НИКИЦА КОРУБИН
Политиката е одраз на луѓето кои имаат доволно доблест, храброст и лудост да бидат дел од неа. И ако во неа решат да бидат калкуланти и измамници, такви ќе бидат и резултатите. И обратно. Исходот ја покажува суштината. Оваа суштина беше резултат на се освен на калкулантство. А, последиците долготрајни, подолги и порадикални отколку што воопшто можеме да замислиме.
Убавите вести во основа се вонвременски, но за оваа вест како за миг времето да застана … конечно можеме да кажеме дека успеавме во нешто, после долго исчекување, после сета надеж дека можеме да бидеме дел од нормалноста, дел од систем на вредности кои толку долго посакуваме да бидат наша реалност. Но, она по кое копнееме толку долго време, кога конечно стана наша реалност, не остави затечени, и поради актуелната криза, но и поради простото неверување дека почетокот на преговори со ЕУ е она што се случува, а не она кое се повикува. До сега почетокот на преговорите беше безбедната дистанца, за критика и повик, реперот кој ретко кој веруваше дека ќе се случи, но што правиме кога сега е конечно реалност, и сега кога конечно треба да отпочнеме да преговараме? Дали навистина, ментално сме спремни да се реформираме, дали навистина сите разбираат што всушност означува почетокот на преговорите? На сличен начин, како што малкумина разбраа, а уште помалку сакаа да ги реализираат сите неопходни компромиси, за преговорите воопшто да можат да отпочнат.
И, ако за отпочнување на преговорите со ЕУ, декларативно многу се залагаа, во суштина не сите што беа на позиција на моќ, многу направија. Секоја голема одлука е резултат на голема свест и совест за сите компромиси што требаа да се направат, а таа свест и совест ја имаа малкумина. Поминаа многу години, неколку генерации во глумење преговори со Грција и преговарање кои никогаш не требаа да завршат со договор, за на долго време да се оддржува статус-кво ситуацијата на политички, а следствено на тоа и економски, културен, социјален ограничен развој. Глумење нормалност. Глумење патриотизам. Името како одредница за не-решавање на проблемот, но проблемот не беше Грција, туку изговорот. Изговорот чие решавање во релативно кус период, од година и половина, ја покажа сета монструозност на децениското политичко и стратешко калкуланство и брутална манипулација, во интерес на мали и големи кланови, кои по ликот на својата површност и приученост, цело општество го задржаа на своето ниво. Затоа, што политиката е одраз на луѓето кои имаат доволно доблест, храброст и лудост да бидат дел од неа. И ако во неа решат да бидат калкуланти и измамници, такви ќе бидат и резултатите. И обратно. Исходот ја покажува суштината. Оваа суштина беше резултат на се освен на калкулантство. А, последиците долготрајни, подолги и порадикални отколку што воопшто можеме да замислиме.
Договорите со Бугарија, и пред се со Грција, беа чекорите што го означија пресвртот, бидејќи токму тие беа реперот за разбирање на функционирањето на современиот свет, политичките односи и меѓусебната почит. Оттаму, следеше промената на уставот и името кое означува суштина, а не именување. Северна Македонија е нашиот влог во иднината, во разбирањето дека светот е конгломерат на заедништво, а не засебни желби и замисли како светот функционира. Овој влог, кога ќе ја тргнеме страста, предрасудите, тенденциозниот напад и неразумниот гнев, е многу помал од изгубеното време, уништениот вредносен систем, суспендираниот правен поредок, разграденото општество; и се претвори во обичен страв од промени. Промена на практикувањето на политика, промена на однесувањето на партиите, промена на изборот на квалитет наместо подобност, промена на воспоставените релации и приграбени привилегии, промена на личниот интерес во име на сите, во име на колективот, во име на иднината. И не, не беше тешка одлуката која знаеш дека ја носиш во име на другите, и за добро на другите, тешко беше сознанието дека таа одлука морала да биде донесена многу порано, бидејќи реалноста ќе била многу поинаква. Онаква какво што сите ја посакуваме, онаква каква што прилично одлучно ја кажаа повеќе од пола милион наши сограѓани.
Ова го разбраа 630.000 наши сограѓани, кои одлучија и во име на оние кои не го разбраа моментот и контекстот, и кој ја одредија иднината на многу идни генерации, а ги исполнија стремежите на многу минати генерации, современа и цивилизирана држава, каква што сигурно ќе бидеме. Го затворија т.н. ,,македонско прашање,, на начин кој малку кој можеше да го замисли. Бидејќи, една идеја или стремеж е одредена од контекстот на времето, и истата историска вистина ако ја поставиш во различно историско време, ќе има сосема поинаква појавност, а речиси идентична суштина. И затоа, ова е сонот на многу генерации, а тој е во суштина современост и модерност, чекор со светот. И, ако современоста во 19-от век имала едно име, името на современоста во 21-от век е европска Македонија. Еднакви со другите не по „патриотизмот“ туку по можносите. По животот кој треба да биде тука за нас сега, а не во нечии лажни сонишата и измислени приказни. Секој ја создава својата приказна, ние ја пишуваме нашата. Толку колку што знаевме до сега направивме. Сега е конечно време да разбереме, дека треба да почнеме да учиме одново. Да учиме што е тоа современа и цивилизирана држава. Колку побрзо научиме, толку побрзо ќе ја живееме. Тоа е нашиот пат, тоа се преговорите со европската унија.
Ако, среќата има дефиниција, тоа е чувството дека си направил нешто добро за другите … нека оваа среќа биде наша судбина.