Нема потреба да гледаме на исток. Запаѓање во должничко ропство кон Кина е опасен „луксуз“. Како членка на НАТО тоа не смееме да си го дозволиме. Веќе имаме пристап до повеќе од шест милијарди евра од новиот План на Европската Унија за раст на Западен Балкан. И, конечно, за повеќе од две третини од нашите граѓани членството во Европската Унија е најдобрата опција за државата
АНДРЕЈА СТОЈКОВСКИ
На 7-ми мај 1945 година, нацистичка Германија ја потпишала капитулацијата во Втората Светска војна. Актот за капитулација стапил на сила еден ден подоцна, на 8-ми мај. Во чест на завршувањето на војната, овој ден, 8-ми мај, во демократска Европа се одбележува како ден на победата во Европа, или Victory in Europe Day. Како последица на ременската разлика и часовните зони, во Москва веста за капитулацијата стигнала наредниот ден, на 9-ти мај. За Советскиот сојуз и идеолошкиот и авторитарен наследник во Русија, денот на победата и натаму е 9ти мај. Иако Тито му кажа НЕ на Сталин, прославата во поранешната држава продолжи да се организира на 9-ти мај. Независноста, не помогна идеолошки да го соџвакаме денот на победата во Европа, затоа денот или не се одбележува, или пак тоа се правиме многу срамежливо.
Оваа година кај нас, 8-ми мај беше изборен ден. Граѓаните избираа Претседател на државата и пратеници во Собранието. За многумина, тоа беше уште еден неработен ден кој можеа да го припојат кон претходниот празничен викенд и пролетниот училиштен распуст. Сепак, за сé уште прецизно неодреден број на граѓани тоа беше ден на победа. Да се разбереме, јасно е кого граѓаните го избраа за Претседателка на државата, но останува дилемата кој е победникот на парламентарните избори, бидејќи многу од партиите прогласија победа.
Денот го започнав во Скопје, а го завршив во Рим. Дури и на оддалеченост од 1700 километри, или околу 650 километри во воздушна линија победите не ме одминаа. За обете победи, онаа во Европа и онаа дома, италијанските и европските медиуми пишуваа во сеќавање и со научени лекции од минатото. Единствена разлика беше тоа што кога пишуваа за втората победа, онаа дома, за научените лекции од минатото пишуваа во прашална форма.
За разлика од европските, домашните вести јасно покажуваа две фази. Во првата фаза, известуваа и поставуваа прашања за можноста од неуспех на претседателските избори. Додека, во втората фаза известуваа за победата, ја предвидуваа новата владина коалиција или ја анализираа новата опозиција. Се разбира, сето ова беше често проследено со прашањата за научените лекции од минатото. Јас лекциите од минатото ги паметам, а до победата и по неа научив уште три.
Можеби ќотекот излегол од рајот, ама затоа патот до пеколот е поплочен со бојкот.
На оние кои барем малку се разбираат од избори и како тече изборниот процес им беше јасно дека на 8-ми мај ќе има два одделни изборни процеси, ќе се добиваат две ливчиња и ќе се потпишува дека сте пристапиле кон гласање на два списоци. Иако се тука за да го помогнат и направат процесот подобро организиран, не помогнаа од ДИК.
Наместо да потсетат дека изборите и до сега биле исти, кога два процеси се спојуваат во ист ден, тие одлучија само да ги инструираат одборите дека треба јавно да ги прашуваат граѓаните дали ќе ги земат двете гласачки ливчиња. Не помогна ниту фактот што камерите од граничниот премин Богородица покажаа дека многу од нашите граѓани успешно ги замениле своите патни исправи со нови, на кои името на државата беше усогласено со уставот.
За медиумите очигледно поинтересни се вестите кои создаваат сензација, без оглед колку таа е реална, одошто оние кои информираат и едуцираат. Некои, уште пред почетокот на вториот изборен круг известуваа за тивок или не толку тивок бојкот. Други пренесуваа изјави и повици на политичари во текот на изборниот молк, а граѓаните паднаа на испитот за цивилизиран дискурс. Дури и најголемите поборници за демократија и правата на другите имаа повици од типот „да не дозволиме никој да не уценува“ или „никој не смее да ја држи државата во заложништво“. Овие совршено се вклопија претходно слушнатите описи за „твоја држава“, „твоја партија“, „твоја иднина“, „нивните криминали“ и сл.
