Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ТРИ ГОДИНИ ПО РЕД ГО НАМАЛУВАМЕ ЈАВНИОТ ДОЛГ

March 7, 2023 Filed Under: Македонија

Со буџетот за 2023 година, во кој буџетскиот дефицит, е проектиран на 4,6% или за 0,7 процентни поени пониско во однос на проекцијата за 2022 година. Буџетот за 2023 година се води според златното правило во финансиите, односно инвестициите да се повисоки во однос на дефицитот. Проектираниот дефицит за 2023 година изнесува 694,3 милиони евра, додека капиталните расходи се проектирани на 795 милиони евра

ФИНАНСИСКА ОДРЖЛИВОСТ На среден и долг рок е обезбедена финансиска одржливост на државата, смета Фатмир Бесими

ФАТМИР БЕСИМИ

Во последните три години, со секој следен буџет кој се планира, постепено се намалува буџетскиот дефицит. Таков е случајот и со буџетот за 2023 година, во кој буџетскиот дефицит, е проектиран на 4,6% или за 0,7 процентни поени пониско во однос на проекцијата за 2022 година. Буџетот за 2023 година се води според златното правило во финансиите, односно инвестициите да се повисоки во однос на дефицитот. Проектираниот дефицит за 2023 година изнесува 694,3 милиони евра, додека капиталните расходи се проектирани на 795 милиони евра.

Ќе истакнам и дека со усвојување и спроведување на предлог- законот за данок на солидарност, ќе имаме дополнителнително намалување на буџетскиот дефицит, како резултат на очекуваните повисоки приходи. Имено, со законот се воведува вонредна давачка, која што ќе треба да ја платат компаниите кои лани имале приход од над 10 милиони евра и оствариле значително поголем профит од вообичаено. Основа за оданочување ќе биде профитот кој е над 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ ќе се оданочува со стапка од 30 отсто. Давачката ќе биде еднократна и ќе се однесува на финансиските резултати на компаниите во 2022 година. Очекувањата се дека приходите по овој основ ќе бидат околу 4,7 милијарди денари (76,4 милиони евра) и истите ќе бидат наменети за буџетски потреби поврзани со ковид и енергетската криза. Тоа ќе придонесе директно за намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг за 0,5 процентни поени од планираното за 2023 година, односно буџетскиот дефицит наместо 4,6% ќе биде 4,1% и јавниот долг наместо 60,6% ќе биде 60,1% како учество во БДП.

Во 2023 година вкупниот долг кој доспева за отплата е 52,1 милијарда денари (847,2 милиони евра), од кои надворешен долг 36,5 милијарди денари (594 милиони евра) и домашен 15,6 милијарди денари (254 милиони евра).

Отплатата на главница по основ на надворешен долг ја вклучува отплатата на еврообврзницата од 2016 година во износ од 27,7 милијарди денари (450,4 милиони евра), ММФ од 2,7 милијарди денари (43,9 милиони евра), ИБРД од 2,3 милијарди денари (37,4 милиони евра), ЕБРД од 1,2 милијарди денари (19,5 милиони евра), ИДА 0,9 милијарди денари (14,6 милиони евра), ЦЕБ од 0,6 милијарди денари (9,75 милиони евра) и 0,3 милијарди денари кон други билатерални кредитори (4,9 милиони евра од ИФАД, KfW, Јапонска банка за меѓународна соработка и други).

ФИНАНСИСКА ОДРЖЛИВОСТ На среден и долг рок е обезбедена финансиска одржливост на државата, смета Фатмир Бесими

Отплатата на главницата по основ на домашен долг се однесува на отплата на 2, 3 и 5-годишни обврзници во износ од 12 милијарди денари (19,6 милиони евра), отплата на обврзници за денационализација во износ од 0,4 милијарди денари (6,5 милиони евра) и отплата на краткорочен заем од 3 милијарди денари (50 милиони евра). Останатите обврзници кои имаат рочност од 7, 10, 15 и 30 години немаат доспевање во 2023 година.

