Францускиот печат имал релативно сигурни извори за битката кај Баница а италијанскиот бил поподложен на сензационалистички пристап. Дури се одело на тоа дека Делчев , наречен „динамитаџија“ го преживеал судирот!
НИКОЛА МИНОВ
Во следните денови, француските весници стигнале до нови, сигурни докази, дека Делчев не бил мртов. La Petite Presse убедливо тврди дека Делчев бил жив, а La Charente објавува дека: Последните вести од Битола се поверодостојни. Македонски извори ја демантираат смртта на водачот Делчев, кој што е жив и здрав на безбедно место. Како што од Истанбул започнале да пристигнуваат потврди дека Делчев загинал во Баница, така и новинарите во Франција започнале да ретерираат од верзијата дека Гоце бил жив. Меѓутоа, иако се признавало дека водачот на македонските револуционери бил убиен, била лансирана поинаква верзија за неговата смрт:.
МАСАКРИРАНИ СЕЛАНИ Убиството на Делчев, Софија, 25 мај Се шири гласина дека Делчев не бил убиен во една од последните битки, туку дека го убиле турски емисари. Овие вести предизвикаа огромна сензација. Делчев навистина беше душата на Македонската револуционерна организација. Тој го подготви целокупниот план и можеби беше единствениот кој ги знаеше сите извори (на информации).
Сепак, пред моќта на фактите, Le Temps конечно објавува дека Гоце Делчев бил убиен во битката кај Баница: Смртта на Делчев Gazette de Francfort пренесува, според кажувањето на учителот Димов, соборец на Делчев во битката кај Баница (на 15 километри северно од Серес), детали за смртта на водачот на Внатрешната организација: Турците, дознавајќи дека Делчев бил во Баница со 15 луѓе, го опколиле селото со 800 души пешадија и со 200 души коњица. Делчев и седуммина од неговите другари загинале во уличните борби; другите од четата побегнале. Потоа Турците ги собрале селаните надвор од селото, ги масакрирале мажите, ги изнасилувале жените, или ги однеле со себе и потоа го запалиле ова село со 115 домаќинства; се спасиле само 15 лица.
Иако интересот на италијанското кралство за османлиска Македонија бил второстепен, поголемите весници во Италија имале свои дописници во разни краишта на европска Турција и не зависеле од информациите на телеграфските агенции од Лондон и Виена. Така, во случајот со смртта на Гоце Делчев, италијанските читатели добивале навремени вести директно од италијанските кореспонденти. Токму на ова се должат и дел од разликите во претпазливите информации објавувани во весниците во Лондон, Виена или Берлин и спектакуларните и преувеличени цифри за судирот кај Баница во италијанските печатени медиуми. Како и во другите европски земји, интересот за Делчев во италијанскиот печат бил поврзан со солунските атентати.
ПОВРЗУВАЊЕ СО СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ Уште на 7 мај 1903 година, на насловната страница на торинска La Stampa, во статијата „Од каде потекнува динамитот?“, Делчев е опишан како „главен организатор на бунтовниците, близок на Сарафов и способен произведувач на бомби.“. Следниот ден, римските Il Giornale d’Italia и Avanti, известуваат за битката кај Баница и смртта на Делчев. Иако и двата весника пишуваат за истиот настан и очигледно се потпираат на ист извор, бројките што ги нудат за загинатите во судирот и епитетите со кои што е опишан Делчев се разликуваат. Avanti пишува за смртта на „некој си Делчев“, во битка во која што загинале 79 четници и 5 Турци, а биле запалени 30 куќи. Il Giornale d’Italia, во статијата „Денови на терор во Солун“, ја опишува смртта на „познатиот Делчев“ во битка во која што револуционерите имале 70 мртви. Истиот извештај следниот ден бил публикуван и во La Stampa, која, малку поскромно, тврди дека во „триесетчасовна битка кај Серес, паднаа Делчев и единаесет Бугари. Турците имаа четири мртви и осум повредени. Џорџо Делчев, познат како организатор на нападите во Солунскиот вилает, беше мошне вешт бомбаш“. Бројката од 11 загинати ја прифатил и миланскиот Corriere della sera, кој во статијата „Смртта на еден македонски водач“ известува за „судир помеѓу трупите и една чета на прославениот динамитџија Делчев, кого Бугарите го глорифицираат како ‘недопирливиот’ и кој остана мртов заедно со единаесет соборци“.
