Русите сега почнуваат да користат многу стара опрема, со застарени способности. Тие ќе мора да се фокусираат на количината. Имаат поголем број регрути и мобилизирани. Но, тие не се добро обучени и се постари. Ги има многу, но не се толку прецизни како новите сили, велат од НАТО.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на армијата на неговата земја и треба повеќе време за да ја подготви очекуваната контраофанзива за да ги потисне руските окупаторски сили.
Во интервју за Би-Би-Си, тој рече дека би било „неприфатливо“ да се изврши напад сега – затоа што ќе бидат изгубени премногу животи.
„Со она што го имаме можеме да одиме напред и да бидеме успешни. Но, би изгубиле многу луѓе. Мислам дека тоа е неприфатливо. Затоа треба да почекаме. Ни треба уште малку време“, рече Зеленски.
Интервјуто со украинскиот претседател, наводно, било спроведено во Киев и претставниците на европските јавни служби – вклучително и Би-Би-Си – имале можност да разговараат со него.
Украинска контраофанзива против руската армија се очекува со недели. Украина добива напредно западно вооружување, вклучително и тенкови и противвоздушна одбрана, како и западна обука за нејзините војници.
Во четвртокот, Велика Британија беше првата што одлучи да и испорача на Украина крстаречки ракети со долг дострел, што ќе им овозможи на украинските сили да ги таргетираат руските трупи и резерви длабоко зад линијата на фронтот.
Киев со месеци бара ракети со долг дострел, но помошта од Британија и другите сојузници, вклучително и САД, претходно беше ограничена на оружје со помал дострел.
„Нема едноставно да го игнорираме фактот дека Русија убива цивили. Русија мора да признае дека само нејзините дејства доведоа до испраќање на овие системи во Украина“, рече британскиот министер за одбрана Бен Валас.
Валас рече дека Британија испраќа ракети „Олуја сенка“ во Украина за употреба на нејзина територија, сугерирајќи дека Лондон добил гаранции од Киев дека тие нема да се користат за гаѓање цели во Русија. Кремљ претходно најави дека руската армија „адекватно ќе одговори“ доколку Британија испрати ракети во Украина.
Силите на Кремљ се присутни во источните региони на Украина, а контраофанзивата на Киев најверојатно ќе се соочи со мински полиња, противтенковски ровови и други пречки.
Висок претставник на НАТО изјави дека во наредните месеци од војната Украина ќе има предност во квалитетот, но дека Русија ќе има предност во квантитет.
„Русите сега почнуваат да користат многу стара опрема, со застарени способности“, рече Боб Бауер, претседател на воениот комитет на НАТО.
„Русите ќе мора да се фокусираат на количината. Поголем број регрути и мобилизирани. Но, тие не се добро обучени и се постари. Ги има многу, но не се толку прецизни како новите сили“, вели Бауер.