Турската лира бележи забрзан пад и ѝ создава брчки од загриженост на ЕЦБ. Дали турбуленциите во Турција се опасност за европските банки? Одговорите не се јасни
ХЕНРИК БЕМЕ
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бара поддршка „од горе“: „Не заборавајте: тие ги имаат нивните долари, ние го имаме нашиот народ, нашиот господ“, изјави Ердоган деновиве пред своите приврзаници во Ризе, на Црното Море. На неговата земја ѝ е потребна помош, зашто кризата околу националната валута, лирата, се заострува.
Од почетокот на годинава турската лира загуби околу една третина од вредноста во однос на американскиот долар и еврото. Инфлацијата во Турција се искачи на 15 отсто, а економскиот пораст во меѓувреме е под нивото коешто беше досега вообичаено.
И Европската централна банка (ЕЦБ) сега го набљудува драстичниот пад на турската валута. ЕЦБ ја анализира поврзаноста на европските банки со Турција. Дали се заканува заразата да премине и на европскиот банкарски систем?
Надзорните органи на ЕЦБ сѐ уште не ја оценуваат ситуацијата како критична, напиша „Фајненшл тајмс“ денеска, повикувајќи се на неименувани лица запознати со надзорот. Сепак, големите банки ББВА од Шпанија, италијанската Уникредит и француската БНП Парибас се особено изложени на опасност. „Фајненшл тајмс“ информира дека надзорните органи на ЕЦБ ја набљудуваат ситуацијата веќе неколку месеци. Официјална изјава од ЕЦБ за ваквите информации на весникот сѐ уште нема.
Во намерата да ја зголеми својата моќ, Ердоган си обезбеди директно мешање во досега независната Турска централна банка
„На Турција ѝ се заканува финансиска криза“, оценува за ДВ познатиот турски еконмист Коркут Боратав. „Тогаш нема да бидат исплаќани кредити, претпријатијата ќе пријавуваат несолвентност и на крајот – од тоа ќе бидат погодени и банките.“
Европејците би морале да знаат дека кредити за турските претпријатија и банки се ризични, вели Боратав: „Тоа е еден до основните постулати на слободното пазарно стопанство – оној кој позајмува пари, презема ризик и подготвен е и на загуби.“
Добар дел од проблемите со лирата можат да му се припишат на претседателот Ердоган. Во намерата да ја зголеми својата моќ, тој си обезбеди директно мешање во досега независната Турска централна банка. Раководството на банката сега се поставува директно од страна на Претседателот. Меѓународните инвеститори реагираа иритирано. Оттогаш капиталот се излева од државата.
Тоа е товар не само за курсот на лирата. Турската валута денеска бележи рекордно низок курс. Минатата недела за едно евро се добиваа и по 6,63 лири.
Досегашниот полет на Турција беше во голем дел финансиран од кредити. Стручњаците предупредуваат на опасноста од високо приватно задолжување во американски долари, зашто долговите поради падот на курсот на лирата на тој начин само се зголемуваат. Освен тоа, Турција е упатена на постојано влевање на странски капитал со што го финансира својот увоз.
Со оглед на високата инфлација од, официјално, 15 отсто економистите препорачуваат зголемување на основната каматна стапка од страна на Централната банка. Но, претседателот Ердоган тоа го спречува. Тој лично се нарече „противник на каматите“ и најави уште поголема контрола над монетарната политика.
Турскиот економист Боратав оценува: „Или тој (Ердоган, н.з.) е против повисоки камати од религиозни причини, или смета дека ќе профитира од многу задолженото градежништво.“
Ердоган сака банките и натаму да даваат евтини кредити, за да го поттикнуваат економскиот пораст, но инвеститорите стравуваат дека може да дојде до „прегревање“. Турските претпријатија имаат кредити во висина од речиси една третина од турскиот бруто-домашен производ. „На Турција во моментов ѝ се потребни 238 милијарди долари“, вели Боратав.
Со оглед на губењето на вредноста на домашната валута, ова би можело да претставува закана за банките во земјата. „Се разбира дека голема банкарска криза во Турција би имала негативни последици врз банкарскиот систем на еврозоната“, пишуваат експертите на Беренберг-банката во својата нова анализа.
Опасностите за еврозоната се додуша ограничени, но банки од три земји од еврозоната имаат поголеми побарувања од Туција, оценуваат експертите. Според Беренберг-банката, Шпанија има побарувања од 81 милијарда евра, Франција од 35 милијарди, а Италија од 19 милијарди евра.
„Веќе извесно време инвеститорите ја оценуваат монетарната криза во Турција како локален проблем, но забрзаното темпо на падот на валутата ја потхранува загриженоста околу ангажманот на европските банки во Турција“, смета Мајкл Хјусон, аналитичар во компанијата за трговија со деривати ЦМЦ Маркетс од Лондон. Според аналитичарите на Беренберг-банката, инструментите на ЕЦБ во меѓувреме се доволни за да се спречи поголема криза.