Во текот на целата изборна кампања не видов многу од цивилизираниот дискурс кој јас го посакувам. Искрено, ниту изблиците на социјалните мрежи не ме изненадуваат, а не ме изненадува ниту тоа што немаше слични повици кога некој смислено и плански ја бојкотираше иднината на државата и можниот демократски развој на истата. Ќе ме изненади ако откако го пронајдоа својот глас, продолжат истиот да го користат и да реагираат кон власта, не кон опозицијата. Ќе ме изненади ако престанат на секоја државна политика, успех и особено неуспех да гледаат низ етноцентристичкиот дурбин. Ќе бидат изненадени кога после толку извици „Волк! Волк!“ волкот, или нарушените меѓуетнички односи и уништената меѓуетничка доверба навистина се појават. Немаме друга иднина освен целосна интеграција во западниот либерално-демократски свет, а бојкотот секој пат води кон пеколот без оглед колку намерите се добри, целите се возвишени, или пак интересите се големи.
Езоп, сепак, ја гледал иднината
Изборите завршија. Популистичките повици, празните ветувања и лекциите по уставно право, исто така завршија. Време е за лекцијата по меѓународна политика. Во меѓународната политика реалноста вели дека или сте подготвени, или сте недоветни, а лекции не делат професорите, туку посилните.
Претседателката, премиерот и новата влада својот кредит кај нашите меѓународни партнери го потрошија уште не влезени во кабинетите. Во текот на целата изборна кампања, но и во претходните неколку бојкоти на зачленувањето во НАТО и интегрирањето во Европската Унија, на тогашната опозиција просторот за маневри им беше разбирливо, доволно, голем. Тие не беа во можност да спречат многу од политиките и процесите низ кои минуваше државата. Сега веќе се наоѓаат во нова позиција, а промената на условите ја најавија и бугарскиот претседател Радев, но и грчкиот премиер Мицотакис. Обата соседи најавија дека набргу ќе покажеме колку сме посветени на европските интеграции, односно дека ќе ги следат изјавите на новата власт пред да даваат дополнителни коментари.
Да бидат работите појасни, бугарскиот премиер Главчев посочи дека Бугарија нема да прави повеќе никакви отстапки. Значи, промени на преговарачката рамка за пристапување во Европската Унија нема да има. Ова за оние што ја познаваат Унијата и како се носат одлуките при проширувањето беше повеќе од јасно. Сега, едноставно, професорите треба да им одржат едно предавање на оние „заведени“ гласачи со кое ќе им објаснат зошто уставни амандмани ќе мора да има. Притоа, нема потреба од дополнителни уверувања дека нема да има ново бугарско вето, или ќе има конкретен датум за пристапување. Истите се веќе дел од преговарачката рамка, или од изјавите на европските лидери за подготвеноста за проширување во 2030 година. Во лекцијата ќе треба да вклучат и дел кој ќе се осврне на корисноста од Преспанскиот договор и членството во НАТО, како и зошто ќе го користат новото уставно име на државата.
Ова последното можат да го направат уште при положувањето на заклетвата, односно давањето на свечената изјава при преземањето на функцијата. Ако тогаш не го изговорат името на државата или не ја потпишат изјавата со уставното име, тогаш ниту ја преземале функцијата, ниту пак легитимно ја вршат.
Има уште лекции од меѓународната политика кои можат да ги споделат. Некои од нив ќе треба да ги преземат нивните најблиски советници. Нив ќе им припадне задачата да се погрижат да ги подготват претседателката и премиерот за да не испаднат недоветни. Тука пред се мислам на лекциите кои ќе помогнат во разбирањето на новата европска реалност, на воената инвазија на Русија врз Украина, како и на фактот дека нашата држава го нема луксузот кој може да си го дозволи Унгарија.
