КЕЈТ МАРИ БРНЗ
Украина, земја која трпи напади од Русија уште од 2014 година, издржа половина година на масовни бомбардирања, опсади на градови и злосторства врз нејзиниот народ. Украина се бори за да ја одбрани не само својата демократија, туку и сопствениот опстанок како независна земја
На 24 август Украина одбележа 31 година независност. За жал, на истиот ден се одбележаа и шест месеци од неиспровоцираната општа инвазија на Украина од страна на Владата на Русија, напад што толку ја шокираше меѓународната заедница што беше осуден од Генералното собрание на ОН и поттикна две нови земји да побараат членство во НАТО Алијансата.
Мораме да останеме обединети во нашата поддршка на суверенитетот, демократијата и европските аспирации на Украина.
Сите ние ги имаме видено сликите од последиците од руските бомби по цивили засолнети во училишта, театри и болници. Независните медиуми и хуманитарни организации имаат документирано случаи на егзекуции во градовите како што Буча и Ирпин, мачење на униформиран и цивилен персонал, и цели градови, како што е Мариупол, без пристап до основните потреби додека трпат пустош и брутална окупација.
Издржливоста и истрајноста на украинскиот народот го инспирираат светот да ја поддржи нивната борба за слобода. Вооружените сили на Украина храбро се борат за да ги одбранат вредностите што на сите нас ни се драгоцени.
Додека санкциите и понатаму им нанесуваат штета на борбените капацитети на Путин, украинските сили успешно ја бранат својата земја, а украинскиот народ е пообединет од кога било.
Соединетите Американски Држави им имаат обезбедено безбедносна помош во вредност од речиси 10 милијарди ам. долари, откако на 24 февруари Русија започна смислена, неиспровоцирана и брутална војна против Украина. Северна Македонија, исто така, се покажа како непоколеблив партнер, целосно усогласувајќи се со санкциите наметнати од ЕУ и обезбедувајќи голема помош, особено ако се согледа во однос на нејзината големина.
Украинското граѓанско општество ги прошири своите активности во рамките на хуманитарниот одговор, преку насочување на помошта и работа на обновата на заедниците. Хуманитарните работници, од кои повеќето се Украинци, се активни во сите 24 окрузи (области), обезбедувајќи помош за речиси 12 милиони луѓе. САД се горди што ги поддржуваат нивните активности со хуманитарна помош во вредност од над 1,2 милијарди американски долари само оваа година.
Од Плоштадот Македонија до Мајдан, Капитол Хил и до Советот на Европската Унија, широката поддршка за Украина покажа дека неиспровоцираните напади врз суверени и независни држави нема да останат без одговор и дека за тоа се плаќа многу висока цена. Соединетите Американски Држави и нивните сојузници и партнери ширум светот се пообединети од кога било.
Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина и нејзината борба за опстанок, а истовремено ќе работиме на зајакнување на европската безбедност и демократските вредности. Ја поддржуваме Украина бидејќи не може да се пазарите со границите и снабдувањето со храна. Ја поддржуваме Украина бидејќи човековите права се непобитни. Ја поддржуваме Украина, бидејќи така е правилно.
(Авторката е Амбасадорка на САД во Северна Македонија)