Турскиот економист Коркут Боратав е на мислење дека финансиска криза може да се избегне само со програма за помош од ММФ. Во 2001 година земјата доби кредит од 10 милијарди американски долари и мораше да спроведе програма за санација. „ММФ тогаш успеа да ја натера турската држава да ги обезбеди долговите на приватниот сектор“, вели Боратав и додава: „Ако Турција побара помош од ММФ и ги подржави долговите, тоа ќе биде спас и за европските банки.“
Едно нешто на Реџеп Таип Ердоган мора да му се признае: не му недостасуваат креативни идеи. Така за време на еден предизборен настап минатиот викенд ги повика граѓаните од својата земја заштедите кои ги имаат во евра и во долари да ги сменат во домашна валута. „Браќа мои, вие кои чувате долари и евра под перница, одете заменете ги своите пари во лири. Заедно ќе му ставиме крај на овој заговор“, им порача тој на своите симпатизери кои виореа знамиња во Ерзурум во источниот дел на земјата. Повод за овој апел на Ердоган е драматичниот пад на вредноста на турската лира. Во изминатите 6 месеци вредноста на турската валута опадна за 20 отсто. Ердоган не смета дека за тоа се виновни економски фактори туку заговор на домашните и странските финансиски сили.
Освен овој апел, турскиот претседател објави и оти по неговиот реизбор во јуни планира да воспостави контрола врз досега независната турска Народна банка. И токму тоа го загрижува Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања. Тој Ердоган го смета за еден од виновниците за економските проблеми во Турција, а неговата најава за укинување на независноста на централната турска банка и преземање на контролата врз неа ја гледа како една од главните причини за кризата на турската лира. Фрачер, исто така, се плаши дека поради погрешната економска политика сѐ повеќе Турци ќе ја напуштаат својата земја или барем својата заштеда ќе ја повлечат од неа.
А состојбата во турската економија е навистина загрижувачка. Причина за тоа, меѓу останатото, е и тоа што турскиот економски модел на странски план во последните години почна да „киксира“. Веќе со години Турција повеќе увезува стока отколку што извезува. Странските инвеститори пак за возврат вложуваа пари во Турција бидејќи се надеваа на добар профит. И оваа конструкција функционираше добро долго време. На турската економија ѝ одеше добро.
Но, по обидот за државен удар во 2016 година и бранот апсења и отпуштања кој следеше потоа, вложувачите почнаа да губат доверба во оваа земја. Во меѓувреме надворешно-трговскиот дефицит порасна за 5 насто. Стапката на инфлација во моментов изнесува околу 11 отсто, двојно повеќе од 5 насто колку што централната банка си постави за цел.
Ердал Јацин е професор за меѓународни економски односи на факултетот Констанц. Тој за ДВ ги објаснува размерите на драматичноста на моменталната состојба во турската економија: „Ако турската лира и натаму губи на вредност, може да дојде до случајот познат како „Fire Sale“, кога странски капитал во рок од само неколку дена може да биде целосно повлечен од земјата.“
Ставот на Ердоган за економските прашања придонесува за влошување на ситуацијата. Централната банка во вакви случаи обично значително ги зголемува каматите за да запре инфлација и пад на вредноста на сопствената валута. Но, турскиот претседател упорно се спротиставува на оваа испробана економска формула. Тој не само што јавно се изјаснува против зголемување на каматите, туку и врши притисок врз независните државни банкарски надзорници да ги намалат каматите. Една од можните причини за тоа е дека Ердоган се плаши оти со зголемување на каматите може да се загрози економскиот раст кој минатата година изнесуваше 7,4 насто. Досегашната економска политика беше и еден од главните адути на Ердоган и на неговата партија АКП. Претседателот сѐ уште е омилен кај Турците затоа што на многумина им овозможи економски просперитет.
Германскиот економски експерт Марсел Фрачер смета дека Ердоган со своето однесување сега тој успех го става на коцка. Тој е уверен дека покрај странските инвеститори и многу домашни претприемачи ја загубиле довербата во турскиот претседател и неговата економска политика „Вредноста на турската влаута и натаму ќе паѓа ако владата продолжи да манипулира со стопанството, но и ако и натаму ги задушува демократијата и човековите права“, тврди Фрачер.
Меѓународните агенции за кредитен рејтинг очигледно го споделуваат ова мислење. Каматите за турските држвни обврзници пораснаа на рекордно ниво, што значи дека вложувачите повеќе не се подготвени на земјата да ѝ позајмуваат пари под доскорешните поповолни услови. Американската рејтинг агенција Стандард и Пурс на почетокот на мај ја намали оценката на бонитетот на Турција на „ББ“. Друга голема рејтинг агенција, Мудис уште во март ја намали оценката за кредитоспособноста на Турција
Ердоган во својот настап во изминатиот викенд во Ерзурум јасно стави до знаење што мисли за овие оценки: сличко како и кога станува збор за турската валута и тука претседателот на дело гледа странски сили, кои сакаат да го „дестабилизираат“ турското стопанство и да него да го соборат од власт. Неговите теории ги заврши со заканата дека финансискиот сектор, ако станал дел од „манипулацијата“ на пазарот, тоа скапо ќе го плати.