Во сториите на весниците, без воопшто да постои таква намера, се начнуваат и теми кои што сè уште се актуелни. Тука го издвојуваме проблемот околу етничката припадност на Делчев – прашање кое во последно време ги бранува македонската и бугарската јавност
НИКОЛА МИНОВ
Најтиражните англиски весници имале свои дописници во Солун, Истанбул и Софија, кои секојдневно известувале за поважните настани во Османлиска Македонија. Во текот на 1903 година, весниците во Лондон имале рубрики „Немири на Балканот“ и „Балканската криза“, преку кои редовно ги информирале своите читатели за сите турбуленции во тогаш најпроблематичниот дел од Европа. На почетокот на мај овие рубрики биле преплавени со вести за солунските атентати, а информациите за настаните во Солун го зголемиле и интересот за ТМОРО и нејзините битки со турските трупи.
РОЈТЕРС ЈАВУВА На 8 мај 1903 година, новинската агенција Ројтерс ги испратила првите известувања дека „водачот на динамитската секција на Организацијата, Гоце Делчев, бил убиен по 30-часовна битка“, а, следниот ден, веста била објавена во англиските весници.
Во наредните денови во Лондон пристигнале многу потемелни извештаи за смртта на Делчев:
Немирите на Балканот Солун, 9 мај Следниве детали беа примени во врска со прашањето за скорешната борба кај Баница, во близина на Серес. Чета од 20 луѓе, која носеше бугарски уни-форми и беше вооружена со пушки манлихерки, ја премина границата, носејќи со себе големо количество муниција и динамит, со цел, како што се кажува, да направи еден „анархистички“ напад на градот Серес. По пат со себе зеле околу 30 регрути од месните луѓе во областа и, на тој начин, тие броеле 50 луѓе кога дента на 4-ти пристигнале во Баница, само на три часа оддалеченост од Серес. Намерата им била да се одморат преку ден, за да вмаршираат во Серес во текот на ноќта. Меѓутоа, властите дознале за нивните обиди и довлекле половина баталјон војници, кои го опколиле селото. Во борбата што следувала и која траела повеќе од 24 часа, востаниците се бранеле упорно со пушчен оган и бомби, додека само еден од нив останал жив. Поголемиот дел од селото е разурнато, а триесет куќи биле целосно уништени. Помеѓу убиените биле водачот Делчев, Деметриев, Костанев и Ѓорѓи Брондили. Жените и децата од селото се безбедни. Триесет селани, заедно со нивниот свештеник, биле доведени во Серес на испрашување. Кај дел од убиените биле пронајдени мапи на областа, на кои што одредени точки на железничката линија биле обележани за да бидат нападнати. Дванаесет мажи биле уапсени во близина на Серес, под обвинение дека соработувале при неодамнешниот железнички напад кај мостот на Ангиста.
На 11 мај 1903 година, лондонски The Times дознава дека „Делчев бил вистинскиот водач на познатата организација и главен двигател на целокупното движење. Тој го организираше киднапирањето на американската мисионерка Мис Стон, веројатно за да се прибават парични средства за Организацијата“. Две недели подоцна, дописникот на истиот весник од Софија, нуди многу подетални и мошне интересни информации за значењето на Делчев за ТМОРО и за нејзината самостојност.
НЕ МНОГУ ПРЕЦИЗНО ДАДЕНИ ИМИЊА Балканската криза 25 мај – дописникот на The Times од Софија Од веродостоен извор во Македонија бев информиран за смртта на Ѓорѓи Делчев, познатиот водач на „Внатрешната револуционерна организација“. Пред околу десет дена турските власти објавија дека тој бил убиен во близина на Серес, но овие вести требаше да бидат потврдени, особено поради тоа што Турците известија за смртта на повеќето други македонски водачи, вклучително на генералот Цончев кој во последните два месеци мирно си живее во родниот град Дреново. Се чини дека Делчев, кој заедно со поетот Таворов, придружуваше чета предводена од војводата Кирчовски, влегол во селото Баница, на околу два часа оддалеченост од Серес. Присуството на четата им било предадено на Турците од грчки шпион, по што една голема сила испратена од Серес го опколила селото. По неколкучасовна битка, селото било запалено, а со него исчезнале Делчев, Таворов, Кирчовски со четата и, како што се наведува, сите жители. Делчев, кој беше од Кукуш и по професија учител, имаше 32 години. Иако не беше основач на Внатрешната организација, чисто македонска асоцијација, која што никогаш не работеше во хармонија со комитетите во Софија, тој практично го создаде сегашниот систем, кој се чувствува во сите краишта на земјата. Неговата смрт ќе се покаже како сериозен удар за движењето и за извесно време би можела да ги парализира неговите активности.
