МЕРСЕЛ БИЉАЛИ
Македонија е типичен пример како лажниот патриотизам од внатре ја јаде државата и луѓето во неа! Од втора држава по степен на развој меѓу 16 држави од источна и југо-источна Европа, (веднаш по Словенија), Македонија сега е последна, дури безнадежна
Далечниот мал остров Палмира во северниот Пацифик, откриен од Едмунд Фанинг во 1798 година, е полн со мистерии. Таму се случуваат – исчезнувања, невидливи убивства, подводни пиратства и сл. Луѓе, бродови и други објекти од ништо исчезнуваат за никогаш повеќе да бидат пронајдени. Се мисли дека таму делуваат едни паранормални појави, па затоа островот е празен. Според митологијата, додека островот бил воден од чесни племенски водачи бил полн со жители. Но, кога луѓето почнаа да поддржуваат алчни водачи, мајката на островот фрли проклетва и островот остана сосема пуст.
После два века, еден друг „остров“ ама без море бил фатен од слично проклетво, оти нејзините жители паранормално верувале дека спасот е во нечесноста. Слепо верувале во „патроитски“ зборови а арамиски дела! Слепи следбеници слепо верувале на слепи водачи кои слепо ги воделе низ слепи патишта…!
Се виде дека длабоко во нас има нешто многу плитко! Македонија е типичен пример како лажниот патриотизам од внатре ја јаде државата и луѓето во неа! Од втора држава по степен на развој меѓу 16 држави од источна и југо-источна Европа, (веднаш по Словенија), Македонија сега е последна, дури безнадежна. Сега и Косово ја надминува, а само 15 години има држава! На Македонија и се случија три ножа зад грбот – лошата приватизација, национализам и партизацијата. Тие се на пат и да ја докрајчат со се иднината на луѓето во неа. Оти има премногу политичари во неа ама ниту еден водач. А само големите луѓе помагаат без да им се возврати! И сега делуваме „спаси што можеш“, ако можеш! А едни продолжуваат државата да ја третират како она глупавата мачка по име Херкулес, која пред илузорните огледала си мислеше дека е тигар! А јавноста што „мудро“ си молчи е само еден пиштол со пригушувач кои е вперен кон самите нив! Mирното море не може да создаде силни морнари!
Има ли спас од докрајчувањето?!
Има уште малку ако се сака! Ево некои примери од бројните. Чиле, долги години била во хаотична состојба и најсиромашна држава во Јужна Америка. По воениот удар предводен од генералот Аугусто Пиноче (кого некои го сметале за фашист), започна промени. Тој го анагжирал познатиот американски економист Милтон Фриедман со својата екипа, за да изнајде излез од хаосот. Воведе голема либерализација во претприемништвото и пазарот. Само во мал број дејности допуштил симболичен државен интервенционизам. Воведе мошне едноставни процедури за иницијативи за секаков бизнис. Воведе голема либерализација во користењето на државното земјиште и на другите државни ресурси, и економијата тргна напред со големи чекори. Воведе санкции за некористење на приватно земјиште, но и многу конкретни понуди за развој на земјоделието и сточарството. Чиле брзо стаса до земја со највисок номинален доход по глава на жител во Латинска Америка, и во мај 2010 година, стана првата јужноамериканска земја членка на ОЕЦД. Сега Чиле, не само што е најразвиена држава на тој континент, туку таа припаѓа и на групата „Г-20“, кај што членуваат 20 најразвиени држави на светот, кои заедно чинат 90% од светското БДП и 80% од светската трговија.
Во фаза на економски бум сега се и повеќе африкански држави – Намибија, Ангола, Танзанија, Мозамбик, па дури и една Етиопија која е позната по умирање од глад. Така што сега таа црна Африка, која традиционално симболизирала пучеви, граѓански војни, криминални влади, сирмомаштија, болести и глад, веќе не е толку црна. Сега таму се јаки светски брендови – ,,Russell Company,, познатиот светски синџир ,,Walmart-Massmart“, гигантите „IBM“, „Bharti Airtel“, а и многу други светски економски лидери кои се модерна локомотива за една друга Африка. Минатата година, дури седум од десет најбрзи економии на светот биле држави од тој континент. Тие се на пат по брзина на развојот да ги надминат и „Азиските тигри“!
