Ова е наш одговор на една ситуација, на една состојба во која што се наоѓаме и која може да биде повторлива. Да остане таква или да се смени онаа наша реалност од претходно. И ова може да се толкува како некој наш првичен рефлекс – вели режисерот Дамјановски
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Со идеја да биде уметнички одговор на кризата и обид да се истражува изведбеноста во нестандардни облици, во Театарот „Јодан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, минатата сабота, на 9 мај, започне пионерскиот интернет проект во 12 епизоди што ќе се емитуваат седмично – „Тој и Таа“ .
Во најавата за „Тој и Таа“ ќе биде забележано дека станува збор за пионерскиот проект кој е производ на културата во време на физичка изолација,единствен од својот вид, настанат преку вмрежување на интернет платформите и перформативноста.
Дека овој уникатен зафат на Театарот „Јодан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес е уметнички одговор на кризата, производ на културата во вирусна состојба чија цел е преку максимално користење на комуникацијата која ја овозможува интернетот да се истражува изведбеноста во нестандардни облици.
Предвидени се дванаесет епизоди кои театарот еднаш седмично, во ист термин, почнувајќи од минатата сабота, на 9 мај во 20:00 часот ќе ги поставува на својата официјална веб страница www.teatarveles.mk.
Режијата ја потпишува Деан Дамјановски, драматургијата Сашо Димоски, а видеодизајнот и монтажата Филип Коруновски. Играат актерите: Благојчо Стојанов, Талија Настова, Васил Зафирчев, Славица Манаскова, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Зорица П. Панчиќ, Симона Димковска, Слободанка Чичевска, Жарко Спасовски, Исидор Јованоски и Кети Борисовска.
Во пресрет на официјалниот почеток на проектот Дамјановски појаснува дека се работи за текст од еден современ француски автор, Жан Пјер Мартинез, кој требало да го работат оваа година во сопствена продукција. Вели дека кога започна пандемијата имало еден вакуум период „во кој никој ништо не правел и не знаел што ќе прави“ и практично овој проект се родил од веќе постојниот, замислен за на сцена во комбинација со ситуацијата во која што се наоѓаме.
Дополнува дека самиот текст говори за односот помеѓу еден маж и една жена низ различни фази на животот. И тука доаѓа моментот на реализација. Се договориле да го направат, бидејќи, сите инволвирани уметници и институцијата сметале дека тоа е навистина добар потег за Театарот.
– Единствено што можам да тврдам дека е ова наш одговор на една ситуација, на една состојба во која што се наоѓаме и која може да биде повторлива. Да остане таква или да се смени онаа наша реалност од претходно. И ова може да се толкува како некој наш првичен рефлекс. Рефлекс на луѓе коишто се занимаваат со драма и со театар. Процесот на реализација беше и сеуште е она што беше интересното. Се договоривме, што е многу важно за овој проект, да ги користиме само капацитетите, односно да не излегуваме надвор од состојбата во која се наоѓаме и да ги користиме техничките и технолошки капацитети онакви какви што ги имаме, вели режисерот.
Појаснува дека комуникацијата, пробите, снимањата се одвивале поединечно. Секој сам дома. И потоа снимените материјали биле ставани на платформите.
Дамјановски истакнува дека тоа е слично како со катите во каратето. Таа борба со замислен противник. Притоа, како што вели, „ја имаш истата енергија како во битка, но го немаш противникот спроти себе“. Или „како актерите коишто играат во филмови каде што партнерот е анимиран лик или компјутерски генерирана слика“.
– Главниот предизвик беше да се искористи потенцијалот. Тоа беше и концептуалната задача. Значи што нуди оваа ситуација. Знаеме што одзема. Ни ја одзема близината, присуството и т.н. … Но прашањето беше што нуди поинаку. Не знам јас дали производот е театар. Дали е интернет театар. Дали е перформанс. Кај може да биде ставен. Единствено што ми беше важно како човек кој се занимава со ова, па и како некој еве да речеме истражувач во областа на театарот и изведувачките уметности беше да видиме што нуди ситуацијата. Што нуди контекстот и како ние со нашите пред знаења, искуства, вештини …можеме да одговориме на тоа. А, дали тоа е некаква иднина и во која насока би се развивало не би знаел, смета Деан Дамјановски.