Спасовски: Некоординираност на институциите при справување со криминалот е проблем во државата
Игор Спасов, полицаецот кој го уби Мартин Нешковски на скопскиот плоштад, е пребеган во Турција, објави локалниот Канал 77, а Штипскиот суд издал потерница по осудениот на 14 години затворска казна пред да ја доотслужи истата.
Според неофицијални информации, тој веќе ја напуштил државата, а избегал преку нелегални канали и во странство е под туѓ идентитет. Тој го искористил периодот на привремен отпуст за да го организира бегството од државата. Во ова, како што се дознава, голема помош имал од некогашните негови колеги полицајци.
– Игор Спасов е недостапен на органите на прогон. СВР Штип го извести Судот дека тој е недостапен и е во бегство, поради што Судот веднаш издаде согласност за издавање на потерница за негово пронаоѓање на територијата на Република Северна Македонија, изјави Јулијана Неткова, портпарол на Основниот суд од Штип.
Од неодамна се бара со потерница на територијата на Република Северна Македонија, а не се исклучува можноста за брзо време таа да биде и меѓународна.
Спасов не беше в затвор затоа што се лекуваше, според информациите, повеќе од една година. Судот му го продолжувал прекинот во неколку наврати. Последен пат отпустот му беше продолжен од 18.05.2019 до 18.08.2019 година кога требаше да се врати во КДП Идризово на доиздржување на остатокот од казната.
За да се сузбијат појавите на криминал и корупција во државата мора сите институции да го дадат својот максимум. Проблемот при сузбивање на криминалитетот на државата е во тоа што не може лица приведени како осомничени извршители на кривични дела, откако ќе бидат изведени пред суд потоа воопшто да нема напредок, истакна денеска во Вевчани министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Одговарајќи на прашање во врска со случајот во Ваксинце кога во куќа беа пронајдени 81 мигрант, Спасовски појасни дека полицијата постапила согласно овластувањата, притоа апелирајќи до другите институции да го дадат максимумот во постапувањата.
– Доколку сакаме сериозна борба против криминалот и корупцијата, мораме сите институции да го дадеме максимумот, од поведување постапки, одредување мерки на претпазливот. Ние го приведовме сопственикот на куќата, а потоа дали било постапено од судот не е надлежност на МВР, тоа е ингеренција на обвинителството, судството. Оттаму апелирам заеднички како институции да го дадеме максимумот, рече Спасовски, кој беше во работна посета на Општина Вевчани.
Прашан за бекството на лицето осудено за убиство на Мартин Нешковски, кој како осуденик не се вратил во казнено-поправната установа откако бил пуштен привремено на слобода, Спасовски минформира дека потрагата по лицето Игор Спасов почнала откако полицијата била известена дека тој не се вратил во казнената установа.
– При издржувањето затворска казна МВР нема никаква надлежност, тоа е под Министерството за правда, КПД ги донесуваат одлуките по нивни проценки што треба да соодветствуваат на соодветни сознанија дали и во кои услови затворени лица треба и може да бидат привремено пуштани на слобода, рече Спасовски,
Тој посочи дека општеството не може да се справува со криминалот со ноншалантно однесување на институциите, независно дали се работи за обвинител, судија или раководител на КП установа.
Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски е само последен кој избега и полицијата трага по него., констатира и Радио Слободна Европа. Конкретно за овој случај, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, одговорноста може да се бара кај Управата за извршување на санкции.
„Прекинот на извршување на казни тие го одобруваат во соработка со казнено поправните домови, како што беше Игор Спасов, со прекин во извршувањето на казната“, вели Трајанов.
Но, тој е последен од инволвираните во случаи познати во јавноста кој и побегна на полицијата. Претходно, во 2017 година, избегаа поранешните разузнавачи Никола Бошкоски и Горан Грујевски обвинети од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“, а подоцна и во предметот на Јавното обвинителство за насилниот упад во Собранието на 27 април.
По нив следуваа и бегствата на Никола Војминовски, кој беше осуден на 13 ипол години затвор за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, Дејан Давидовски, е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Најмногу внимание сепак, предизвика бегството на поранешниот премиер Никола Груевски по казната затвор од две години за случајот Тенк.
„Генералната причина за бегствата е лошата, слаба или никаква координација меѓу јавното обвинителство, судот и полицијата“, вели Трајанов.
Инаку, за неполни две недели ќе се наврши точно една година откако Груевски избега во Будимпешта, таму побара и доби азил. Тогаш одговорноста се префрлуваше меѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Кривичниот суд и Специјалното јавно обвинителство.
Јавното обвинителство пак, отвори истрага за да се лоцираат одговорните за бегството, но во последното соопштение објавено на интернет страницата на обвинителството на шестти февруари нема информација кој е одговорен за пропустот.
„До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство“, наведе обвинителството зимоска.
И осум месеци по ова соопштение обвинителка за организиран криминал и корупција во интервју за 24 вести рече дека има сознанија, но како обвинител не може да си дозволи сознанија без докази да изнесува во јавноста.
„Клучните докази од Албанија не ги добивме и се друго се индиции и сознанија за кои не можам да зборувам. Ние испитувавме дали тие пропусти се направени како резултат на сторено кривично дело. Не успеавме да докажеме до сега дека било кој сторил кривично дело во врска со бегството на Груевски“ , рече Русковска.
Неодамна и премиерот Зоран Заев рече дека ако обвинителството некаде покажело и докажело вина за бегството, тој ќе преземел мерки и ќе разрешел кој и да треба.