На 23 мај 1903 година, дописникот на лондонски Daily News, Џон МакДоналд, го испратил дотогаш најтемелниот извештај во западноевропскиот печат за ликот и делото на Гоце Делчев.
(Од нашиот специјален пратеник) Пазарџик, Источна Румелија, 23 мај Смртта на Делчев – Исклучокот за кој што зборував е Делчев, за кого штотуку добив вест дека умрел во близина на Серес. Со оглед на тоа што веста беше донесени од „курир“, може да се прифати како целосно веродостојна. Не мина ни месец откако Делчев се сретна со водачите на Организацијата за да го решат прашањето дали наскоро ќе се објави општо востание, или пак ќе се ограничат на герила, со цел да ги исцрпат турските сили, без разлика колку време би било потребно за тоа. Делчев со години беше душата на револуцијата во Македонија. Во таа провинција тој беше подобро познат отколку во Бугарија. Делчев беше идолот на десетици илјади македонски селани. Неговата појава и однос се разликуваа од идејата што би можеле да ја имаме за тоа како изгледа еден воен одметник. Делчев беше човек со средна височина, русокос, синоок, прилично тих, нежен во начинот на кој што им се обраќаше на луѓето. Тој беше остроумен набљудувач, можеше да решава со секавична брзина и ниедна сила на земјата не можеше да го оттргне од неговата цел. Имаше нешто над 32 години. Како многумина други смели водачи и благородни карактери во Организацијата, Џорџо Делчев бил учител. Тој беше образован во бугарската гимназија во Солун – установа која што сега е затворена од Турците и чиишто учители, покрај многуте нејзини ученици, сега се во затвор. Откако ја напушти гимназијата, Делчев влезе во военото училиште во Софија. Потоа стана учител, користејќи ги можностите, при префрлувањето од едно училиште во друго, да ја пропагира револуционерната идеја. Некои од неговите соработници, кои што лично ги познавам и кои на ист начин ги користеа укажаните можности, сега ги очекува судење. Од училиштата и од гимназиите во Македонија излегоа стотици млади патриоти. Пред десет години, Делчев се откажа од својата професија, ѝ се приклучи на Организацијата и набргу стана нејзин движечки дух. Европските читатели мислат дека Борис Сарафов е водачот на револуцијата. Борис Сарафов не е ништо повеќе отколку водач на една боречка чета, и тоа добра. Но вистинскиот водач во последните неколку години беше Џорџо Делчев. Десетина дена подоцна, МакДоналд остварил контакт со еден од преживеаните учесници во битката кај Баница (Димо Хаџи Димов) и на страниците на Daily News ја објавил најраната запишана верзија за смртта на Делчев, раскажана од очевидец на настаните.
ВМОРО ИМАЛ 77 ВОСТАНИЧКИ ОКРУЗИ Смртта на Делчев – Приказна на еден преживеан
Масакр на македонски селани (од нашиот специјален пратеник) Филипополис, 3 јуни
Во едно претходно писмо ја спомнав смртта на револуционерниот водач Ѓорѓи Делчев и дадов неколку подробности за неговата кариера. Колку што знам, досега во весниците беа објавени само неколку неповрзани податоци за битката во која што исчезна (Делчев) и за судбината што ја затече Баница – сцената на битката. Ова што следува и што ми беше раскажано од еден од преживеаните од четата на Делчев, веројатно претставува толку комплетен и детален приказ на настанот, колку што можеше и би можело во иднина да се добие. Нараторот, Димитри Аџидимов, за прв пат им се придружи на востаниците минатиот јануари и стана член на четата на Делчев неколку недели пред смртта на неговиот водач кај Баница. Четата на Делчев, ми вели тој, не беше боречка чета. Нејзината задача беше да ја крстосува Македонија со единствена и експлицитна цел да ги советува, да ги организира и да им врши инспекција на месните револуционерни тела. Во моето претходно писмо истакнав дека само во Македонија има седумдесет и седум востанички окрузи, секој со сопствен комитет. Селото е базата на Организацијата. Окружниот комитет надгледува група села и е во директен допир со врховниот комитет, чиј што раководител беше Делчев. За време на ваква обиколка низ окрузите и селата, Делчев, ми вели информаторот, настојчиво ги убедуваше лидерите на организацијата, без разлика дали се наоѓаат дома или по планините, да избегнуваат конфликт со Турците, но, во блиска иднина, да бидат подготвени за поинакви наредби. „Ние единствено се ангажиравме“, ми вели, „во надгледување на актуелната состојба на Организацијата, со поглед кон скора промена на нејзините тактики. За оваа цел, требаше да се сретнеме со делегација на водачите од