Делчев, убиениот бугарски војвода, беше млад резервен поручник, кој ги напушти (воените) редови за време на грчко-турската војна за да се бори како доброволец против Грците – вака се известувало од Баница во Атина а се признава дека Грк бил тој кој ја предал четата кај турските власти
НИКОЛА МИНОВ
Како и во останатите европски земји, првите споменувања на Гоце Делчев во германскиот печат биле поврзани со солунските атентати. Во извештаите што пристигнувале во Берлин од дописниците во Софија, Делчев е опишан како „првиот и најзначаен произведувач на бомби, главен организатор на бунтот и доверливо лице на Сарафов“. Иако во фокусот на германските новинари бил Борис Сарафов, значајно внимание му се посветува и на Делчев, како, наводно, втор човек на Организацијата: „… Следната најзначајна личност меѓу луѓето од акција е Ѓорѓи Делчев, кој ‘работи’ во Солунскиот регион. Тој го крена железничкиот мост во воздух со динамит, главен организатор е на револуцијата и е типичен претставник на теророт“.
Откако Vossiche Zeitung продолжува да го опишува Делчев и ја раскажува нам веќе познатата приказна дека Гоце наводно ја напуштил воената школа во Софија за да им се придружи на Грците во грчко-турската војна, описот финишира со податокот дека Делчев не бил премногу храбар и дотогаш избегнувал да се судрува со турските трупи, како и дека мизерниот живот по планините сериозно му го загрозил здравјето.
МНОГУ ИМПРОВИЗАЦИИ ВО БЕРЛИН Додека новинарите во Берлин им посветувале страници на Сарафов, Делчев и на солунските атентатори, пристигнале и првите информации за судирот во Баница. Неколку пати се зборува за судир на турски војски со чета во околината на Серес, но не се навлегува во детали. Германските новинари дотолку не успеале да поврзат дека загинатиот во Баница бил истиот човек за кој што обемно пишувале во претходните денови, што Berliner Tageblatt истакнува дека „капетанот Доналцев, кој беше убиен во Баница, беше знаменосецот на востаниците“. Меѓутоа, кон крајот на мај, Frankfurter Zeitung стигнува до сигурни податоци за смртта на Делчев и ја објавува една од поинтересните стории за судирот во Баница, која веднаш била пренесена и од останатите весници на германски јазик:
Македонските масакри Берлин, 27 мај – „Франкфуртер Цајтунг“ објавува депеша од својот македонски кореспондент, во која се истакнува дека за време на крвопролевањето извршено од турските трупи на 10 мај во селото Баница, во близина на Серес, сите жители на селото, со исклучок на петнаесет души, биле заклани без разлика на возраста и полот. Во Баница живееја илјада и петстотини семејства. Веста дека масакрот бил последица на присуството на македонскиот востанички лидер Делчев во Баница, се чини дека е потврдена. Турските трупи биле испратени да го убијат страшниот Делчев, или да го фатат жив. Меѓутоа, задачата воопшто не била лесна, бидејќи Македонците се собрале околу својот водач и им приредиле топол пречек на Турците кога овие упаднале во селото. Дури после една долга и очајничка борба, малкуте борбени Македонци потклекнале пред бројната надмоќ на веројатно тројно супериорните турски непријатели. Отпорот на кој што наишле Турците при продорот во селото, дотолку ги вознемирил и налутил, што започнале да ги масакрираат жителите и на крајот ги запалиле сите куќи. Статијата „Македонските масакри“, објавена во Der Deutsche Correspondent на 29.05.1903, p. 4.
НЕМА ДОВОЛНО РУСКИ ИЗВОРИ За жал, до излегувањето на овој текст во печат, не успеавме да ги обезбедиме најтиражните весници од Санкт Петербург и Москва од почетокот на 20 век. Со оглед на рускиот интерес за османлиска Македонија, веруваме дека на страниците на Новое время, Новости дня, Русскій листокъ, Московскія вѣдомости, Петербургская газета и Московскій листокъ може да се пронајдат интересни колумни и вести за битката кај Баница, смртта на Гоце и за неговото значење за македонското револуционерно движење.
