Во сториите на весниците, без воопшто да постои таква намера, се начнуваат и теми кои што сè уште се актуелни. Тука го издвојуваме проблемот околу етничката припадност на Делчев – прашање кое во последно време ги бранува македонската и бугарската јавност
НИКОЛА МИНОВ
Убиството на Гоце Делчев во Баница е една од најпознатите епизоди во историјата на Тајната Македоно-Одринска Револуционерна Организација (ТМОРО) и општо во македонското револуционерно движење. Раскажана од неговиот биограф и близок пријател Пеју Јаворов во 1904 година, првата и последна битка на Делчев претставува трагичен епилог во сите негови подоцнежни биографии. Освен биог-рафиите, за битката кај Баница и убиството на Гоце се напишани и неколку квалитетни научни статии и куси прилози. Сите тие главно се потпираат на спомените на борците што учествувале во Баничката битка (Димо Хаџи Димов, Михаил Чаков, Станиш Накев, Ѓорѓи Радев и Коце Мутафчиев), на сеќавањата на селани од Баница што при-
суствувале на трагичниот настан и делумно на малкуте извештаи на странските дипломатски претставници во Османлиска Македонија. Затоа, долго време, приказите на Баничката битка биле ТМОРО-центрични и секој нов обид да се прераскаже судирот во Баница претставувал повторување на познатите факти и еднострано ги разгледувал настаните.
Во 1992 година „истрагата“ за убиството на Гоце конечно се помрднала од мртва точка кога Александар Стојановски ги пронашол и објавил „Турски документи за убиството на Гоце Делчев“. Дотогаш главното отворено прашање за убиството било: „Кој го предаде Делчев?“, а теориите се движеле од: предавство извршено од член на Организацијата, предавство од страна на врховисти, грчки шпион и „еден селанец“, до добро организирано предавство кое вклучувало повеќе личности.
Меѓутоа, извештаите на официјалните османлиски власти
покажуваат дека војската знаела за присуството на комитска чета во Баница, но немала информации дека таа била предводена од Делчев, а предавството за кое што се зборува во дел од документите се однесува на четите, не на самиот Гоце. Со ова се заокружиле сознанијата за битката кај Баница и убиството на Делчев, а подоцнежните обиди за пласирање на „четврта верзија за убиството“ и на „нечуен заговор“ организиран од Јане Сандански, Димо Хаџи Димов и други „пријатели“ на Гоце немаат ниту една допирна точка со научната методологија и не може да се земат предвид при реконструирањето на настаните од 4 мај 1903 година.
Современиците на Делчев се одамна мртви. Спомените на преживеаните од Баница се запишани, објавени и до бескрај анализирани и толкувани. Архивските документи се пронајдени и преведени. Треба ли тогаш повторно да го отвораме прашањето за убиството на Гоце? Можен ли е нов придонес кон темата, без да ризикуваме преповторување и неоригиналност?
БИТКАТА КАЈ БАНИЦА На 2 мај 1903 година, на пат од Солун кон Ловчанската корија на планината Али Ботуш, кај што бил закажан конгресот на Серскиот Округ на ТМОРО, Гоце Делчев застанал во селото Баница (Серско). Следниот ден серскиот војвода Ѓорѓи Радев-Бродалијата бил известен дека турската војска му влегла во трагите и дека во Горно Броди биле испратени трупи во потера по серската чета. За да избегне судир со аскерот и да ги поштеди бродските селани од одмазда, Радев се повлекол во Баница. Во исто време и драмската чета на Димитар Гоштанов денувала во горнобродската корија „Леските“, од каде што го набљудувала спокојното движење на војската додека влегувала во Горно Броди. Гледајќи ја спокојноста на аскерот, се успокоиле и комитите. Приквечер Гоштанов и неговите борци биле повикани во Баница за да се сретнат со Делчев и заедно да тргнат на закажаниот конгрес. Два часа пред да осамне, на 4 мај, драмската чета влегла во Баница и се сместила во две куќи во долниот крај на селото каде што веќе биле сместени Делчев, Радев, таму затекнатиот Димо Хаџи Димов и борците од серската чета.