Финансирањето на долговите кои доспеваат, како и дефицитот, ќе се изврши преку странски и домашни извори. Оптималната комбинација на надворешни и внатрешни извори на финансирање носи повеќе придобивки, од диверзификација на портфолиото на јавен долг по рочност и валута до зголемување на девизните резерви, како и пристап до средства на домашниот финансиски пазар за реалниот сектор.

Задолжувањето во странство ќе се реализира преку издавањето на деветата еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал, повлекување на нова транша од кредитната линија за претпазливост и ликвидност од ММФ и преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии за финансирање на одделни проекти и буџетски дефицит.

Домашното задолжување е предвидено на 33,6 милијарди денари (546 милиони евра), преку издавање на државни хартии од вредност и домашен заем. Со задолжување на домашен пазар ќе се постигнат поповолни услови користејќи ги поповолните каматни стапки, а воедно преку оптимизација на портфолиото преку зголемување на рочноста и преку премин на премин на посоодветна платформа за спроведување на примарната емисија Bloomberg. На овој начин ќе се зголеми учеството на странски инвеститори на домашниот пазар.

Исто така, годинава е пренесен депозит од 160 милиони евра од минатата година, согласно претпазливите политики за управување со јавниот долг и оставање на простор (бафери) кои овозможуваат поголема флексибилност во однос на движењата на пазарите на капитал. Минатата година ваквите бафери ни овозможија премостување на период на исклучително високи каматни стапки на меѓународниот пазар на капитал, а со тоа и заштеда од десетици милиони евра.

Интересот на инвеститорите за еврообрзницата – доказ за здравоста на економските политики

Тука би сакал повторно да се навратам на странското задолжување и да се задржам на деветата еврообврзница. Иако, минатата година имавме доспеани обврски за рефинасирање, како и потреба за финансирање мерки за справување со енергетската криза и првично беше предвидено да издадеме еврообврзница, сепак не излеговме на пазарот. Каматните стапки на меѓународниот пазар на капитал беа превисоки, додека претпазливото менаџирање со јавните финансии ни остави доволен простор да го оставиме задолжувањето со еврообврзницата за кога ќе се створат подобри услови.  Судејќи според последната аукција, а во споредба со другите земји со сличен или повисок рејтинг од нашиот, кои непосредно издадоа еврообврзници, одлуката беше вистинска.

Ќе истакнам дека големо признание за здравоста на економските политики кои ги водиме, покрај одобрувањето на ПЛЛ линијата од страна на ММФ минатата година (која се доделува исклучиво на земји со здрави економски фундаменти) и Макроекономската поддршка од Европската Комисија, исто така е и големиот интерес на инвеститорите за еврообврзницата (дури за 2,5 пати повисока сума при последната аукција на деветтата еврообврзница во почетокот на февруари 2023 година).

Министерството за финансии е подготвено да ја издаде деветата еврообврзница, штом се создадат условите за тоа. Будно ги следиме и состојбите на пазарите на капитал и ќе се донесе најоптимална одлука во најдобро време за издавање на еврообврзницата, која е наменета за рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2016 година.

Институционална рамка за одржливост на јавниот долгот на долг рок

На среден и на долг рок, предвидени се повеќе механизми за обезбедување на одржливост на јавниот долг, на ниво кое ќе обезбеди стабилност и економски раст. Новиот Закон за буџети, кој воспоставува Фискален совет и фискални правила, Планот за фискална одржливост, како и Планот за заздравување и забрзување на економскиот раст, вклучително и среднорочната Стратегија за управување со јавниот долг се стратешките документи ќе придонесат кон тоа. Може да се каже дека тие се четирите столба кои ќе ја дадат основата за одржливост на долгот.