Кога зборуваме за луксузи кои нема да можеме да си ги дозволиме, да го вклучиме и оној што ќе значи запаѓање во должничко ропство кон Кина. Прво, затоа што како членка на НАТО навистина нема да смееме да си го дозволиме. Второ, затоа што покрај пристапот до повеќе од шест милијарди евра од новиот План на Европската Унија за раст на Западен Балкан и до пазар од повеќе од петстотини милиони потрошувачи, нема потреба да гледаме на истокот и на други алтернативи кои знаеме дека ќе бидат на наша штета. Трето, затоа што за повеќе од две третини од нашите граѓани членството во Европската Унија е најдобрата опција за државата.
Кога зборуваме за лекциите од меѓународната политика, има уште лекции за сите, вклучувајќи ја и опозицијата. Една од лекциите можат да ја преземат и медиумите, а таа е секогаш, апсолутно секогаш да бидат подготвени и да поставуваат информирани прашања кои ќе придонесат за подобра информираност и на граѓаните.
Состојбава потсетува на приказната за двете семејства мајмуни. Дури тие се карале кој е победник и ќе обезбеди ексклузивно право за користење на изворот, над нивните глави мршојадците се облизнувале во очекување. Оттаму, Езоп можеби живеел во античка Грција, но ја гледал иднината.
ОБЕДИНЕТИ ВО РАЗЛИЧНОСТИОТЕ Кога сме кај приказните и басните, има уште две кои совршено одговараат на новата опозиција, но и на сите граѓани. Едната е онаа за трите министри на премиерот. Во приказната, премиерот најпрвин своите министри ги потценувал, поткопувал и отфрлал како недостојни. Кога премиерот сфатил дека секој од министрите претставувал различна општествена група која му укажувала доверба и го поддржувала во градењето на политиките веќе било предоцна. Предоцна било и кога сфатил дека секој од тројцата министри биле подеднакво вредни и достојни да бидат негови соработници. Втората приказна е онаа за селото и магичното езеро.
Во приказната, новиот кмет кој бил многу богат ги убедил селаните дека ако секој селанец истури чаша млеко во езерото во исто време, целото езеро ќе се претвори во кисело млеко, кое потоа може да се користи за правење сирење и путер, хранејќи го селото за навек. Селаните биле многу возбудени и се согласиле секој да го истури своето млеко во езерото, но, истата вечер си рекле „Ако сите истурат млеко во езерото, а јас само истурам чаша вода, никој нема да забележи. Мене млекото ќе ми остане“. Таа вечер, никој не истурил млеко во езерото. Од богатството ниту трага, селаните останале со прстот в’ уста, а кметот останал да ужива во сопственото богатство.
Очигледно нема партнери и соработници кои треба да ги потценуваме. Во множеството во кое постоиме, сите се важни и нивниот придонес ја прави иднината. Кога се осамостојуваше државава токму тоа беше впишано во преамбулата на уставот. Кон подобрување на таа преамбула водат и уставните амандмани. Низ изминатите години, Европската Унија и западниот либерално-демократски свет бил нашиот најголем партнер и поддржувач на демократскиот и економски развој, низ поддршка во развојот на политиките или преку обезбедена реална развојна помош. Оваа година одбележуваме 33 години независност. Исто толку години имал и Христос кога го распнале. По победата од 8-ми мај, да не дозволиме да се распнеме помеѓу истокот и западот. Ако Европската Унија и членството во неа ни значат, ако тоа не е само гол наратив, тогаш оваа лекција е најважната за нас. Заедно сме посилни, а заедно значи обединети во различностите, дома и во Европа. Очигледно нема партнери и соработници кои треба да ги потценуваме. Во множеството во кое постоиме, сите се важни и нивниот придонес ја прави иднината. Кога се осамостојуваше државава токму тоа беше впишано во преамбулата на уставот. Кон подобрување на таа преамбула водат и уставните амандмани. Низ изминатите години, Европската Унија и западниот либерално-демократски свет бил нашиот најголем партнер и поддржувач на демократскиот и економски развој, низ поддршка во развојот на политиките или преку обезбедена реална развојна помош. Оваа година одбележуваме 33 години независност. Исто толку години имал и Христос кога го распнале. По победата од 8-ми мај, да не дозволиме да се распнеме помеѓу истокот и западот. Ако Европската Унија и членството во неа ни значат, ако тоа не е само гол наратив, тогаш оваа лекција е најважната за нас. Заедно сме посилни, а заедно значи обединети во различностите, дома и во Европа.
(racin.mk)