Како умре водачот на бунтовниците Делче? Во врска со битката помеѓу трупите и бунтовниците кај Баница, во близина на Серес, повторно се потврди смртта на прославениот водач Делчев, кој ја киднапираше американската мисионерка мис Стон. Борбата се одвивала како што следува: еден одред од четириесет војници, под команда на мајор, преминал во селото Баница, кое има 150 куќи и е издигнато на рид, по што марширал кон Серес по железничката линија Солун -Константинопол. Откако го оставил зад себе селото, одредот наишол на еден бугарски селанец, кој му се претставил на мајорот и му кажал дека селото било окупирано од чета што пристигнала од Бугарија. Мајорот, увидувајќи дека неговата сила е мала за да изврши напад, испратил неколку војници во Серес, кај што е сместена една воена дивизија, за да повикаат засилување. По седум часа навистина пристигнал пешадиски полубаталјон составен од 400 души. Треба да се истакне дека средбата со селанецот се случила навечер, па затоа и концентрирањето (на војската) се случило во вторникот вечерта. Во мугрите, Баница била целосно опколена; со посредство на еден селанец, мајорот испратил да се повика селскиот кмет, кој беше бугарски поп и му наредил да ги предаде четниците; кметот се вратил во селото и подоцна повторно дошол кај мајорот и изјавил дека бунтовниците одбиле да се предадат. Тогаш мајорот наредил да излезат од селото сите жени и деца, кои веднаш го сториле тоа. Жените со децата побегнале далеку, а Турците започнале да пукаат кон селото, во офанзивна формација. Бунтовниците, 26 на број и потпомогнати од околу 50 селани, одговориле на огнот; но Турците ги збиле своите редови и стигнале до првите куќи, започнувајќи специјална борба, куќа по куќа. Освен што пукале со пушки, бунтовниците фрлале и динамитни бомби; потоа запалиле пет куќи, од каде што огнот го зафатил целото село. Еден дел од четата ја искористил ситуацијата за да побегне низ непријателските редови, (а ова се случи) откако падна ноќта, по околу дваесетчасовна жестока битка. Голем дел од селаните биле најдени мртви, а меѓу нив имало и разни востаници, меѓу кои, заедно со водачот на бунтовниците, Делчев, биле и подвојводите Димитров и Константинов. Делчев, стар мајстор на занаетот, беше еден од најактивните водачи на револтот и го диригираше движењето на Внатрешната организација. Сите бунтовници носеа униформи од сиво платно и беретка над која на бугарски пишуваше ‘слобода или смрт’. Близу до паднатите беше пронајден полиграф, кој служеше за печатење на револуционерен весник. Меѓу разните други хартии пронајдени кај Делчев, имаше и план на градот Серес, со упатство кое го докажува проектот за дистрибуирање на динамитните мини, како (што се случи) во Солун.
СМРТТА НА ГОЦЕ ПОД ПРАШАЛНИК Кога се чинело дека интересот на италијанскиот печат за смртта на Делчев спласнува, тогаш младиот новинар, а подоцна прославен воен кореспондент, Луиџи Барѕини, испратил детален извештај од градот Серес, во кој ги опишува битките помеѓу четите и османлиските трупи и, откако накусо ја спомнува битката кај Баница, ја става под прашање смртта на Гоце.
Настаните на Балканот, Серес, 18 мај …Последниот судир е оној од Баница на 5 мај, каде што беше убиен познатиот Делчев, за кого комитетите од Софија тврдат дека е уште жив. Самите Турци не покажуваат преголема сигурност дека го убиле, бидејќи, телото на наводниот главен водач го закопале на непозната локација, откако го донесоа тука во Серес, тајно, во ноќта за да го фотографираат.
(продолжува во следниот број)