Светот смислил секакви изрази за психолошка мобилизација – „економско чудо“, „економски бум“, „економски тигри“! А кај нас стана здодевно да си нормален! Поимот економско чудо потекнува од германскиот збор „Wirtschaftswunder“, кој се користел за опишување на германскиот силен развој по Втората светска војна и нејзиното тргнување кон статус индустриска суперсила. Потоа, изразот почна да се користи за Јапонија (јапонското економско чудо), за Израел, а подоцна и за бројни други земји.
Нешто подоцна почна да се користи терминот „економски бум“, особено за Кина, Индија, Турција, арапски држави, Ирска итн. Додека „азиски тигри“ е термин кој се користи за именување на високо развиените економии на Хонгконг, Сингапур, Јужна Кореја и Тајван. Овие држави имале исклучително висок економска стапка на раст (поголем од 7 отсто на годишно ниво) и брза индустријализација. Хонгконг и Сингапур станаа светски водечки меѓународни финансиски центри, а Јужна Кореја и Тајван светски водачи во производство на информатичката технологија.
Последниот воз го фатиле и едни држави во регионот. Србија и Албанија се типични примери за тоа. Во Србија на повидок е нов бран на развој кој ќе ги опфати Бор, Голубац, Кладово, Књажевац, Мајданпек, Смедерево, Неготин, Пожаревац, Велико Градиште, Сокобања и Зајечар. Сега просечната плата во Србија изнесува 82.769 динари (скоро 700 евра). A само пред 22 години, непосредно пред рушење на Милошевиќ, просечната плата таму била само околу 40 евра (а кај нас околу 230 евра)! Од друга страна, пред некој ден Еди Рама помпезно најави просечна плата од 900 евра во рок од две години! А таа држава стартирале со 20 пати послаба просечна плата од наша во 90-ти години!
Големи чекори има направено и Косово, која е држава само 15 години. Таму платите на администрацијата се поголеми од нашите, оти имаат само 80 илјади административци, а скоро 2 милиони жители. Додека ние на 1,3 милиони резидентни луѓе имаме 150 илјади административци. Тоа е длабока рак рана.
Во западноевропските држави, еден вработен во јавниот сектор покрива 9 вработени во стопанството. Во земјите на источна Европа тоа е околу еден спрема седум. На Косово е еден спрема четири. А кај нас жива катастофа – еден спрема околу два! Тоа значи дополнителни 800 милиони евра годишно за вишокот администрација, а башка што тие би работеле нешто друго во стопанството, кога државата би им понудила проекти. Би создале нова материјални вредности и би плаќале даноци. Значи околу милјарда евра губиме годишно само поради партиските задоволства и намањето развојна визија! А развојни стратегија ниту во сон не е можна со партиска логика. Потребен е вистински лидер кој ќе ја обедини државата и ќе воспостави критериуми. Доброто воспитување е способно да издржи лошо воспитување. Поинаку, овие преостанети луѓе сите ќе завршат на Запад, а тука ќе дојдат други народи кои супер ќе се сложуваат со Бугарите. А ние ќе создадеме нова историја кај што ќе пишува – „биле исселени оти верувале во лагите на партиските челници“.
Кога странците бе престанале да мислат за некоја празна стабилократска логика, лек против високата курупција и криминалот лесно би се нашол. Рецептот за спас е јасен и може да се реализира со петмина нивни експерти, наместо да се расфрлат со големи пари и да се жалат дека нема резултати! Потребен е функционален систем – законски измени за одговорност во секој чекор, изнституционални рамки и силен мерит-систем. Кој би им кажал на амерканците не?! Никој! Ако не можеме да го запреме ветрот, барем едрата можеме да ги средиме! А вакви какви што сме, си наликуваме на свеќа која цело време си гори и секој момент е се поблиску до нејзиното изгаснување! Логиката на постојните политичари за градење нивни пирамиди ни се претвори во масовна гробница!