ДЕПОЗИТ Со политика на претпазливост од лани е пренесен депозит од 160 милиони евра, како бафер во однос на непредливите трошоци

Во новиот Закон за буџети ги вградивме Мастришките лимити за јавен долг и буџетски дефицит. Тоа се нумерички правила кои на среден рок поставуваат прагови од 60% за јавниот долг и 3% за буџетскиот дефицит. Овие лимити се веќе вградени во Фискалната стратегија. Исто така, се предвидува и регулира формирање на независно тело – Фискален совет, кое ќе го избира Собранието (на предлог на МАНУ, Народната банка и Државниот завод за ревизија), кое ќе ги надгледува стратегиите, проекциите и спроведувањето на фискалните политики. Фискалниот совет ќе се формира годинава, а во буџетот за 2023 година се планирани средства за негово воспоставување и функционирање. Инаку, новиот Закон за буџети и реформите кои ги носи, беа поздравени од сите меѓународни финансиски институции, како и во последниот извештај за напредокот на ЕК.

Оптимизација на работните процеси и кратење трошоци

Со Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст се утврдуваат мерки за консолидација на расходите во државните институции, подобрување на наплатата на давачките и мерки и препораки за јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост. За овој План е доста зборувано во јавноста – накусо суштината е преку рационализација и оптимизација на работните процеси, да се спроведат сериозни заштеди. При рационализација на расходите, се става акцент и на подобрување на реализацијата на капиталните расходи. Тука е и методологијата за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст – ПИМА и методологијата за оценка на реализацијата на капиталните инвестиции преку Smart Key Performance Indicators, која се воведува со новиот Закон за буџети. Планот содржи и механизми за зајакнување на капацитетите за прибирање на јавните приходи и забрзана наплата на приходите од даночните и царинските должници. Тука е и унапредувањето на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на акцизните приходи, преку развој на политики, системи, постапки и инструменти за ефикасна контрола и наплата на приходите. Се зајакнуваат активностите за спречување на даночната евазија, како и подигање на јавната свест за штетните последици од сивата економија и јакнење на даночниот морал. Предвидени се мерки за подобрување на инспекцискиот надзор, меѓуинституционалната координација на контролите, натамошна дигитализација на процесите, како е-фактура, е-фискализација, систем за одбележување и контрола на акцизните стоки итн.

Со оглед дека буџетскиот дефицит и јавниот долг се мерат како процент од БДП, економскиот раст придонесува кон процесот на консолидација. Планот за заздравување  и забрзување на економскиот раст делува во насока на фискалната консолидација на два начини: прво, преку механизмите за забрзување на економскиот раст, односно удвојување на просечниот раст во изминатиот период на стапки од и над 5% на среден рок и второ, преку механизми за мобилизирање на приватен капитал за инвестиции и помало државно задолжување (како јавни-приватни партнерства, развојни фондови и финансиски инструменти).

Filed Under: Македонија

ИМА, НЕМА И СЕПАК – ИМА ТУРБУЛЕНЦИИ ВО ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА
СДСМ ЗА ЗАКОНОТ ЗА КОЧАНИ: МОРА ДА ПОКАЖЕМЕ СОЛИДАРНОСТ СО РОДИТЕЛИТЕ
УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ПОД НАПАД ОД АМЕРИКАНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА: ХАРВАРД НАСПРОТИ МАШИНИТЕ
ДАНАИ ЛИОДАКИ : ЉУБОВТА Е ЗАЕДНИЦА, НЕ АПЛИКАЦИЈА
ПУТИНОВ ПОКЕР ИЛИ РУСКИ РУЛЕТ 128: КУЛТУРА НА СТРАВОТ НАМЕСТО БУНТ – АНАТОМИЈА НА РУСКАТА ВОЕНА МАШИНЕРИЈА

Најново

  • ИМА, НЕМА И СЕПАК – ИМА ТУРБУЛЕНЦИИ ВО ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА
  • СДСМ ЗА ЗАКОНОТ ЗА КОЧАНИ: МОРА ДА ПОКАЖЕМЕ СОЛИДАРНОСТ СО РОДИТЕЛИТЕ
  • УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ПОД НАПАД ОД АМЕРИКАНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА: ХАРВАРД НАСПРОТИ МАШИНИТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet