Оваа претстава на Театарот за деца и младинци има 350 изведби, имала траење од две децении и ја виделе 40 илјади посетители
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Во Театарот за деца и младинци во Скопје, оваа среда, на 12 декември, ќе се случи 350-та изведба на „Убавицата и ѕверот“, рекордно најмногу играната претстава во Република Македонија која цели 20 години е на редовниот репертоар на театарот и ја виделе 40 илјади посетители.
На 6 февруари 1998 година, како прва претстава на матичната сцена во Театарот за деца и младинци во Скопје, кој нешто пред тоа го прати во историјата ресторанот „Вардар“, беше премиерно прикажана „Убавицата и ѕверот“ по текст на Игор Бојовиќ, во режија на Димитар Христов. Во претставата играа актерите Ана Левајковиќ Бошков, Игор Маџиров, Олгица Христовска, Тања Кочовска, Владимир Лазовски, Предраг Павловски и Драган Довлев. Нешто подоцна на местото на Христовска ќе застане Катарина Илиевска Силјановска, а во екипата посебно место им припаѓа на сценографот и костимографот Александар Ношпал, авторот на оригиналната музика Славе Димитров и кореографот Александар Хаџиманов. За преводот на текстот од српски на македонски јазик се погрижил бардот Петре М.Андреевски, а со тимот раководел еден од врвните менаџери во културата кај нас и тогашен директор на театарот – Љубомир Чадиковски.
И, од тогаш до денес, заклучно со поледната, јубилејна, се случија 350 изведби на „Убавицата и ѕверот“, што ја прави рекордно најмногу играната претстава во Република Македонија која цели 20 години е на редовниот репертоар на театарот и ја виделе 40 илјади посетители.
„Дали сме воопшто свесни што маркираме денес, односно утревечер. Маркираме нешто што не е обична претстава, туку е културно наследство. Таканаречено недвижно културно наследство по стандардите на УНЕСКО. Ова е во 73 години историја на македонскиот театар, ако броиме од 1945 година од изведбата на „Платон Кречет“ итн. најизведуваната претстава во континуитет“, вели проф. д-р Јелена Лужина.
Театрологот и со информација дека имало и пред „Убавицата и ѕверот“ претстави кои долго биле на репертоарот на театрите како „Чорбаџи Теодос“ (346 изведби), „Болва во уво“ (344), „Сомнително лице“ (262), но ниту една од нив кои биле присутни на сцена со децении не стасале до бројката од 350 и „уште поважно, што не е формално – ниту една од нив не била изведувана во континуитет полни 20 години во иста сценографија, со исти костими“.
Лужина истакнува дека тоа не е случаен проект, туку една од најубавите приказни во историјата на македонскиот театар. Дека „Убавицата и ѕверот“ е првиот проект одигран на денешната сцена во Театарот за деца и младинци, кој по осумте години чергарски живот и претстави играни во Универзална сала, во кината, домовите за култура и на улица, благодарение на „итроштините и визиите на Љубомир Чадиковски и тогашниот министер за култура Слободан Унковски“, ќе се скраси во „окупираната воена менза“, речиси нецело метро од главната скопска сообраќајна артерија, но конечно под свој кров.
„Ова е вистинско чудо. Едно од ретките чуда кои се имаат случено во македонската култура кое чинеше речиси ништо, а кое резултира со еве една традиција пред која сите треба да купиме шапка за да можеме да им ја симнеме. Ова што се случува денес и овде никогаш не се случувало. Вака континуирано, вака посветено и вака квалитетно како што се случува во овој театар единствен од македонските театри кој во својата 28 годишна историја го немал она што сите го имаат – висини и падови. Овде е стално една константа на висок квалитет, беспрекорна одговорност, купишта публика и насмевки. ТДМ е единственото место кое функционира во оваа театарска стварност безмалку три децении на сончевата страна на улицата“, смета Лужина.
Таа и до дополна дека македонските театри во просек произведуваат по педесеттина претстави годишно. Дека во изминативе две децении се продуцирани некаде 1000 претстави, кои, пак, од своја страна биле секакви – спектакуларни, репрезентативни, амбициозни, тенденциозни, фалени, наградувани, скапи… Вели дека тие биле, но поминале, но дека опстанала една мала претстава. Претстава за деца. Продукција на еден мал, ама упорен театар кој постојано од своите почетоци ја следи својата ѕвезда.
„Парафразирајќи го Нил Армстронг од мигот кога се истоварил на Месечината, јас ќе се осмелам да кажам дека „Убавицата и ѕверот“ е можеби мал или прв чекор за Театарот за деца и младинци, но е голем чекор и исчекор за македонскиот театар како целина. Тој е чекор од 7 милји и ова е навистина претстава која е македонско духовно наследство од највисок ранг“, заклучува Лужина.
Актерката Тања Кочовска е пресреќна што била и е дел од екипата што настапува во „Убавицата и ѕверот“ и која до неодамна била член на овој ансамбл. Таа и со фасцинантен податок на кој е особено горда дека заедно со својот сопруг, актерот Предраг Павловски, таа како Скакулка а тој како таткото на Убавицата, ги одиграле сите 350 изведби.
Ана Левајковиќ, која ја толкува насловната ролја, ќе рече дека да се игра на сцената на Театар за деца и младинци треба да се има страст.
„Да се игра на оваа сцена треба да се има страст. Да се верува во овој театар кој не е онаков каков што викаат актерите од другите театри дека тоа бил само Театар за деца и младинци, и нам ни било овде лесно. Дека било едноставно да се игра за деца. Мислам дека не е така. Да се работи со деца не е едноставно. Нив не можете да ги излажете кога ќе застанете на сцена. Да не беше Ношпал не ќе имавме толку убави костими. Да не бевме ние како тим, веројатно сè ќе изгледаше поинаку. Мислам дека пулсираме сите заедно и после 20 години кога ќе застанеме претставата е иста и уште поубава и поубава“, смета Левајковиќ.
Владимир Лазовски, актерот кој во „Убавицата и ѕверот“ го толкува Ѕверот, инаку актуелен заменик министер за култура, со убава вест од политиката.
„Ќе откријам една мала тајна која јавноста не ја знае, а тоа е дека овој театар од наредната година ќе почне да работи во нов објект и тој ќе биде во централното градско подрачје. За новата локација ќе информираме дополнително, а во периодот што следува се надевам дека ќе почнеме со проектната документација и ќе ја завршиме до мај, по што до крајот на 2019 би почнале и со изградбата на новиот објект на Театарот за деца и младинци. Таму би можело за отварањето да ја играме и „Убавицата и ѕверот“. Ќе кажам и тоа, бидејќи сум во таа улога, дека нова зграда ќе добие и Театарот во Прилеп во рамките на Домот за култура „Марко Цепенков“, а целосно ќе биде реновиран Кумановскиот театар, бидејќи таму состојбата е ужасна“, вели Лазовски.
Александар Ношпал, пак, ќе рече дека е среќен бидејќи со оваа претстава започнала неговата кариера како костимограф и моден креатор пред 20 години.
„Бев многу млад и на мои 24 години во овој Театар ми започна сето она што денес го работам по светот. И каде и да одам, јас сè уште можам да го кажам тоа, без разлика што сум слободен уметник, Театарот за деца и младинци бил, е и ќе биде моја матична куќа“, вели тој.