Оттука, со жалење констатираме дека овој наш труд е сериозно осиромашен и во иднина ќе биде потребно негово надополнување со вестите од страниците на рускиот печат. Засега ќе треба да се задоволиме со известувањата за смртта на Делчев во останатите делови на пространото Руско царство. Од Финска и Латвија на северозапад, Сибир на север, Украина на запад и Грузија на југ, дневниот печат редовно ги презема телеграмите од руската телеграфска агенција и вестите од медиумите во Виена и Берлин и ги запознава своите читатели со Гоце Делчев.
Така, на 26.04/9.05.1903 година, рускиот весник од Даугавпилс (Латвија), Двинскій листокъ, известува дека во битката кај Баница не бил убиен генералот Цончев, туку предводникот на востаниците – Делчев. Во следните денови истата вест ја пренеле Кавказъ од Тбилиси и Сибирская жизнь од градот Томск. Истовремено, весниците во Сибир, Украина, Карелија и Финска известуваат дека Гоце Делчев бил главен организатор и душа на македонското движење, а веста за неговата смрт предизвикала длабока жал во македонските кругови. Хелсиншки Päivälehti го опишува Гоце како „најистакнат произведувач на бомби и близок пријател на лидерот на македонското движење – Борис Сарафов“ а тиражниот Кіевлянинъ истакнува дека „Делчев беше знамето околу кое со слепа преданост се собираа сите незадоволни“. Весникот Helsingfors-Posten, кој излегувал на шведски јазик во Хелсинки, во статијата „Убиен е водачот на македонските револуционерни комитети“ навлегува и во теориите за предавството на Гоце и, повикувајќи се на извори од Софија, тврди дека „Делчев им падна в раце на Турците преку предавство извршено од грчки шпион и веднаш беше убиен“.
ВО ГРЧКИОТ ПЕЧАТ РЕЧИСИ НИШТО ТОЧНО Делчев, убиениот бугарски војвода, беше млад резервен поручник, кој ги напушти (воените) редови за време на грчко-турската војна за да се бори како доброволец против Грците. Сарафов го ангажираше како супервизор при производството на бомби и минирањето. Во горниот текст, објавен во атински Σκριπ, единствената точна информација е дека Делчев бил убиен! Останатото, дека бил доброволец во турската армија кој војувал против Грците, или, пак, дека бил послушник на омразениот Сарафов, требало само да ја засили еуфоријата кај грчката јавност поради неговото убиство.
Јасно, сето ова се должело на односот на грчката држава кон македонското револуционерно движење и опасноста што ТМОРО ја претставувала за грчките територијални аспирации. Оттука, не треба да изненадува квалификацијата што за Делчев ја дава Ακρόπολις, ниту пак изборот на Εμπρός, од многуте теории за предавството на Делчевата чета, да ја одбере онаа во која што „херојот“ што ги известил Османлиите за присуството на четата во Баница бил Грк: Смртта на озлогласениот водач Делчев. И покрај негирањата на бугарските весници, официјално е потврдено дека во близина на селото Баница, османлиската војска го уби озлогласениот водач Делчев и многу негови следбеници. Како се оценува убиството на Делчев.. Смртта на Делчев, главниот лост на востанието, печатот му ја препишува на некој Грк, кој ги известил Турците дека овој се наоѓа со чета востаници во селото Баница, кое по двочасовна борба беше пеплосано заедно со жителите и востаниците. Оваа значајна загуба се смета за сериозен удар врз востаничкото движење.
