АЛЕКСАНДАР САМАРЏИСКИ

По ланскиот упад, во М-НАВ е ангажирана полицијата, но веќе неколку месеци нема чувари од агенција за обезбедување. Безбедноста не е на потребното ниво, вели Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контроли на летање во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Тој открива дека инспекторатот влегол во М-НАВ за да ги провери последните вработувања, откако нивната пријава од Скопје заврши кај инспектори од Кавадарци, а потоа била префрлена во Велес. Со Тасевски разговаравме и за тоа колку е функционална опремата и колку е безбедно да летаме со авион во Северна Македонија.
Господине Тасевски, последната вест од македонската навигација е дека е променет еден од тројцата директори – членовите на Управниот одбор. Имате ли информација како синдикат на што се должи промената?
– За оваа информација слушнавме пред два дена. Конкретно немаме подетално зашто дошло до оваа промена. Факт е дека досегашниот директор не покажа некакви резултати од неговата досегашна работа, дали е тоа причината, навистина не би можел да кажам. Си има институции – Надзорен одбор, Владата, коишто би дале поконкретни детали зашто дошло до оваа промена. Поставен е човек којшто веќе еднаш беше директор во оној период после упадот на оние насилниците во контрола на летање, каде што реално одредени работи почнаа да се придвижуваат и се надеваме дека повторно ќе придонесе со неговото работење да може конкретно да почнат да се реализираат голем број на проекти и активности во самата контрола на летање.
Партиските вработувања повторно ја брануваа М-НАВ. Во јули се вработија лица кои важат за блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Вие баравте да се поништат таквите вработувања. Имате ли информација до каде е разврската на овој случај?
– Според наши информации, пред неколку дена од Државниот трудов инспекторат биле во Македонска навигација да постапуваат по нашата пријава. Што конкретно до кај се со тие активности, сè уште немаме информација. Знаеме дека имало уште неколку, една или повеќе, сега точно не знам бројка, доаѓање од страна на Трудов инспекторат по претставки, коишто ги поднеле самите кандидати кои од првиот круг, оној првиот оглас, биле одбиени без некакво посебно образложение или посебна причина, да кажам.
Читавме информации дека предметот што вие го покренавте пред Инспекторатот завршил во Кавадарци, па дека архиварката била на одмор, не можело да се оформи предмет. Сега кој го води предметот?
– Мојата последна информација е дека предметот од Кавадарци бил префрлен во Велес и дека наводно од таму се испратени луѓе. Сега колку е тоа точно ќе мора навистина Трудов инспекторат да одговори. Дали понатаму отишло од Велес или е во Велес, не би знаел точно.
Кога се распиша овој оглас за овие работни места, вие предупредивте со штрајк, но потоа го откажавте штрајкот. Вакви ситуации имало и претходно – да најавите, па да се откажете. Зошто?
-Се трудиме да навистина со нашите активности направиме што помалку штета на граѓаните на Република Македонија. Очигледно дека оние институции коишто би требало да размислуваат за граѓаните, нив навистина тоа не ги интересира и упорно прават работи коишто нè ставаат во некаква позиција да еден ден навистина да кажеме – покрај сите оние проблеми што ќе ги имаат граѓаните доколку не патуваат, доколку мора да го откаже летот, доколку патувањето за годишен одмор мора да не му отпочне како што планирал – еден ден ќе мора да го реализираме тоа.
Меѓутоа, сега за сега се трудиме да направиме некаков баланс, да на начин со дел на притисок успееме некакви активности што или се запрени или одат во погрешна насока да ги придвижуваме во вистинска насока или да ги поткренеме. Така што, верувам дека до сега успеваме на ваков начин, но не исклучуваме дека ако навистина видиме дека и понатаму нема слух и до толку веќе работите одат во погрешна насока, најлесно е да го затвориме воздушното небо. Меѓутоа, пак, ќе напомнам директниот импакт ќе го осетат нашите граѓани коишто се најмалку виновни.
Затоа што практично ќе нема никакви летови.
– Нема да има ни полетување и слетување, ни прелети, меѓутоа ќе испадне на таков начин брука и во Европа затоа што ќе испадне зашто контролорите штрајкуваат во Европа. Конкретно сите штрајкови на синдикатите на контрола на летање се поттикнати заради плати, повисоки плати, подобри услови во поглед на работно време. Ние до сега, еве јас сум 20 години претседател на синдикат на контролори на летање, до сега ниту еднаш не сме побарале или не сме штрајкувале за плати. Бараме едни нормални услови за работа коишто би овозможиле повеќе сообраќај да опслужиме, повеќе авиони, што самото по себе значи повеќе приходи и за компанијата и за државата, а со самото тоа ќе си дојдат и сите оние плати кај нас бидејќи колку повеќе авиони опслужуваме, толку повеќе ние ќе заработиме од тоа.
Сепак платите во М-НАВ се далеку над просечната плата во државата.
– Да, далеку над просечната во државата и далеку под онаа плата што е на која било контрола на летање околу нас.