серскиот округ во едно село во близина на Баница. Намерата ни беше да стигнеме во селото на 4 мај. Во Баница застанавме вечерта на 2 (мај) за да се одмориме во текот на ноќта“. Баница е мало село со околу сто и петнаесет куќи, сите бугарски. Се наоѓа на околу два часа марш од Серес, главниот град на санџакот, или под-провинција на Солун. Изненадени – бегство кон слободата „Во серскиот округ“, продолжува нараторот, „турските трупи се мошне бројни. Требаше постојано да бидеме на штрек. Кога влеговме во Баница, испративме тројца стражари на оддалечени точки. Верувајќи дека навремено ќе нè предупредат во случај на опасност, полегнавме и заспавме; бевме многу уморни. Бевме само петнаесет души, заедно со Делчев. Се чини дека стражарите биле изненадени, бидејќи не ни испратија никаква порака, па, така, Турците навлегоа во Баница“. Поверојатно објаснување е дека Делчев и неговата чета биле предадени. „Спиевме“, вели Аџидимов, „кога домаќинката на куќата влезе за да ни каже дека селото е сардисано и дека турскиот командант им наредил на сите жители, млади и стари, да го напуштат селото и да се сместат во соседното поле. Јас и дел од соборците се качивме на покривот на куќата. Оттаму можевме да видиме голем број луѓе како се собираат на полето, жените и децата на една, мажите на другата страна. Беа опколени од војници. Можевме да видиме луѓе со вкрстени раце на градите, како да се молат. Добар дел од луѓето сè уште останаа во селото. Претпоставувам дека беа премногу исплашени за да излезат. Додека се криевме во куќата, слушнавме дека турскиот командант ги собрал поповите, учителите, кметот и други првенци и ги праша дали во селото се кријат „комитаџии“. Тие рекоа дека не знаат, а потоа Турците почнаа да ги пребаруваат куќите.
НЕУСПЕШНО БЕГСТВО Тогаш Делчев и соборците започнаа да размислуваат дали да останат сокриени, или да се обидат веднаш да побегнат. Мнозинството, вклучувајќи го и водачот, се одлучија за ова второто, пред сè бидејќи со тоа биле помали шансите за одмазда кон невините селани. „Ако треба да се биеме“, рече Делчев, „и ако тоа можеме да го направиме надвор од селото, можеби ќе го спасиме од уништување“. Петнаесетмината успеаја незабележително да стигнат до маргините на селото. Но, додека излегуваа од него, група Турци што чекаа во заседа, запукаа кон нив. Никој не беше погоден. Тогаш четата започна да трча. Турците испалија втор рафал и Делчев падна мртов. Четниците, иако видоа дека бројните Турци им го попречија патот, повторно започнаа да трчаат. По неколку минутно пукање од двете страни, четата, покрај својот водач, загуби уште шестмина. Осумте преживеани повторно се повлекоа кон селото и се сокрија во една плевна во која тивко направија неколку отвори за стрелба.
Битката кај Баница беше првата и последна битка на Делчев. Целата негова кариера во револуционерното движење беше посветена на задачата да организира и да подготвува. Тој не беше борец. Интересен е податокот дека турскиот командант, Тефиков, беше сокласник на Делчев во военото училиште во Софија. Тефиков, бугарски Турчин, служеше во бугарската армија. Таму стана и офицер. Неговото подоцнежно дезертерство во Турција без сомнение е осамен пример. Бугарските Турци во редовите на кнежевската армија секогаш се однесувале примерно. Меѓутоа, веќе никогаш нема да има турски офицери во таа армија. Колеж на селаните Осуммината во плевната можеа да го чујат плачот и вресокот на жените од селото. Ѓаволите на Тефиков беа зафатени со нивната вродена дејност. Пред да стигнат до плевната, четниците видоа дека турската војска пука и ги коле селаните собрани на полето. Тие можеа да ги чујат плачот и пукањето. Димитри Аџидимов претполага дека Турците започнале со масакрот врз две-
те групи веднаш штом го чуле пукањето во селото. Нараторот продолжува: „Турците не се обидоа да ја преземат нашата позиција. Се обидоа да ја запалат. Но не пробаа тоа самите да го направат. Се плашеа од нашите бомби. Затоа испратија една постара жена со стог сено да ја заврши работата. Плевната веќе беше полна со сено и слама. Штом еднаш започнеше, огнот ќе нè опфатеше за миг. Кутрата старица, мислејќи дека ќе пукаме во неа, се откажа. Турците натераа една помлада жена повторно да се обиде. Јадното суштество беше помеѓу два огна – меѓу нас и нашите пушки и Турците со нивните. Сепак, се обиде, и тоа успешно; потоа побегна. Турците, мислејќи дека бега од опасноста, ја застрелаа додека трчаше. Ја убија и старицата. Видов сè. Прогонети