Од бројните вести во грчкиот печат за смртта на Делчев, се издвојува извештајот за судирот кај Баница, кој бил испратен до редакцијата на Σκριπ од страна на грчкиот конзул во Серес:
Како беше уништена четата на Делчев? Солун, 26 април Ги дознавме следниве детали за гибелта на дружината на прочуениот Делчев, кои телеграмски ни ги прати грчкиот конзул во Серес. Во средата четата пристигнала во селото Баница, кое е оддалечено два часа пат од Серес, а го населуваат 200 шизматички семејства; четата зела и шеесет млади од селото, кои ги вооружила, па се упатила да го уништи блиското грчко село. Но, рано изутрината, еден селанец ја забележал четата и ги известил воените единици што се наоѓале во близина; овие, пак, откако дочекале засилување од Серес, се впуштиле да ги гонат убијците и го опколиле селото. Овие одбиле да се предадат и почнале да пукаат и да фрлаат бомби врз војската, која, откако нападнала, успеала да ја разбие четата, убивајќи ги повеќето, меѓу кои и водачот Делчев. Кај нив беа најдени објави од Комитетот, топографска карта на серската и драмска област, како и опис на железничката линија. Од фрлените бомби од страна на Бугарите изгореа некои куќи во селото.
СКАНДИНАВЦИТЕ РЕЧИСИ РАВНОДУШНИ Печатот во Скандинавија, Шпанија и Холандија Кралствата Данска, Шведска, Шпанија и Холандија не биле Големи сили и немале економски и политички интереси на Балканот. Затоа и вестите што биле објавувани за настаните во османлиска Македонија биле од втора рака и посиромашни од дотука претставените статии и написи. Новинарите од наведените земји веројатно процениле дека судирот во Баница и смртта на Делчев не продавале весници, па, следователно, и вестите за овој настан се сиромашни и едвај можат да се најдат тука-таму на маргините од весниците.
Скандинавскиот печат, на пример, покажал жив интерес за солунските атентати, но не и за убиството на Гоце Делчев. Данскиот Jyllandsposten, кој имал ексклузивен пристап до владините телеграми и важел за најинформиран весник во Данска, на 8 мај 1903 година известува за судир на чета со турските трупи во село во близина на Серес, во кој четата употребила динамит, а на 15 мај информира и за жестока битка што во претходните денови се случила во близина на Серес, но не го спомнува Делчев. 95 Најтиражниот скандинавски весник, стокхолмски Aftonbladet, воопшто и не известува за судирот кај Баница, а Делчев го спомнува само во контекст на солунските атентати, како „главен организатор на бунтот“.
Еден друг весник од Стокхолм, Dagens Nyheter, на 9 мај 1903 година информира дека по жестока битка селото Баница било запалено од турските трупи, а следниот ден истакнува дека „најважен лик во македонската ‘пропаганда на дејствување’ е Ѓорѓи Делчев“, но воопшто не успева да ја направи конекцијата дека токму Делчев бил убиен во судирот кај Баница. Во Шпанија, пак, небаре се работело за држава на друг континент, вестите за смртта на Гоце биле објавени дури кон крајот на мај, истовремено со нивното публикување во австралискиот и новозеландскиот печат. Всушност, станува збор само за една телеграфска информација од Софија, која via Париз била пренесена од мадридска La Correspondencia de España и други шпански весници, и во која накусо се констатира дека Делчев и востаниците кои тој ги предводел, биле убиени од Турците во Баница. Слична незаинтересираност покажал и холандскиот печат, каде што се игнорира убиството на Делчев. Меѓутоа, на насловната страница на амстердамски De Tijd од 26 мај 1903 година е објавена една мошне интересна статија за обидите на бугарскиот премиер, Рачо Петров, да преговара со ТМОРО во контекст на прекинување на револуционерните борби, во која се предвидува каков би бил одговорот на комитетите и се потенцира огромната загуба што Македонците ја претрпеле од смртта на Делчев.
Новиот бугарски премиер, Петров, сакаше да достави доказ за неговата добра волја за подобрување на ситуацијата на Балканскиот Полуостров. Тој ја извести Портата за својата желба да се постигне согласност во врска со Македонија и притоа вети дека ќе преговара со македонските комитети на Организацијата за да се постигне прекин на револуционерните борби на четите за време на неговите преговори со Константинопол. Се разбира дека Петров тропа на вратата на глувиот кај комитетите, бидејќи со вакви преговори само им се потсмева. Дури и неочекуваната смрт на еден од водачите на движењето, Делчев – огромна загуба за Македонците – нема да го промени овој непомирлив став.
(крај во следниот број)