Велите барате да опслужите што повеќе летови, да се зголеми капацитетот. За првите шест месеци од годинава, според податоците, за 12% е зголемен бројот на прелети. Дали со моменталната опрема, со моменталните капацитети М-НАВ може да опслужи таков број на летови?
– Па тие бројки што се зголемени се базирани на сите оние рестрикции коишто мораме моментално да ги имаме токму поради таа застарена опрема. Да ги немавме тие рестрикции немаше да бидат 12%, ќе беше можеби 50% зголемен капацитет на сообраќај. Тоа се директно пари што тие авиокомпании ги плаќаат кон нас за нивните прелети, коишто сега сме принудени да ги одбиеме, да не ги опсслужиме тие летови. И едноставно тие пари бегаат наместо во нашата каса, одат во Албанија, Бугарија, односно оние земји коишто ќе ги прифатат авионите, односно имаат капацитет да ги опслужат и они ги прифаќаат кај нив.
Сепак се воведоа дел од нови авиолинии, се најавуваат и нови. Вие барате да се вработат контролори на летање. Раководството во последната реакција кажа дека тоа е невозможно, нема такви работни позиции. И кога ќе се воведе новиот систем, ќе остане истиот број на контролори на летање.
– Па не е баш така. Не е дека нема или има, туку како што прават промени во систематизација да отворат работни места коишто не се потребни и ги измислуваат, тие во секој момент може да отворат работно место за контролори на летање. Факт е дека кога ќе дојде новата опрема, ние веќе нема да го имаме тој лимит којшто сега ни е пропишан заради застареноста на опремата – тие моментални 72 авиона на час што смееме да ги опслужиме. Ние и сега имаме побарување за 120-130 авиона на час одредени периоди во денот коишто ги одбиваме, тогаш нема да ги одбиеме. Меѓутоа, за да ги опслужиме, покрај работните позиции што ќе може да се отворат како сектори со новиот систем, тие сектори ќе треба да се пополнат и со луѓе што ќе работат таму. Значи, самата опрема нема да си го одработи авионот без наша помош и наша интервенција.
Нивната теза е дека новиот систем ќе се инсталира во постоечката зграда наместо во нова зграда како што било планирано претходно и дека тоа е уште еден фактор зашто не може да се вработат повеќе контролори на летање.
– Тоа е само лош пиар. Ние моментално имаме четири сектора на коишто можат да работат контролорите на летање, од кои максимално користиме три, заради тоа што самиот систем не дозволува четвртиот да биде активен. Четвртиот го користиме како недај Боже позиција – ако на некој од овие сектори се расипе екранот, па мораме да го префрлиме на друга работна позиција. И на сегашните позиции што ги монтираа новите системи, доколку профункционираат,во старт ќе можат да работат четири сектора, наместо досегашните три. Тоа значи дека ние дополнително во еден час би можеле да зголемиме капацитет за дополнителни 30 авиони. Значи,од 72 ќе отидевме на 102.
Иако, реално да кажеме, да го немавме ограничувањето заради техничките причини, ние и со овие три сектора што работиме сега, ќе можевме да опслужиме 90 авиони регуларно. 18 повеќе. А, ако отворивме четврт сектор со нова опрема, значи ќе можевме да опслужиме 120 авиони, теоретски, во секој час во денот, што би било голема промена во бројката на опслужени прелети преку нас.
Колку е опасна постоечката опрема, од аспект на безбедноста? Има ли опасност, на пример, да откаже системот?
– Таа сама по себе не е опасно кога функционира. Опасноста претстои во самата застареност на таа опрема, каде што и сами сте свесни – кога ќе купите нов телевизор, тој се очекува дека ќе работи извесно време, меѓутоа како годините проаѓаат, се поочекувано е дека тој телевизор еден ден ќе се расипе. Работата е што веќе нема ни резервни делови многу години наназад за таа опрема, и прашањето е, доколку таа откаже, кој дел ќе откаже и дали воопшто ќе можеме повторно да профункционира. Некогаш, можеби и со само ресетирање, палење и гасење ќе профункционира, меѓутоа некогаш може да не дојдеме во таква ситуација.
Дополнително е проблем што сите соседни контроли на летање, вклучително да не ги зборувам оние високо развиените во Европа, работат на главен оперативен систем, меѓутоа имаат бекап систем. Како што беше сега случај во Англија, имаше откажување на опремата којашто се користеше, меѓутоа едноставно они со одредени, не знам, како на пример кога на Windows ќе стиснете Alt+Tab, се префрлаат на помошниот систем. Тој ги нема сите оние функционалности како главниот за да опслужат толкав број на авиони, меѓутоа може да се справат со моменталната ситуација, да ги приземјат авионите безбедно, да ја разрешат целата настана проблематика и едноставно да кажат: „Во ред, сега овие наредни час-два нема да имаме авиони што ќе ги опслужуваме заради технички проблем додека не го оправиме главниот систем.“ Ние тој бекап го немаме. Така што, во случај кога нас би ни се изгасил системот, ние би останале со црн екран.
(Текстовите на воаа тема побарајте ги на https://www.slobodnaevropa.mk/a/33497896.html)