од пламените, стрчавме кон блиската куќа. Се израдувавме дека беше празна. Тоа беше добро построена куќа, погодна да издржи опсада. Веќе беше доцна ноќ. Турците не се впуштија кон нашето ново прибежиште. Но, повремено пукаа кон нас. Пукањето во селото продолжи цела ноќ. За сето време го слушавме плачот на селаните што беа масакрирани од војниците. Во два, или во три часот наутро, плачот престана, како веќе да не остана жива душа. А, пред два часот, избувнаа пламени во различни делови на селото. Турците го уништуваа. Доколку ноќта беше мрачна, лесно ќе побегневме. Но светлината од месечината ќе им овозможеше на Турците да нè лоцираат. Тогаш отсјајот од пламените направи селото да свети како да е ден. Но, рано утрото, пред изгрејсонце, додека пламените исчезнуваа, ненадејно потрчавме, фрлајќи притоа бомба кон групата Турци поставена блиску до нашето десно крило. Изгледа бомбата заврши работа, бидејќи турската стрелба престана веднаш штом падна бомбата. Сè уште бевме во селото. Сега, осуммината, се прегрнавме, се збогувавме еден со друг и се заколнавме дека ниту ќе се предадеме, ниту, пак, ќе им паднеме живи во раце на Турците. Се заколнавме дека заедно ќе умреме. Ни останаа уште три бомби. Повторно потрчавме, фрлајќи една, а потоа и уште една бомба. Бомбите предизвикаа толкава паника кај Турците, што голем број од нив, наместо да пукаат кон нас, побараа засолниште. Од каде и да им ги чуевме гласовите, се упатувавме на друга страна: на тој начин, ужаснатите војници ни помогнаа во бегството. „Сите побегнавме неповредени во шумата. Таму најдовме неколку деца од селото, десет или дванаесет, кои ги пасеа овците. Биле испратени во шумата малку време пред Турците да влезат во селото. Кога разбрале дека има Турци, и подоцна кога го виделе чадот од запалените куќи, се исплашиле да се вратат дома. Верувам дека овие деца се единствените преживеани од Баница, село кое што сигурно броеше најмалку седумстотини жители. Јас и моите седум соборци останавме два дена во шумата. Ги зедовме со нас и децата и ги распределивме низ околните села. Шест од нас отидоа во планините за да ѝ се придружат на некоја друга чета. Двајца отидовме во Бугарија – јас, бидејќи здравјето не ми дозволуваше да останам; мојот соборец, бидејќи е осакатен од ревматизам. Тој отседна во Дупница. Јас стигнав во Бугарија преку Демир Хисар, Мелник и Разлог.
ОГРОМНА ЗАГУБА Организацијата претрпе огромна загуба со смртта на Делчев. Но нејзи-ната работа ќе продолжи сè додека судбината на Македонија не се реши на еден, или на друг начин. Делчев беше извонреден организатор. Но имаме многу мажи, способни да го заземат неговото место. Малку време пред битката кај Баница, Делчев беше во Солун. Европската јавност ја обвинува Организацијата за анархистичките престапи во Солун. Но тоа е неправда. Самиот Делчев и сите ние бевме изненадени и огорчени од нив. Тие ја дискредитираа револуцијата во очите на Европа. Делчев влезе во Солун и се движеше низ градот преправен како патувачки трговец со јајца и овошје. Влезе во градот водејќи го натовареното магаре со една и држејќи кошница со јајца во другата рака. Му плати на ѓумручијата и помина. Верувам дека Македонија набрзо ќе стане сцена на масакри, кои ќе бидат многу поголеми од тоа што досега го посведочивме. Турците го забрзуваат процесот. Малку време по моето бегство разбрав дека турскиот командант на Горно Броди ги повикал жителите да излезат – неколку дена пред уништувањето на Баница – и им рекол дека според султанската наредба, секој маж, жена и дете во село каде што се кријат комитаџии, ќе биде усмртен. Горно Броди се наоѓа на околу три часа марш од Баница. Командантот се заколнал во Пророкот дека ќе ја исполни султановата заповед.
За разлика од лондонските Daily News и The Times, помалите весници во Обединетото кралство на Велика Британија и Ирска не покажале жив интерес за смртта на Делчев, иако истата е регистрирана со извесно доцнење. Така, дури на 26 мај 1903 година, шкотскиот Edinburgh Evening News информира дека „прославениот македонски револуционер, по име Делчев, се известува дека бил убиен во битка против Турците“, а, истиот ден, ирскиот Belfast Telegraph дознава „од доверлив извор од Македонија, дека бил убиен Ѓорѓи Делчев, познатиот водач на Внатрешната револуционерна организација“. Истата вест, со исто толку големо доцнење, ја пренесуваат уште неколку помали весници во Шкотска, Ирска и Англија.
(прегледот на печатот продолжува во следниот број)