Како во онаа повоена песна „Америка и Енглеска биќе земља пролетерска“ може да се случи и невозможното – Вашингтон да стане земја која отишла многу полево од сие влади кои до сега владееле во капиталистичката Мека! Движењата пред и после Супер вторникот покажуваат дека продолжува ситуацијата – сите против Сандерс, за што пишувавме во претходниот број а темата ќе ја поддржува и во наредните броеви, наслонувајќи се на различни коментари оценки на оваа тема
Иако многумина Американци веројатно би се согласиле дека Трамп не би победил во претседателската трка пред четири години, ако како противник го имаше Берни Сандерс на страна на демократите, место Хипари Клинтон, која освои 2 милиони повеќе гласови од конкурентот ама сепак изгуби. Ова како да му даде крилја на Сандерс во новото одмерување на силите, за што, секако му треба најпрвин победа во сопствените редови.
После Супер вторникот супериорниот Сандерс доби во Бајден можен противник Бајден победи во девет сојузни држави, вклучувајќи го и Тексас, каде неговата победа доаѓа како изненадување затоа што националните анкети укажуваа дека Сандерс води во оваа сојузна држава.
Трката за демократска претседателска номинација се консолидираше од едновремено преполното поле од над 20-на кандидати во речиси двајца фаворити , кои се издвоија по последното одмерување на силите – поранешниот потпретседателот Џо Бајден и сенаторот од Вермонт Берни Сандерс. Бајден оствари силни победи во јужниот дел на САД – Вирџинија, Северна Каролина, Алабама, Оклахома, Тенеси и Арканзас, заедно со Минесота и Масачусетс.
Сандерс победи во државата која носи најмногу делегати – Калифорнија, но и во Колорадо, Јута и неговиот Вермонт. Двајцата кандидати се во мртва трка во Мејн, каде резултатот е претесен за да се објави победникот.
Во меѓувеме сенаторката од Масачусетс Елизабет Ворен се откажа од трката за демократската претседателска номинација по разочарувачките резултати од гласањето во 14 сојузни држави во супер-вторникот, вклучувајќи го и третото место во нејзината сојузна држава.
Таа засега јавно не го поддржа ниту Берни Сандерс, ниту Џо Бајден, иако одделно денеска разговарала со обајцата.
По веста дека Ворен се откажува од трката, се огласи републиканскиот претседател Доналд Трамп кој истакна дека „нејзината одлука доцни три дена“, и оти поради неа, Сандерс загубил во најмалку три сојузни држави на супер-вторникот и веројатно, според Трамп, нема „ни да стаса до партиска номинација“.
Поранешниот потпретседател Бајден има мала предност со 565 делегати пред сенаторот од Вермонт Сандерс, кој освои 506 делегати.
До партиската номинација на Демократите во јули, на обајцата им се потребни најмалку 1991 делегат.
Поранешниот градоначалник на Њујорк Мајк Блумберг излезе исто така од трката за претседателски кандидат од Демократската партија, откако слабо се покажа во 14-те сојузни држави каде во вторникот се одржа прелиминарно гласање.
Блумберг доби пет од шесте делегати на Американските острови Самоа и уште три делегати во Колорадо и еден во Арканзас.
„Пред три месеци, влегов во трката за претседател да го поразам Доналд Трамп. Денеска излегувам од трката од истата причина: да го поразам Доналд Трамп – зашто ми стана јасно дека останувањето ќе ја направи таа цел потешка да се постигне“, рече Блумберг во соопштение во среда. „Отсекогаш сум верувал дека поразувањето на Доналд Трамп започнува со обединување зад кандидат со најдобри шанси да го стори тоа. По вчерашното гласање, јасно е дека тој кандидат е мојот пријател и голем Американец, Џо Бајден“.
Какви се меѓународните реакции?
Москва очевидно се двоуми – дали да задржи својата поддршка за Доналд Трамп или Берни Сандерс – Москва ги сака и двајцата
Русија повторно се меша да го заврти воето внимание кон неговиот евентуален предизвикувач, Сандерс. Тоа воопшто не е контрадикторно, смета деновие Андреј Гурков економскио аналитичар на Дојче Веле.
