прашањето – Многу патувате, како издржувате или само многу патувате со прекор?
На првото одговараше – Тоа е, верувајте, единственото прашање на кое немам одговор. Кога ќе почнам самата да се прашувам или пак да размислувам на таа тема, тоа веројатно ќе биде првиот знак на замор. За сега, одам напред, со полни едра.
На второто пак велеше: – Како да се чуе нашиот глас? Како да се соопшти нашата приказна? Со седење дома, во очекување целиот свет да ни дојде на гости? Светот не може да не запознае по телефон. Многу комотно е да се води надворешната политика од мојот кабинет . Но, се плашам дека тогаш многу од вратите што сега и се отворени на Република Македонија ќе останеа затворени. Денес Македонија е земја за почит, земја со углед.
Соопштувајќи ги приоритетите во надворешната политика за 2006-2010 пред новинарите Митрева, потсети на „наследството“, на прашањето што при првите посети на Вашингтон, Берлин и Париз во декември 2002г. секогаш прво и беше упатувано: Ќе успеете ли да ја вратите безбедноста? Наспроти тоа прашање на почетокот, при крајот на мандатот, при посетата на Холандија (и не само таму) стана збор за два чартера неделно кон Охрид за традиционалните туристи од оваа пријателска земја. Договараше и со шпанскиот колега за да ни дадат експертска помош да подготвиме презентација за нашата туристичка понуда.
Македонија со своите цивилизациски, културни, естетски привилегии е вистинско богатство за Европа, им зборуваше Илинка Митрева.
Во таа 2006, оценката на европските партнери беше – извонреден успех за извонредно кусо време. Тогаш, во пресрет на Самитот на НАТО во Рига, Митрева рече дека е неопходен континуитет за остварување на нашите стратешки цели, да се продолжи со активна и ефикасна надворешна политика. Со гордост најави дека Охрид е избран да биде домаќин на состанокот на Евроатлантскиот партнерски совет, на 700-тини гости, министри од НАТО членките и земјите партнери на Алијансата, за наредната, 2007 година… Знаеме што следуваше наместо континуитет. За жал.
Беше ставена точка на оптимизмот…
Ве гледам овде и се сеќавам како изгледаше министерството, старата зграда, какви беа условите за работа. Еден пар исти столици немаше, ѕидовите беа валкани, премачкани со чудни бои. Вложи огромен напор, како и за сė друго и беа реновирани сите канцеларии освен нејзиниот кабинет. Кога ја прашав зошто, ми рече- Добро ми е мене и вака, не е лошо, други нешта се поважни…
Го донесе Законот за надворешни работи, за прв пат по 15 години од независноста на државата, со кој се предвидуваше 2/3 од амбасадорите да бидат кариерни дипломати. Го сметаше за најголема инвестиција во професионализацијата на македонската дипломатија. Оценката за работата на амбасадорите или дипломатите не ја формираше според партиската припадност. Велеше критиката мора да биде издржана. Сега сите и требаме на државата. Никој не треба да ги штеди своите напори почнувајќи од мене…
Се сеќавам како го започна своето обраќање на Манифестацијата „Вечер на франкофонијата“ 29.03.2005, во Скопје, со парафраза на стиховите на прекрасна песна од Ив Дутеј: „Да се најдат зборови кои ни недостасуваат за да можеме да се разбереме…и потребната сила за да живееме во хармонија“ . Овие зборови, како и нејзините дела се живи и денес.
Ни требаат луѓе како Илинка Митрева. Почитувана и на Запад и на Исток, почитувана и од Колин Пауел и од Сергеј Лавров и од сите нејзини колеги, како и претседатели на држави, премиери… Министерката што реализира први официјални посети на Катар, Израел, Австралија, го обнови пријателството и односите со Кина после Тајванската авантура. Или Јапонија, кога добивме порака дека јапонската влада сака со неа да разговара за проектот „Злетовица“. Таму од својата колешка, министерката Кавагучи слушна дека ќе го прифатат нашето барање.
Ни требаат луѓе за кои во странски весници ќе напишат : „Ако ја немаше Илинка Митрева ќе требаше да ја измислиме“; или „ Ја нарекуваат Тигрица од Балканот, не затоа што е сурова или свирепа туку затоа што е жестока и со страст за својата држава“, или „Митрева поради својата убедливост, остар јазик и непосредност стана миленичка на западната дипломатија. Подеднакво ја сакаат во своето друштво и Пауел и Патен, иако сешто им кажува“…
Точно е дека таа беше светски играч од мала земја. Нејзините успеси ниту можеле ниту можат да бидат минимизирани. Ако веќе неа ја немаме барем да има такви кои ќе го следат нејзиниот пример.
Немам многу слободно време, а имам голема носталгија по омилените места и навики-рече Митрева во едно интервју. „Патувањата ми го ускратуваат утринското кафе со сопругот, семејниот ручек со синот дома или во „Идадија“, „Јоле“… Ми недостасуваат вечерните прошетки долж „Ленинова“… Само нашите липи мирисаат и кога гранките се голи… “
Бевме среќни што ја имавме за Министерка, за пријател, сопруга, родител.
Ми беше највисока чест да работам со неа и за Илинка Митрева.
Почивај во мир, моја Госпоѓо.
Слава ѝ.
(од ФБ статусот на авторката)“