Верувајќи дека во случај на опасност ќе бидат предупредени од тројцата стражари што биле испратени да вардат надвор од селото, уморните комити заспале. В зори револуционерите биле разбудени од домаќинката на едната куќа и од полјакот Ѓорѓи, кои ги известиле дека османлиската војска го опколила селото. Но како и зошто се нашла војската пред Баница, кога четниците очекувале таа да е во Горно Броди?
Како последица на Солунските атентати (28 април-1 мај), а со цел да се спречат нови бомбашки напади, било засилено османлиското воено присуство од Солун до старата турско-бугарска граница. Речиси истовремено со почетокот на атентатите, турските власти добиле сигурни разузнавачки информации дека во Баница и три други серски села обиколувала една бунтовничка чета. Овие информации веројатно се однесувале на серската чета на Радев, за чиешто преследување, освен локалниот жандармериски одред, биле ангажирани уште два одреди редовна војска.
Радев знаел дека војската го следи, но ја очекувал во Горно Броди и затоа се повлекол во Баница. Кога и четниците на Гоштанов го забележале аскерот како се сместува во Броди, Баница навистина се чинела безбедна. Меѓутоа, османлиските воени сили биле известени дека комитите биле во Баница, па, оттука, нивното спокојно движење кон Г. Броди веројатно било само диверзија.
НАПАДОТ ГО ПРЕДВОДИ СОУЧЕНИКОТ НА ДЕЛЧЕВ Неколку часа пред да осамне, жандармериски одред предводен од поранешниот соученик на Делчев, бимбашијата Хусеин Тефиков и близу 300 војници пешадија и коњица се упатиле кон Баница. В зори селото било сардисано. Стражарите затаиле и не ги предупредиле четите. Свесни за турската надмоќ и дека во случај на борба најмногу би настрадало цивилното население, Делчев и останатите четиринаесет борци одлучиле да излезат од Баница.
На крајот од селото, близу до спасоносниот пат кон с. Фраштани и шумата, четниците паднале во за седа. Делчев бил погоден уште на почетокот од престрелката. Освен Гоце биле убиени и пет други борци, а еден бил ранет. Останатите се забарикадирале во една плевна и по, според едни 15-часовна, а според други 30-часовна битка, успеале да си го пробијат патот, фрлајќи бомби кон турските војници. Зад нив Баница останала во пламен. Загинале Делчев, војводата Гоштанов и четири комити. Еден борец бил ранет и заробен од војската. Четири селани биле убиени. Петмина локални изгореле во огнот. Изгореле и 124 куќи. Османлиите имале пет мртви и осум ранети. Кај мртвиот Делчев војската пронашла мапа на која бил прикажан Серскиот реон и упатство за рушење на железничка пруга.
ШТО ПИШУВААТ ПЕЧАТЕНИТЕ МЕДИУМИ Во 1953 година, група од петмина автори, предводена од тогаш младиот Христо Андонов-Полјански, собра, преведе и објави седум статии за смртта на Гоце Делчев публикувани во словенечките и хрватските весници од 1903 година. Во наредните години, пасијата на Полјански за сè што било поврзано со животот и делото на Делчев резултира со уште неколку објавени написи од весниците во поранешните југословенски републики и две научни статии за смртта на Гоце во југословенскиот печат.
Потрагата по информации за убиството на Делчев продолжила во весниците на бугарски јазик. И овој пат прв кој покажал интерес за проблематиката бил Х.А. Полјански, кој во 1953 година објавил еден напис од весникот „Реформи“, а во 1972 година публикувал уште 5 статии од истиот весник и од ќустендилскиот неделник „Изгрѣвъ. Во 1978 година, бугарските историчари објавиле девет стории за смртта на Гоце од „Вечерна Поща“, „Македоно-одрински куриеръ“ и „Реформи“ а во 1983 година дотогашните достигнувања за проблематиката биле заокружени со една интересна статија од Методи Петров. 33 Последното третирање на Делчевото убиство во балканскиот печат од 1903 година било во 2001 година, кога во Софија биле објавени шест стории од три романски весници.
Неуморниот Полјански бил прв кој „излегол“ од балканските медиуми и објавил весникарски стории за смртта на Гоце во западноевропскиот печат. Во четвртиот том од неговата шесттомна едиција за Гоце Делчев, тој презентира текстови од девет англиски, француски, италијански и австриски весници. По повод стогодишнината од раѓањето на Делчев, А. Лебл и Ј. Пшчулковска-Симитчиева објавиле две статии во кои, меѓу другото, се третира убиството на Делчев во унгарскиот и полскиот печат, а до крајот на векот, бугарските историчари објавуваат и еден кус напис од американскиот, како и две информативни стории од британскиот печат.
По подолга пауза, во богатиот зборник на документи „Македонија во странскиот печат“ од 2016 година се објавени две куси телеграфски дојави од австралискиот и новозеландскиот печат, со што интересот за темата е исцрпен. Во долните редови го прошируваме истражувањето на нашите претходници и презентираме статии за битката кај Баница и убиството на Гоце Делчев од над 100 весници од Обединетото кралство на Велика Британија и Ирска (заедно со доминионот Австралија и крунската колонија Нов Зеланд), Австро-Унгарија, Франција, Италија, Германија, Руското царство, Грција, Шведска, Данска, Шпанија, Холандија, Швајцарија и Соединетите американски држави.
Убиството на Делчев не било вест од насловните страници. Информациите за битката во Баница најчесто биле пласирани на маргините од весниците, во рамките на рубриките „Балкан“ и „Странство“. На почетокот на мај 1903 година, Европа сè уште била шокирана од погромот на Евреите во Кишињев, загрижена за немирите на Косово и згрозена од солунските атентати, па затоа овие настани, а не смртта на Делчев, биле главна вест во печатот. Всушност, токму во контекст на солунските атентати, со кои директно бил нападнат западноевропскиот капитал, дотогаш непознатиот Делчев го привлекува интересот на Европа како наводен водач на гемиџиите.
Дури откако од Истанбул и Софија пристигнале информациите за вистинската улога на Делчев во ТМОРО, европскиот печат започнал да покажува посериозен интерес за неговото убиство и за можните последици од неговата смрт.
Пред да ги презентираме весникарските стории, нужно е да дадеме неколку објаснувања и да предупредиме на потенцијални замки. Текстовите за убиството на Гоце биле напишани непосредно по настанот и обилуваат со грешки и преувеличувања. Написите честопати биле подготвувани за да ги задоволат вкусот и стереотипите во Европа и на американскиот „Див Запад“ за „уште подивиот Исток“ и во нив можеме да најдеме неверојатни цифри за бројот на загинатите, спектакуларни стории за храброста на востаниците, сликовити прикази на ориентална жестокост и најразлични теории за извршено предавство. Затоа го упатуваме читателот да ги спореди сомнителните информации со податоците од почетните страници во овој труд, а дел од констатираните грешки ќе бидат третирани во објаснителни фусноти. Во сториите, без воопшто да постои таква намера, се начнуваат и теми кои што сè уште се актуелни. Тука го издвојуваме проблемот околу етничката припадност на Делчев – прашање кое во последно време ги бранува македонската и бугарската јавност.
Точно е дека весниците од 1903 година најчесто го третираат Делчев како „македонски водач“, а често пати го нарекуваат и „бугарски водач“. Доколку кон сториите се настапи селективно и тенденциозно, тогаш би можеле да „докажеме“ дека Европа и Светот во 1903 година сметале дека Гоце бил Македонец, или дека бил Бугарин.
Меѓутоа, авторите на овие стории воопшто не навлегуваат во елаборација на придавките „македонски“ и „бугарски“ и не чувствуваат потреба да објаснат дали истите имаат етничко, религиозно или географско значење. Но тоа што редовно го кажуваат и за што не треба да постои сомнеж, е улогата на Делчев во македонското движење и независноста на Македонската револуционерна организација vis-à-vis комитетите во Бугарија и бугарските политичари.
Така, постоел унифициран став дека Делчев бил „душата на Македонската револуционерна организација“, чија што „загуба е потешка отколку ако паднеа сите офицери на Комитетот“, а ТМОРО е нарекувана „чисто македонска асоцијација, која што никогаш не работеше во хармонија со комитетите во Софија“ и „Организација која искрено ја прокламираше македонската независност како своја цел“.
(Глобус ќе продолжи да објавува статии околу Гоце Делчев и неговото убиство, селектирани по земји)