Најновите вести за вмешување неа Русија во предизборната кампања за претседателските избори на САД звучат збунувачки. Надлежните служби ги предупредија како актуелниот претседател и кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп, како и во моментов најизгледниот кандидат на Демократската партија, Берни Сандерс, дека Москва планира да ги поддржи во текот на кампањата.
Во прв момент тоа звучи контрадикторно: како Русија сака да влијае врз исходот на изборите, ако не може да се одлучи за еден кандидат? Но, тоа не е контрадикторност, туку двојна стратегија која Москва ја применува уште од 2016 година.
Тогаш Кремљ сакаше по секоја цена да го види Доналд Трамп во Белата куќа. Со целни кампањи преку Фејсбук и други социјални мрежи, Москва генерираше стотици милиони пораки со јасна политичка цел.
Во завршната фаза на изборите во 2016 година, Русија се концентрираше на тоа да го уништи угледот на соперничката на Трамп, Хилари Клинтон, ширејќи лажни вести. Но, Москва беше против Клинтон и пред одлуката на Демократската партија, сопругата на бившиот американски претседател Бил Клинтон да учествува во трката. Во внатрепартиската битка за кандидатура кај Демократите, Москва го поддржуваше Берни Сандерс, сметајќи дека тој во споредба со Клинтон, е послаб противник за Трамп.
Кремљ и оваа година по секоја цена сака да го види Трамп како победник. Во тоа е уверен и можниот демократски кандидат Мајкл Блумберг, кој на еден предизборен собир изјави дека Москва го поддржува Сандерс бидејќи е уверена дека тој никогаш нема да биде во состојба да го победи Трамп. „Берни ќе загуби против Трамп“, истакна Блумберг.
Што и` се допаѓа на Москва кај Сандерс?
Пит Бутиџиџ, кој во меѓувреме се откажа од трката за кандидат на Демократите, знае зошто Сандерс нема изгледи против Трамп. „Сандерс во капитализмот гледа извор на сите зла и верува во револуција која би исклучила не само мнозинство од Американците, туку и мнозинство од поддржувачите на Демократите“, смета демократот од Охајо.
Со други зборови, за многумина Американци, Сандерс е премногу лево позициониран од центарот. И затоа и` е занимлив на Москва. Со негова номинација за конкурент на Доналд Трамп, Русија со еден удар би убила две муви. Од една страна со тоа би се зголемиле шансите на Трамп за победа. Москва предвидува ситуација како онаа во Велика Британија, каде кандидатот на Лабуристите, Џереми Корбин во декември беше драстично поразен од Борис Џонсон, кој пак е сличен со Трамп.
Од друга страна пак, кандидатурата на Сандерс дополнително би го поларизирала американското општество, што секако значи наведување вода на воденицата на Москва. Во многубројни анализи на социјалните мрежи, видливо е дека Русија стои зад кампањи чија цел е што поголемо раслојување на американското општество: левица против десница, белци против црнци, христијани против муслимани.
Зошто Трамп?
Останува отворено прашање зошто политичките елити во Москва, кои со аплауз го поздравија изборот на Трамп во 2016 година, уште истрајуваат зад „својот човек“ во Вашингтон. Зашто, досегашната политика на Трамп во повеќе наврати е директно спротивна на руските интереси. Најдобар пример за тоа е борбата на Вашингтон против гасоводот Северен тек 2, кој на Путин дури му е и омилен проект.
Но, причините за опстојувањето на Москва на поддршката кон Трамп лежат можеби во надежта на Путин дека со својот американски колега ќе склопи геополитички „дил“ настрана од меѓународната заедница. Резултат на тој „дил“ би било конечно признавање на „проектот на столетието“ на Путин – анексијата на Крим, што би водело кон укинување на санкциите против Русија. Сепак, и без овој мотив, на Москва и` остануваат доволно причини за поддршка на Трамп, кој и во наредните четири години би работел на натамошно раслојување на Запад и НАТО.
Ако во некој случај, наспроти сите очекувања, сепак победи Сандерс, Москва може да се теши со неговите најави за намалување на американскиот воен буџет и реформа на НАТО, што пак од аспект на Кремљ, исто така би водело кон слабеење на Запад. Така погледнато, Русија не прави ништо погрешно кога ги поддржува истовремено и Трамп и Сандерс.
(продолжува)