КАТЕРИНА ИЛИЕВА
Т.н. коуч-наратив почива врз една длабоко проблематична идеологија: дека секој човек сам е виновен за својата состојба. Ако си сиромашен, значи си мислел сиромашно. Ако си болен, не си верувал доволно. Ако страдаш, значи си вибрирал ниско
Модерната „вајб“ култура на лажно позитивно размислување, мантри за изобилство, „фокус на енергија“ и индивидуална одговорност е светоглед на прозападните коучови (нема македонски термин за ова, не е тренер) и мотивациските говорници – луѓе кои често без сериозно образование, се чувствуваат повикани да ги “разбудат“ масите со изјави како: „Ти си креатор на својата реалност“, „Нема сиромаштија, има недостаток на перспектива“, „Вибрирај високо и светот ќе ти возврати“.
Т.н. коуч-наратив почива врз една длабоко проблематична идеологија: дека секој човек сам е виновен за својата состојба. Ако си сиромашен, значи си мислел сиромашно. Ако си болен, не си верувал доволно. Ако страдаш, значи си вибрирал ниско.
На овој начин, привремено се брише реалната социо-економска позадина на страдањето. Нема систем, нема опресија, нема класи, има само мисловен шаблон кој според коучот кој не е ни психолог, а ни политолог “треба да се смени“. Исто како што би рекол Бора чорба во „Како је љепо бити глуп”.
Тоа е насилство врз разумот на луѓето кои живеат на раб на преживување.
Коуч-вајбот како тренд има карактеристики на создавање колективна психопатологија, одлепеност од реалноста. Одбивањето да се види реалноста, ирационалното инсистирање на “само позитивно“ и сведување на секое страдање на “перцепција“ се симптоми на апатична одлепеност, која по социјалната психологија е состојба блиска до дисоцијација. (психолошко оттуѓување од светот, кое колку и да сметаме дека ни е доста од сè, за жал е привилегија само на оние што можат да си дозволат да не се борат. (За пример види насловна “не се занимавам со политика” – идеолошка псевдоневиност, набутана најчесто кај електоратот на ДПМНЕ и за жал младината преку желбата за остварување на американскиот сон како протестна нота на нашиот дисфункционален систем за нивен напредок. А реално…ни селска чешма без политика не можеш да смениш (реченицава не е моја, ама ја запамтив).
Да не должам, постојат сериозни студии за ова. Имено, измешано е сè. Тука веќе не се знае која е улогата на ХР, улогата на психологот и улогата на политологот. Вистина е дека психологија се користи и во ХР и во политика, но народот треба да препознае кој за што и до каде е повикан. Не може психолог да ви препише лекарства, тоа го прави психијатар! Не може ХР вечно и бескомпромисно да ве мотивира ако не ви се работи. А не би требало ни на Мицковски да му дозволите да ви држи мотивациони говори додека имате реални проблеми од егзистенцијална природа.
Мислете малку со своја глава еве да не ве терам.
Коуч-наративот во помали организации функционира ама не на долг рок без конкретен бенефит. Ама пак во државава станал инструмент за спречување на револтот. Ако ве убедат дека сè е до вас – зошто би протестирале? Зошто би се организирале? Зошто би се бореле за социјална правда, кога можете само да „промените вајб“? 🙂
Прекрасно е да не се занимавате со политика. Како овој „вајб” делува аполитично, а всушност го поддржуваат статус квото. Функционира, лудило 🙂
Најнакрај: Токсична позитивност ≠ психолошка сила
Вистинската психолошка сила не се гради на игнорирање на реалноста, туку на способноста да се погледне страдањето во очи, да се именува неправдата и да се издржи борбата за промена.
Вистинската емпатија не вели „ќе биде добро“, туку „ова не е фер, што можеме да направиме заедно?“.
Токсичниот вајб на коуч-културата не е невин. Е идеолошки луксуз на апатичните и емоционално отсечените. Ја задушува болката на обесправените и го претвора човечкиот гнев во самообвинување (gaslighting).
Ако ви требаат мантри ги имате, ама јас сепак мислам дека ни треба правда, малку осет и хуманост.
Доаѓа времето на Македонија – шипинки. Доаѓаат само локални избори.




