Информациите од Reuters биле зачинети и прилагодени на американскиот вкус, а вестите од Виена и Берлин се губеле во преводот и добивале сосема поинаква форма. Токму затоа, во американскиот печат може да се пронајдат најневеројатни бројки за убиените во Баница, најчудни лични имиња на учесниците во битката, најразлични топоними за местото на судирот и најневозможни теории за тоа кој го убил Делчев
НИКОЛА МИНОВ
На почетокот на 20 век, Швајцарската конфедерација немала економско-политички интереси на Балканот. Следејќи го востановеното правило кај земјите што не покажувале интерес за Османлиска Македонија да не ја запознаваат својата јавност со борбите на ТМОРО со турските трупи, логичен би бил заклучокот дека и швајцарските новинари не известувале за убиството на Делчев. Реалноста била поинаква. Имајќи ги предвид географската положба на Швајцарија и официјалните јазици во државата, во земјата слободно циркулирале весници од соседните држави. На ова се должи и фактот дека повеќето вести за битката кај Баница и убиството на Делчев биле до збор преземани од францускиот, италијанскиот, германскиот и австроунгарскиот дневен печат.
Можеби поради поврзаноста на солунските атентатори со т.н Женевска група, токму во франкофонска Швајцарија бил покажан жив интерес за атентатите, но и за смртта на Делчев, како наводен главен бомбаш и идеен лидер на гемиџиите. Така, во швајцарските весници на француски јазик од мај 1903 година, се објавуваат вести за опсадата на Баница, за храбриот отпор на четата на Делчев, за неговата смрт, како и за неговото значење за Организацијата.
Во прилог следува една интересна сторија објавена во La Liberté, во која авторот на текстот се сомнева дека Делчев бил убиен и сликовито го објаснува Гоцевото значење за Организацијата и неговата витална улога во одржувањето на независноста на ТМОРО. Во Македонија – во Софија сè уште не веруваат дека Делчев бил убиен или ранет и се претпоставува дека тој поскоро се наоѓа во Бугарија, отколку во Македонија. Веројатно станува збор за – можеби намерна – печатна грешка во името од страна на Турците: имено, еден шеф на банда, Дечев, бил тешко повреден пред неколку дена меѓу Џумаја и Серес. Впрочем, доколку навистина се работеше за Делчев, кој е душата на Внатрешната организација и за чија што глава нудат
500 турски лири, Турците ќе поитаа самите да ја потврдат веста. Неговата смрт навистина би била речиси ненадоместлив удар, бидејќи само тој во потполност ги знаеше сите тајни нишки на Организацијата, имињата на соработниците, кадарот, чијшто персонал не се познава од една група до друга, складиштата за оружје, муницијата од динамит скриена во планините. Без Делчев, Организацијата, која секогаш умееше да ја задржи својата независност vis-à-vis комитетите од Бугарија, е под ризик да се најде во небрано. Но, уште еднаш, веста за смртта на Делчев е сè уште предмет на голема претпазливост. Зборувајќи за потфатот во кој тој наводно загинал, Турците наведуваат по дваесетина мртви од секоја страна. Македонците не би дозволиле еден водач кој за нив претставува сè, да биде убиен наспроти толку малку (жртви од другата страна).
Американските медиуми навремено ги известиле своите читатели за битката кај Баница и смртта на Гоце Делчев. Преку лондонски Reuters, виенското Korrespondenz Bureau и берлинско Wolffs Telegraphisches Bureau, вестите за убиството на Делчев биле пласирани на страниците на дневните весници од Њујорк до брегот на Пацификот и Хаваите и од Големите езера до Њу Орлеанс. Меѓутоа, додека го минувале Атлантикот, информациите од Reuters биле зачинети и прилагодени на американскиот вкус, а вестите од Виена и Берлин се губеле во преводот и добивале сосема поинаква форма. Токму затоа, во американскиот печат може да се пронајдат најневеројатни бројки за убиените во Баница, најчудни лични имиња на учесниците во битката, најразлични топоними за местото на судирот и најневозможни теории за тоа кој го убил Делчев:
Смртта на македонскиот водач. Грчки шпион им предаде на Турците каде се наоѓа Делчев London Times – New York Times Специјална телеграма Лондон, 26 мај – Деталните извештаи за смртта на Делчев, познатиот македонски водач, вели дописникот на The Times од Софија, покажуваат дека тој, заедно со поетот Таворов, ја придружувал четата на Војводата и Кирчовски106 и влегол во селото Баница, близу Серес, каде што неговото присуство им било предадено на Турците од страна на грчки шпион. Голема сила го сардиса селото и после долг отпор сите членови на револуционерната чета беа убиени. Се вели дека и жителите на селото, кое беше запалено од Турците, биле убиени. Делчев имаше триесет и две години. Тој беше учител и практично ја создаде сегашната македонска организација, која дејствува во сите делови на земјата… Статијата „Смртта на македонскиот водач“, објавена во New York Times на 26.05.1903, Изјавата дека генералот Делчев, еден од главните македонски водачи, бил убиен во борба со Турците кај Лерин, беше официјално потврдена. Убиен е познат македонски водач Константинопол, 18 мај – Во депеша добиена денес се вели дека Делчев, шеф на Македонците и познат водач, бил пронајден мртов во близина на Хорос. Тој со себе носел целосен план на македонските железници и 10,000 франци. Се верува дека бил убиен од македонскиот комитет, бидејќи бил осуден за предавство. Со оган и меч, турските трупи збришаа македонски град. Четиристотини и педесет лица умреа на ужасен начин во Баница
Софија, 24 мај – Турските трупи се нафрлија на селото Баница и со најужасен бес го збришаа заедно со речиси сите негови жители. Војниците ги убиваа сите, вклучително жените и децата, со најголема бруталност. Офицери и војници користеа мечеви и бајонети и ги фрлаа телата на мртовците назад во куќите кои потоа беа запалени. Бројката на убиени се проценува на 450, а од малото село не остана ништо освен урнатини. Во контекст на последната вест, дел од американските медиуми објавуваат цифра од 1500 убиени семејства во Баница, а како причина за нивната смрт се наведува присуството на Делчев во селото. Во воведните редови од овој труд го поставивме прашањето: дали е можен нов придонес кон една толку експлоатирана тема како убиството на Гоце Делчев? Нужно ли е повторно навраќање кон настаните од кобниот 4 мај, кога веќе се детално раскажани од директните учесници во баничката битка и темелно се анализирани од историчарите? Историјата не е егзактна наука, а дигитализацијата на архивските материјали и на старата периодика овозможува пристап до податоци кои во минатите децении не биле достапни ниту за професионалните историчари. Оттука и одговорот на поставените прашања е позитивен. Без разлика на тоа што приложените весникарски стории нема значително да ги надградат досегашните сознанија за тоа што се случило во Баница, ниту пак ќе изнедрат некоја нова, научно-прифатлива верзија за Гоцевата смрт, со нив конкретно покажуваме како може да се искористи поголемата достапност на изворите за отворање и збогатување на теми кои што се навидум затворени и исцрпени. Дополнителна придобивка од овој времеплов е и можноста што цитираните новински стории ја нудат за отворање на теми кои што не се директно поврзани со убиството на Делчев, какви што се, на пример: перцепцијата на Европа и светот во 1903 година за улогата на Делчев во македонското револуционерно движење и за целите и карактерот на Организацијата што тој ја предводел.
(крај)