Во моментов има две земји каде отворено се разговара за војната, а тоа се Босна и Херцеговина и Украина
Кога Русија го окупираше Крим во 2014 година, рускиот претседател Владимир Путин имаше свое толкување на меѓународното право што и даде право на Русија на полуостровот. Во образложението на воената интервенција, Путин потоа ja спореди анексијата на Крим со НАТО бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година и отцепувањето на Косово од Србија. Според Путин, овие интервенции го прекршиле меѓународното право и направиле преседан, кој потоа едноставно го следела Русија
Изјавата на Путин јасно ја покажа важноста на Балканот и за Русија. Во моментов Русија акумулира војска на украинската граница, а американските разузнавачи предупредуваат дека Кремљ има намера да ја нападне таа земја, најверојатно на почетокот на 2022 година. Официјален Кремљ, се разбира, ги негира обвинувањата и вели дека е „право на Русија“ да распореди војници во нејзините граници. Но, интересно е што украинската криза сега се случува паралелно со втората балканска криза, а веројатно има и паралела на која, засега, официјално никој не укажува.
Во моментов има две земји каде отворено се разговара за војната, а тоа се Босна и Херцеговина и Украина. Во БиХ, член на Претседателството на БиХ и човек кој се претставува како лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, секојдневно дава запаливи изјави, создавајќи атмосфера на обновени разговори за конфликтот во земјата. Во еден момент Додик му се закани на Западот и рече: „Ако НАТО интервенира, тогаш ќе поканам пријатели“. Иако Додик не кажа на кого мисли, алузијата на Русија беше јасна, а уште појасно е дека морал да има дозвола од некого за да изрази таков став.
На 30 ноември, кога членките на НАТО во Рига разговараа за ситуацијата во БиХ и кога на маса се појави идејата за испраќање дополнителни „стабилизациони сили“ во земјата, Милорад Додик истиот ден ја посети Москва и се сретна со Владимир Путин. Посетата на Додик на Москва истиот ден со состанокот на НАТО на кој се разговараше за ситуацијата во БиХ беше јасна порака од Руската Федерација до НАТО. Ако пак интервенирате на Балканот, ние имаме право да интервенираме во Украина, а таа порака не е нова, бидејќи Владимир Путин еднаш ја испрати истата порака кога го окупираше Крим.
Русија во минатото покажа дека нема механизми воено да им помогне на своите сојузници на Балканот, а сега ситуацијата за Москва е уште полоша, бидејќи, речиси сите источноевропски земји влегоа во НАТО. Додека Москва нема начин физички да им помогне на своите сојузници на Балканот, Русија може да влијае преку своите сателити во Унгарија, Србија, Босна и Херцеговина и слободно може да се каже дека стратегијата на Русија дава добри резултати и го амортизира западното влијание во Југоисточна Европа. Оваа ситуација покажува дека формалното членство во НАТО не е гаранција за демократизација на земјата, затоа САД и ЕУ мора да внимаваат на спроведување на суштински реформи во некои членки на НАТО и ЕУ, инаку разни Орбани и Јаниш сепак ќе бидат тројански коњи во НАТО структурите..
(istraga.ba)