ДУБРАВКА ВАЛИЌ НЕДЕЉКОВИЌ
Медиумите можат да бидат добар канал за јавна заложба против пушењето. Децата експериментираат со цигари од рана возраст. Децата од предучилишна возраст со изрази на лице го имитираат пушењето на возрасните, додека помал број на деца на таа возраст, како и деца од пониските одделенија на основното училиште, вистински експериментираат со пушењето
„Суштината на медиумската писменост лежи во осознавањето на разновидните и многубројни медиумски влијанија. Откако истите ќе ги осознаете, можете да одлучите на кои ќе се изложите, а кои сакате да ги избегнете. Може да стекнете контрола над нив“ (Потер, 2008) се разбира, ако сте доволно зрели и информирани за да ги разликувате доброто од лошото влијание и ако можете да препознаете скриено рекламирање, што во суштина е и најголемата опасност кога станува збор за ефектот на медиумите врз развојот на децата и младите, создавањето на нивните ставови и што е најважно, влијаењето врз создавањето на нивните потреби.
Причините зошто децата се повеќе подложни на влијанието на медиумите од возрасните се:
Адолесцентите имаат помалку животно искуство, а со тоа помалку применето знаење,
Децата, поради недостиг на искуство и критичко размислување, повеќе се склони да веруваат во медиумските содржини
И адолесцентите и младите луѓе ги гледаат медиумите како презентери на вистинската реалност (Страсбургер, 2004).
Значи, она што медиумите го нудат како модел на однесување, без оглед на контроверзноста на содржините и алатките со кои „перо лесната индустрија” (термин на Едгар Морен) ѝ служи на забавата, е општествено прифатливо во контекстот во кој таа реалност „се одвива“.
Денес во светот пушат 1,1 милијарда луѓе, без оглед на сите законски ограничувања, пред сè рекламирањето и просториите каде што е дозволено пушењето, и може да се смета дека тоа е „лоша навика“ која е најприсутна кај светската популација.
Медиумите можат да бидат добар канал за јавна заложба против пушењето. Децата експериментираат со цигари од рана возраст. Децата од предучилишна возраст со изрази на лице го имитираат пушењето на возрасните, додека помал број на деца на таа возраст, како и деца од пониските одделенија на основното училиште, вистински експериментираат со пушењето.
Сè додека децата гледаат возрасни пушачи и додека се изложени на влијанието на рекламите и другите форми на промоција на тутунот, одреден број од нив ќе посакаат да пробаат цигара, така што следната генерација на пушачи ќе настане од оние кои сега се обидуваат да пушат.
На оваа листа треба да се додаде уште една важна причина која ја идентифиуваше American Lung Association (Американското здружение за бели дробови), а кое укажува на тоа зошто тинејџерите решаваат да пробаат тутун и да продолжат да пушат:
Маркетинг тимовите кои создаваат кампањи за производителите на цигари и кои емитуваат рекламни материјали во медиумите, ги претставуваат пушачите како кул и секси, независни, забавни, атрактивни, но и како луѓе кои „живеат опасно“, што претставува идол кој е сè попривлечен кај тинејџерите.
Да потсетиме дека маркетингот претставува платено рекламирање на производи и тоа е многу приносна индустрија, но расте бројот на земји кои усвоиле закони за рекламирање со кои се ограничува промовирањето цигари и алкохол, што донекаде го намали отвореното промовирање на штетни супстанции. Сепак, постои уште еден, многу поефикасен канал кој ги претставува пушењето и алкохолот како социјално прифатливи, но тоа се прави на прикриен начин, иако во повеќето закони за рекламирање и прикриеното рекламирање е забрането.
Сепак, оправдано е прашањето дали пред сè филмската, односно телевизиската забавна индустрија е свесна дека речиси еден век користела дадени алатки на граматиката на филмскиот јазик и начините на кои ги користела, вклучувајќи сцени каде што актерите пушат и пијат алкохол, како елементи на доловување на атмосфера во која се одвива дејството, односно чувствата на херојот во приказната, или тоа едноставно се смета како медиумски наратив кој е фикција и којшто цели само кон забава. Исто така, за публиката да може полесно да забележи некои филмски и телевизиски содржини и да ги стави во контекст, се користат препознатливи модели од секојдневниот живот, кои веќе преминаа во клишеа кои вклучуваат цигари и алкохол.
Постојат неколку најчесто користени ситуации во кои јунаците пушат: додека се со друштво и се забавуваат, цигарата им помага да се чувствуваат подобро; кога се осамени и нервозни, па некако да се смират и релаксираат, да го намалат стресот; кога треба да решат сериозен проблем, цигарите им помагаат да се сконцентрираат; кога ситуацијата е исклучително напната и непријатна се пали цигара за да се скрие нервозата; кога треба да се покаже сочувство, еден актер нуди цигара на друг актер; кога маж ѝ се додворува на жена или сака да се запознае со некоја жена која штотуку извадила цигара од кутијата, тој ѝ приоѓа со запалка и ѝ ја пали цигарата, во оваа ситуација запалката и цигарата се комуникациски мост кој го овозможува посакуваното запознавање; кога се манипулира со некого, на пример, на сослушување во полиција во ситуација на „добар и лош полицаец“, добриот нуди цигара за да го „омекне“ лицето што го испитува.
Еден од општо применливите начини со помош на граматиката на филмскиот јазик метафорично да се истакне дека, на пример, поминал одреден подолг период, е во првиот кадар да се покаже личност која стои на улица под сенка, пуши и чека нешто/некого. Напнатоста расте. Следно, во крупен кадар се прикажува куп отпушоци на асфалтот. Преку процес на конотација, публиката заклучува дека поминало многу време, а намерите на актерите не се оствариле. Сличен ефект се постигнува кога едно лице седи во собата и пуши во првиот кадар, а следно во крупен план се покажува пепелник полн со отпушоци. Резултатот, исто така, е конотација на времето што изминало. Сепак, овие примери се сврстуваат во таканаречената „стара школа“ и ретко се користат во денешната филмска продукција. Но, не треба да се занемари навиката на публиката составена од „дигитални староседелци“ да пребарува интернет листи на најпопуларни филмови на сите времиња и да ги „симнува“ од мрежата за да ги гледа на компјутер, како и бројните канали на кабелски телевизии што прикажуваат т.н. „класичен филм“ во ударните термини.
Истражувања од САД (Чарлсворт и Гланц, 2005 споредено со Хејстингс и Ангус, 2008) покажале дека сцените со пушење дури и почесто се појавуваат во филмови наменети за младите, отколку оние кои се наменети за постара публика. Исто така се покажало дека кога пушењето се појавува во филмови, многу ретко се прикажуваат негативните ефекти и последици од пушењето, а посебно ретко се појавуваат сериозни здравствени последици предизвикани од пушењето (Сигети 2019). Критичкиот однос кон пушењето е резервиран за документарните филмови, а во играните филмови тој најчесто е изоставен