Турција не го одбележува примирјето од Првата светска војна!? Во модерна Турција, годишнината од крајот на Првата светска војна буди само спомени на пораз
Низ Европа се одржуваат комеморации по повод одбележувањето на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна. Но, во Турција овој повод се игнорира.
Отоманската империја, која што претходеше на модерна Турција, беше клучен сојузник на Германија во Првата светска војна. Затоа, Турција не одржува официјални комеморации за одбележување на годишнината од крајот на непријателството.
Денес, товарни бродови од целиот свет пристигнуваат преку море до Истанбул, но векови претходно сојузничките воени бродови ги окупирале водите околу тогашниот Константинопол, главниот град на Отоманската империја во нејзините последни денови.
Моќната демонстрација на сила го отсликува понижувачкиот пораз на Османлиите, време што Турција сака да го заборави.
„Преферираме да не ги одбележуваме почетокот и крајот на Првата светска војна“, вели Серхат Ѓувенц, професор по меѓународни односи на универзитетот Кадир Хас во Истанбул. „На тоа не се гледа како на настан кој донел добробит за земјата.“
Ваквите чувства не се предизвикани само од понижувањето по окупацијата на Истанбул од страна на француските, британските, грчките и италијанските сили.
Поразот го означи и крајот на Отоманската империја и загубата на голем дел од териториите кои на крајот станаа модерни Сирија, Ирак, Јордан, Израел и Палестинските територии.
„Имаме многу наследени прашања, остатоци од Првата светска војна кои сè уште влијаат на турската политика, на турската култура. Траума од губењето на империјата“, вели професорот Ѓувенц.
„Сигурен сум дека сте го слушнале терминот Севрски синдром“, додава тој „страв од губење на државата, страв од насилно опкружување итн., така што стравот од загубата на татковината продолжи да се оформува, ја прогонува јавноста.“
Турците на училиште учат како Мусфата Кемал Ататурк, основачот на модерната Турска Република, ги поразил сојузничките сили по Првата светска војна. Победата спречила Турција да загуби уште многу територии како што сојузниците барале според Договорот од Севр.
По воената победа на Ататурк, во 1923 година поправеден договор, Договорот од Лозана, го заменил Договорот од Севр, осигурувајќи го опстанокот на турската нација.
Експертот по меѓународни односи Ѓувенц сугерира дека една од причините поради која настаните од минатото и натаму одекнуваат е тоа што Турција ја избегна Првата светска војна.
„Политичката култура на повеќето европски земји вклучени во Првата светска војна беше обликувана од она што се случи во Втората светска војна. Турција, за среќа, остана надвор од војната и не го искуси фашизмот, тоталитаристичкото искуство на другите земји, геноцидот итн.“, вели Ѓувенц.
Но, според историчарите, имало други последици, вклучувајќи го и порастот на национализмот во последните години.
„Ние заостануваме зад другите земји во Европа во смисла на политичката култура“, вели Ѓувенц. „На некој начин, пренагласувањето на национализмот во Турција е наследство од Првата светска војна.“
Претседателот Реџеп Таип Ердоган, чии корени лежат во исламот и национализмот, ја оживува носталгијата за отоманското минато на земјата, како и спомените за загубените земји.
Сегашните превирања во соседна Сирија и Ирак, поранешни османлиски територии, за некои во Турција се можност за исправање на она што се смета за историска неправда.
„Денес Блискиот исток е во фаза на пресврт, па дури се зборува и за промена на границите“, вели поранешниот висок турски дипломат Ајдин Селцен. „Турција сака поголемо влијание во регионот. Повеќе од било кога претходно.“
Пример за тоа е присуството на турска војска во Ирак и Сирија.
Турција продолжува да ги зајакнува своите вооружени сили во Сирија. Дел од територијата на Сирија е под турска контрола, како дел од војната против исламската држава и курдската милиција, кои Анкара ги смета за терористички.
Претходно овој месец, Ердоган предупреди за нова голема воена операција против курдската милиција, со која ќе се прошири контролата на Турција на територијата на Сирија.
Со оглед на тоа што турските сили ја контролираа територијата на Сирија, која беше дел од Отоманската империја, се поставува прашањето дали Анкара ќе ја реши недовршената работа која датира од Првата светска војна.
„Авторитарните владетели (на Блискиот Исток) дефинитивно ќе бидат загрижени (поради намерите на Анкара)“, рече Ѓувенц.