Минатата година дојде до поделба во македонскиот комитет. Членовите на стариот комитет, под водство на г-н Сарафов, беа обвинети дека попрво работат за бугарска експанзија, отколку за независноста на Македонија. Беше формиран нов комитет, кој искрено ја прокламираше македонската независност како своја цел. Г-н Делчев беше лидер на огранокот на оваа група – им објаснува на читателите Ивнинг тајмс
НИКОЛА МИНОВ
Многу поинтересни од весниците во Шкотска и Ирска се извештаите за смртта на Делчев во британскиот доминион Австралија и во крунската колонија Нов Зеланд. Кон крајот на мај 1903 година, десетина австралиски весници под наслов „Македонската револуција“, „Уби-
ен е македонскиот водач“, „Смртта на водачот на бунтовниците“ „Движењето е веројатно парализирано“, „Удар за револуционерите“, „Организаторот е убиен“ и т.н. известуваат дека: „Македонските револуционери претрпеа тежок удар со смртта на Делчев, творецот на Македонската револуционерна организација, кој беше убиен во престрелка кај Баница. Се смета дека загубата на лидерот веројатно ќе го парализира сето револуционерно движење“.
Истата вест, со слични наслови („Македонскиот водач е убиен“, „Смртта на творецот на револуцијата“, „Македонска чета е уништена“, „Шефот на револуционерите е мртов“) ја пренеле и весниците во Нов Зеланд. Повеќето новозеландски весници само информираат дека Делчев бил убиен во Баница, но еден од нив, весникот Evening Times од градот Велингтон, навлегува подлабоко во проблематиката и известува за разликите помеѓу ТМОРО и Врховниот македонски комитет:
Убиен револуционерен водач, Константинопол, 26 мај …Делчев, творецот на Македонската револуционерна организација, беше убиен во престрелка кај Баница. Се смета дека неговата смрт веројатно ќе го парализира револуционерното движење. (Минатата година дојде до поделба во македонскиот комитет. Членовите на стариот комитет, под водство на г-н Сарафов, беа обвинети дека попрво работат за бугарска експанзија, отколку за независноста на Македонија. Беше формиран нов комитет, кој искрено ја прокламираше македонската независност како своја цел. Г-н Делчев беше лидер на огранокот на оваа група).
Печатот во Австро-Унгарија
Со оглед на австроунгарските стратешки интереси во османлиска Македонија и ангажманот на Виена во изработката на Падарските реформи од февруари 1903 година, чија што имплементација била сериозно загрозена со солунските атентати и со подготовката на востание во македонските вилаети, воопшто не изненадува податокот дека токму виенските медиуми, први од сите весници во големите европски метрополи, известиле за смртта на „озлогласениот динамитџија“ и „организаторот и водач на внатрешно-македонскиот комитет“ – Гоце Делчев.
На 7 мај, дописникот на Neues Wiener Tagblatt од Истанбул, известува дека биле погрешни информациите за смртта на генералот Цончев и дека во битката во близина на Серес загинал друг револуционер: Убиен е водачот на четите Делчев
Константинопол, 7 мај Според Портата, не генералот Цончев, туку водачот на четите, Делчев, паднал во битка со трупите во санџакот Серес. Следниот ден и дописникот на Wiener Zeitung испратил податоци за битката кај Баница: Битка со бугарските чети
Константинопол, 8 мај Недостасуваат прецизни и сигурни податоци за битката со четите што се случи пред три дена во близина на Серес. Се известува дека четата што фрли многу динамитски бомби против трупите, била уништена. Едно село било запалено до темел, а голем број жители од околните села биле уапсени. Веројатно токму во оваа битка паднал водачот на четата, Делчев, за чија што смрт вчера информираше и Портата. Смртта на Делчев е огромна, ненадоместлива штета за македонските комитети. Делчев, поранешен учител, беше надарен, карактерен, енергичен и многу влијателен. Не Цончев, Сарафов или некој друг, туку Делчев беше главата на Внатрешната македонска организација и водач на сегашното движење. Исто така, Делчев беше организатор на киднапирањето на мис Стон. На 11 мај, дописникот на Die Zeit од Софија известува дека Делчев не загинал во судирот кај Баница:
Водачот на четa Делчев Софија, 11 мај (прив. телеграма) Добро информирани Македонци не можат да ги потврдат гласините за смртта на Делчев, но со сигурност нè уверуваат дека за време на критичниот период, тој одамна го имал напуштено регионот кај што наводно ја нашол смртта. Меѓутоа, уште истиот ден, дописниците на Wiener Zeitung и Neue Freie Presse потврдуваат дека Делчев навистина загинал во Баница: Македонското движење Константинопол, 11 мај Телото на организаторот и главатарот на Внатрешно-македонскиот комитет, Делчев, кој падна на 5-ти о.м после една очајничка одбрана во селото Баница, на 15 километри од Серес, беше несомнено потврдено според хартиите што беа пронајдени кај него. Конечно, кон средината на мај, австриските новинари подготвиле еден подетален извештај за судирот кај Баница и за значењето на Делчев за Македонската револуционерна организација: Настаните во Македонија6, Виена, 15 мај Органите на бугарско-македонските комитети во Софија и на други места сè уште негираат дека е убиен познатиот организатор и водач на внатрешномакедонските комитети, озлогласениот динамитџија Георг Делчев. Сепак, во турските официјални извештаи смртта на Делчев се смета за сосема сигурна. Според овие извештаи, битката во која што бил убиен Делчев се случила во селото Баница, на 15 километри од Серес. Четата, составена од 60 до 70 души, беше сардисана од еден полубаталјон од 4 часот попладне на 4-ти (мај) до вечерта следниот ден. Четата се бранеше со презир кон смртта и на крајот ја испука сета муниција и динамит (во обид) да ги отфрли трупите. Трупите загубија само петмина мртви и имаа осум повредени. На крајот, четата успеа да побегне, оставајќи зад себе десетина мртви, меѓу кои и Делчев. Делчев беше осуден во отсуство за велепредавство од страна на штипскиот суд. Што претставува за комитетите загубата од смртта на Делчев најдобро докажуваат изјавите на водечките личности во Комитетот: „Делчев тежеше колку Цончев, Сарафов и десетина генерали“ и „Загубата е потешка отколку ако паднеа сите офицери на Комитетот“. Оттука, разбирливо е зошто во бугарските кругови се крие смртта на Делчев, бидејќи овој водач беше знамето кое што фанатизираните востаници слепо го следеа.
Од Виена веста за смртта на Делчев експресно била пренесена и во останатите краишта на Австро-Унгарија. За жал, најчесто се работи за интегрално пренесување на виенските написи, па оттука и нема потреба од нивно повторно прикажување. Меѓутоа, одредени весници во кралството Унгарија, кралството Бохемија, маркгрофовството Моравија и во големото војводство Краков, печатени на унгарски, чешки и полски јазик, нудат интересни новини и квалификации за Делчев, кои, за жал, често пати биле сосема погрешни. Така, на пример, будимпештанскиот Magyarország од 9 мај 1903 година, известува дека: „Загинатиот Делчев бил еден од најистакнатите раководители на бугарскомакедонскиот револуционерен комитет. Тој бил главниот производител на бомби, вистинска душа на револуцијата, најдобриот нејзин организатор кој имал удел и во организирањето на солунските атентати. Кога избила Грчко-турската војна, тој уште учел во офицерската академија во Софија, но ја напуштил за да стапи меѓу доброволците во грчката армија. Во оваа војна бил повеќе пати одликуван. По војната отишол во Македонија, каде бил најревносен во тоа да изгради внатрешна револуционерна организација. Тој не се плашел, ниту ги одбегнувал насилните средства во борбата кога се работело за тоа непослушните елементи да ги принуди на послушност и борба“.
На 10 мај, на насловната страница на прашкиот весник Národní politika, осамнала вест дека „Водачот на внатрешната организација на Македонците, Делчев, паднал во бој со Турците“. На третата страница од истиот весник се дадени подетални податоци за смртта на Гоце, кој е наречен „извонреден, енергичен, многу влијателен човек и вистински водач на внатрешната македонска организација“. На 14 мај, за смртта на Делчев и за „победата на востаниците“ во битката кај Баница, пишува краковскиот Głos Narodu
Цела Македонија е сега обвиена од пламенот на востанието. Во серскиот округ дојде до борба меѓу четата на Делчев и турскиот аскер. Борбата траеше триесет часови. Во оваа борба беа убиени Делчев и 11 востаници. Делчев ја откупи победата со својата смрт.
(продолжува во следниот број)